1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јанева за ДВ: Доста е!

22 февруари 2017

Од СЈО најавуваат повеќе жалби до Советот за утврдување на факти, но и кривична пријава против судијката Татјана Михајлова за фалсификување на службена исправа (записник, н.з.).

https://p.dw.com/p/2Y4Fq
Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Досега ги игнориравме, но веќе е време јавноста да знае дека судиите не може да се кријат зад нивните функции, повикувајќи се на имунитетот и на слободното и независно судиско искажување, бидејќи овде се работи за повреда на кривичната постапка, вели обвинителката Катица Јанева, потсетувајќи дека голем број одлуки на Европскиот суд за човекови права во Стразбур се однесуваат токму на повредата на таа процедурална рамка. 

Таа најавува повеќе жалби до Советот за утврдување на факти, но и една кривична пријава.

„Веќе се изготвени жалби до Советот за утврдување на факти, за судии кои ја повредуваат кривичната постапка во делот на предистражната и истражната постапка, но и во делот на закажаните рочишта по предмети. Таква претставка ќе има и за судијката Татјана Михајлова, а против неа ќе поведеме и постапка по членот 361 од Кривичниот законик, за фалсификување на службена исправа“, изјави Јанева за Дојче веле.

Повод за последново, е постапката на судијката на денешното рочиште за случајот „насилството пред Општина Центар“, во кој е обвинет и поранешниот премиер, Никола Груевски. Тој беше присутен, но судењето беше одложено за 10. март, поради тоа што дел од обвинетите не беа присутни во судницата. Како причина за претставката и пријавата, Јанева ги наведува постапките на судијката Михалјова на денешното рочиште.

„Сакавме да прашаме зошто не ни е доставена аудио-визуелната снимка од претходното рочиште, што ја имавме побрано, а не ја добивме. На тоа судијката констираше дека обвинителката Фатиме Фетаи се однесува недолично, бидејќи зела збор без да ѝ го даде судијата, што не беше точно. Зборот 'недолично' судијката го издиктира и во записникот, на што реагирав јас и побарав да го избрише, бидејќи не беше соодветен. Но таа продолжи, а притоа и погрешно го цитираше името на нашата институција, на што исто така реагиравме“, објаснува Јанева. Обвинителките укажале и дека предмет не може да се суди ако некој ја опструира работата на тоа Обвинителство.

И Јанева и Фетаи заради овие реакции од судијката се казнети со по 2.000 евра.

Mazedonien Sonderstaatsanwältin Ristoska, Janeva und Fetai in Skopje
Јанева (во средина) и Фетаи (д.) се казнети со по 2000 евраФотографија: DW/P. Stojanovski

Атак врз судскиот систем“

Реакциите продолжија и надвор од судницата. Груевски рочиштето го оквалификува како „театар“, а неговиот адвокат Никола Додевски изјави дека „нема друго објаснување, освен дека е однапред подготвено сценарио за да се изврши флагрантен притисок врз судијата".

Со соопштение се огласи и Основниот суд Скопје 1. 

„Во досегашното 72-годишно постоење на Основниот суд Скопје 1 - Скопје, не се памети вакво однесување и непочитување на Јавен обвинител во судница, како кон судот, судската власт, така и кон судијата кој ја води постапката, како што присутните можеа да го видат на денешното судење“, се вели во соопштението од Судот.

Во него, однесувањето на обвинителките Јанева и Фетаи е оценето како „дрско, крајно непрофесионално, злупотребувајќи го правото на збор и погазувајќи го секој принцип од кодексот на јавно обвинителска етика“, а однесувањето на судијката Михајлова, кој е и в.д. претседателка на Судот, е опишано како „мирно и достоинствено, како што доликува на вршител на судската власт“.

„И покрај опoмените, истите не престанаа да навлегуваат во збор на судијата, да го навредуваат, а со тоа да го нарушуваат редот во судницата. (...) Од сите овие причини судечкиот судија, согласно член 7 од Законот за СЈО, а во врска со член 361 од ЗКП, донесе одлука предметот целосно да го достави до Советот на Јавни обвинители како единствено тело надлежно да се признесе околу однесувањето на јавните обвинители од ова обвинителство“, соопшти Кривичниот суд, оценувајќи го однесувањето на обвинителите од СЈО како „атак врз судскиот систем на Република Македонија“.