1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јозеф Рацингер: Од професор до папа

ЕМФ/епд/дв11 февруари 2013

Кога Јозеф Рацингер беше избран за папа, тој сакаше да го промени профилот на католицизмот. Не се измори во своето афирмирање на екумената, но истовремено и ги нагласуваше разликите меѓу конфесиите.

https://p.dw.com/p/17c44
Фотографија: Getty Images

Јозеф Рацингер е роден пред 85 години, на Велика сабота во 1927 година, во малиот град Марктл на Ин, во германската покраина Баварија. Тој е најмало од трите деца во семејството на жандарм и готвачка. Наводно уште како мал сакал да биде кардинал. По Втората светска војна, како 19-годишен, ги започна студиите по теологија и филозофија. Дипломира, докторира и стана професор во Фрајзинг кај Минхен. Наредни станици му беа Минстер, Тибинген и Регензбург. Набргу стана надбискуп од Минхен, а на 50-годишна возраст и кардинал. 4 години подоцна, во 1981-ва, тогашниот поглавар на Црквата Јован Павле Втори го назначи за префект на конгрегацијата за верата, највисок чувар на верата по самиот Папа. Во 2005-та беше избран за 265-ти Папа во историјата на Римокатоличката црква.

За разлика од својот харизматичен претходник од Полска, во својот досегашен мандат поранешниот професор негуваше ред се‘ академско соочување, неформално се среќаваше со своите поранешни ученици, но и со своите критичари. Покрај говорите, Апостолските списи и трите Енциклики, поглаварот на Римокатоличката црва дејствува преку своите книги. Теологот ја објави својата прва книга за Исус во 2007 година. Вториот од трите тома на делото посветено на делото и пораките на Исус од Назарет се појави во 2011 година.

Еуфоријата што го следеше кога беше избран за папа набргу му отстапи место на критичкото набљудување. Во многу работи Бенедикт Шеснаесетти оствари континуитет - исто како Јован Павле втори ги посетува католичките црковни провинции во сите делови на светот, ги води и натаму Светските денови на младите и продолжува со меѓурелигиските мировни средби.

Како поглавар Бенедикт се залага за дијалог со протестантската, но пред се‘ со православната црква. Постојано удар врз напорите на папата за дијалог нанесуваа настаните поврзани со укинувањето на екскомуникацијата на традиционалнистичкото „Братство Пиј“, чиј дел беше и негаторот на холокаустот Ричард Вилијамсон. Тоа предизвика меѓународни критики на сметка на курсот на Рим.

Главно критички беа дочекани и реакциите на Ватикан на скандалот со злоставување во католички установи во Германија, Белгија, Холандија и Ирска, кој изби во 2010 година. Како префект на конгрегацијата за верата тој надлежноста за случаите ја врза за црковните органи, а како папа се залагаше за разјаснување во соработка со државните власти.

Интеррелигиозните рунди разговори со евреите и муслиманите во времето на Бенедикт се интензивирани. Папата меѓутоа не гледа потреба од разговор околу барањата за обновување на црквата. Тој ги отфрла барањата за внатрецрковни реформи.