1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државните функционери одат на минимална плата

БГ
31 март 2020

Техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска го најави вториот пакет-мерки за економијата за справување со кризата со коронавирусот. Ќе се субвенционираат платите и придонесите на работниците.

https://p.dw.com/p/3aFbg
Oliver Spasovski, Prämierminister Nordmazedoniens
Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Платите на вработените во јавната администрација нема да се кратат, но сите државни функционери, од шефот на државата, преку премиерот, министрите, директорите и градоначалниците во локалната самоуправа, во следните месеци ќе земаат минимална плата од 14,500 денари. Премиерот Оливер Спасовски денеска ги најави новите мерки и повика на солидарност од сите во општеството за надминување на кризата која ја предизвика пандемијата на коронавирусот.
Мерката за намалување на платите во јавната администрација ја предлагаше владејачката СДСМ, а Спасовски вели дека при носењето на владините мерки се консултирани сите водечки експерти и стопанственици во државата. 
Во пакетот влегуваат серија мерки кои меѓудругото предвидуваат:

  • Финансиска поддршка за приватните фирми за исплата на плати на работниците за април и мај, и субвенции до 50% за придонесите. Сите фирми кои ќе добијат поддршка имаат обврска да го задржат истиот број вработени до септември годинава. Услов од владата се овие фирми да не исплаќаат дивиденди. Од враќање на помошта ќе бидат ослободени фирмите кои годинава ќе прикажат загуба;
  • Спортистите и уметниците во следните два месеци ќе добиваат минимална плата од 14,500 денари;
  • Граѓаните што останале без работа ќе добиваат плата од државата во висина од 50% од нивната просечна плата во следните 6 месеци;
  • Сите избрани функционери ќе примаат минимална плата во април и мај. Мерката не ги опфаќа вработените во здравството;
  • До крајот на јуни се запира закон за извршување;
  • Се одложува отплатата на кредити кај банките за правни и за физички лица, за период од 3 до 6 месеци;
  • Бескаматни кредити за микро, мали и средни претпријатија, на три години со грејс период од 12 месеци.

Владата донесе одлука да се формира и солидарен Ковид-19 фонд во кој ќе влегуваат сите донации од правни и физички лица за справување со коронавирусот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи