1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓукановиќ се повлекува од владата

БГ
26 октомври 2016

Ветеранот на црногорската политика Мило Ѓукановиќ се повлекува од премиерската функција, а ќе го наследи кадар од неговата партија ДПС, која победи на изборите пред две недели.

https://p.dw.com/p/2Rhw3
Djukanovic zum dritten Mal Regierungschef in Montenegro
Фотографија: picture-alliance/dpa/B.Pejovic

Демократската партија на социјалистите соопшти дека за нов премиер ќе го предложи досегашниот заменик на Ѓукановиќ и поранешен шеф на националната безбедност, Душко Маровиќ.

Се очекува партискиот врв да ја одобри одлуката вечерва.

Ѓукановиќ, кој сепак ќе остане партиски лидер, со децении доминира на црногорската политичка сцена, извршувајќи ги премиерската и претседателската функција од 1991 година наваму. Ѓукановиќ имаше 29 години кога за првпат беше избран за премиер и со тоа стана најмлад претседател на влада во Европа.

Досега на двапати Ѓукановиќ заминуваше од премиерската функција, но остануваше на чело на ДПС, еднаш во 2006 и вторпат во 2010, но се враќаше на чело на владата по двегодишни паузи.

Во последните години Ѓукановиќ ја насочи државата кон поблиски односи со Западот и кон членство во НАТО и ЕУ, но неговите критичарите го обвинуваат за корупција, кронизам и врски со организираниот криминал.

На изборите на 16 октомври, ДПС освои 36 од вкупно 81 место во парламентот, и сега и се потребни коалициски партнери за повторно да состави влада.

Изборите беа нарушени со апсење на 20 српски државјани обвинети дека планирале напади врз државни институции. Опозицијата ги отфрли апсењата како смислена пропаганда на ДПС и соопшти дека не ги признава резултатите од изборите.