Јасна победа на Орбан и Фидес
4 април 2022Партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан оствари многу појасна победа на парламентарните избори во Унгарија отколку што се очекуваше. Според прелиминарните резултати, Фидес освои 53,1% од гласовите, додека опозициската коалиција која ја предводеше Петер Марки-Зај доби 35% гласови. Марки-Зај го призна поразот и оцени дека победата на Фидес се должи на огромната пропагандна машинерија на партијата и нејзината доминација во медиумите.
Фидес освои 135 места во парламентот, а опозициската коалиција - 56 места, што значи дека партијатана Орбан ќе има двотретинско мнозинство во парламентот. Десноекстремната партија Наша татковина исто така влегува во парламентот, со освоени седум пратенички места.
Орбан со Фидес владее од 2010 година. Пред четири години Фидес со 49% од гласовите тесно освои двотретински мнозинство во парламентот, поради што опозицијата, составена од шест партии, овојпат настапи заедно.
„Постигнавме огромна победа, таква што се гледа дури и од Месечината, а од Брисел сосема сигурно“, изјави Орбан во текот на изминатата ноќ (3/4.04) пред своите приврзаници. Со тоа тој алудираше на постојаните конфликти со ЕУ, чија членка Унгарија е од 2004 година.
Истражувачите на изборите сметаат дека неочекувано јасниот успех на владиниот табор во Унгарија се должи на фактот што мнозинството гласачи се задоволни од состојбата во земјата. Условите за живот на многу Унгарци се подобрија за време на 12-годишното владеење на Орбан.
Изборната кампања во Унгарија беше одбележана од војната во Украина, која ги потисна поранешните теми, како корупција, висока инфлација, економски проблеми и односот на Унгарија кон ЕУ. Орбан ја осуди руската инвазија на Украина, но избегнува лични критики за рускиот претседател Путин.
Со своето тврдење дека само тој може да ја „држи Унгарија надвор од војната“, Орбан го прикрива својот близок однос со раководството во Москва. Тој со половина срце ги поддржа санкциите на ЕУ против Русија и, без да даде докази, ја обвини опозицијата, дека „ја вовлекува земјата во војна“.