1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

„Ботаничкиот стакленик“ за етерични билки на културата

30 септември 2019

Македонската држава во транзицијата ја изгуби свеста за важноста на културата. Примитивизмот и провинцискиот дух станаа новото лепило за привидот на единство во македонското општество. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/3QStm
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Еден германски новинар ме праша неодамна како ја доживував Југославија. И самата си го поставив тоа прашање пред четиринаесет години, кога го пишував романот „Снегот во Казабланка“. Таму писателката Дина Аспрова, родена во седумдесеттите во Скопје, ја нарекува Југославија „голем ботанички стакленик“ за етерични билки, со сета душа предадени на уметноста и културата. Земјата во која се родивме и растевме ние, генерациите родени по Втората светска војна, всушност, беше еден особен просветителски проект. Во него централно место имаа образованието, уметноста и културата. Југословенските идеолози веруваа дека културата и образованието се  најмоќното лепило, кое од државата на неколку народи ќе направи цврста заедница. Културата имаше највисок статус во јавната свест, затоа што ја градеше и националната свест. Иако и руската литература беше застапена во наставните програми во гимназиите, за нас симболот за културата секогаш беше Западот. Верувавме дека ѝ припаѓаме и ние, во Југославија. Тоа ни го потврдуваше и Западот, кој југословеснкиот модел го нарече „социјализам со човечки лик“. Додуша, во мигот кога тој модел пропадна, Југословените за Западот преку ноќ станаа варварски „Балканци“. Етеричните билки на духот, како Дина Аспрова, се тешеа дека најдрагоценото нешто кое во „ботаничкиот стакленик" им беше всадено во срцето, не може никој да им го одземе - културата, уметноста и науката. Тие веруваа дека нивното познавање на светската литература и уметност ќе  биде клучот кој ќе ги отвори портите на светот за нив, кога тие, како сите бродолмници, ќе побараат на Западот спас од балканското лудило на војните.

Дина Аспрова копнее по Западот, во чија култура и уметност гледа „роднинство по дух“. Еден од лајтмотивите на романот е разочарувањето на југословенските емигранти на Западот, затоа што тој во нив не се препознава себеси. Тие се зачудија зошто никој таму не ги прашува што мислат за  „Фауст“ на Гете, за „Процес“ на Кафка, за „Човекот без особини“ на Музил. Тие, притоа, забораваа дека никаденикој не ги прашува бегалците што биле тие некогаш, во татковината. Бегалството ги брише белезите и ги прави бегалците невидливи за другите. А југословенските уметници во западниот егзил чекаа некој да им даде шанса да ја покажат својата европска образованост. И се зачудија кога сфатија дека западноевропската култура не се интересира за нивната генијална интерпретација на  романот на Музил или на Кафка. Тие, пак, Западноевропејците, веќе знаеја сѐ и за Музил и за Кафка. Тие од преживеаните од  „ботаничкиот стакленик“  повеќе сакаа да чујат што мислат тие за варварскиот Балкан. Дали таму, навистина, народите меѓу себе по секои пет децении се колат во братоубиствени војни? Всушност, западните култури повеќе сакаа „Балканците“ да им потврдат дека нивните стереотипи за Балканот отсекогаш биле точни. Како што и самиот Балкан во постјугословенскиот период ги потврди тие стереотипи на трагичен начин. Затоа не е без  симболика тоа што од југословенските уметници некаква шанса во светот добија само оние кои во своите дела го илустрираа стереотипот за егзотичниот и варварски Балкан. Таков е, според мене, Кустурица. А дури и познати актери, како Раде Шербеџија, во америкаснкиот егзил можеа да глумат само балкански грубијани или руски криминалци.

Националистички фанатизам среде етерични билки на уметноста

Тоа, пак, не зачудува. Затоа што тоа е одамна познатата судбината на секој уметник во егзил. Адорно ја искусил на своја кожа во американскиот егзил. Во еден фрагмент во „Минима Моралиа“ напиша дека духовното искуство на емигрантот не може да се пренесе во егзилот. Неговиот пријател, филозофот Макс Хоркхајмер, во американскиот егзил сето време имал „творечка блокада“. Не можел да пишува. Солженицин беше интересен за западната јавност само додека беше дисидент во Советскиот сојуз. Во моментот кога стигна во западна Европа, тој  не само што ја изгуби „својата тема“, туку и привлечноста за западните интелектуалци. Во егзил тој не напиша ништо значајно. Разочаран во европскиот егзил е и прочуениот кинески сликар и дисидент, Аи Веи Веи. По четиригодишниот престој во Берлин, каде ги имаше сите услови да работи во огромно ателје и да предава на универзитетот, тој ова лето изјави дека ќе ја напушти Германија. Затоа што нејзината култура била толку силна, но толку „егоцентрична“, што тој не можел што да ѝ каже повеќе ништо. Јас, пак, сметам дека германската култура не е поегоцентрична од англиската или француската. Се работи за тоа што тој нема што да ѝ каже на таа култура токму од Германија. Тој нејзе можеше да ѝ каже нешта што ја интересираат германската култура само додека беше дисидент во Кина. Во мигот кога дојде во Европа, тој стана ист како сите уметници. Тој го немаше веќе околу себе „непријателот“ – кинеската држава – која му ја нудеше и само неговата тема на дисидент во Кина. Надвор од Кина тој ја губи автентичноста. Оти на Западот никој веќе не го загрозува и гони. 

Најтрагичното сознание за постјугословенскиот уметник во егзилот беше фактот што реалноста во неговата земја на светот му ги даваше најдобрите докази за варварскиот Балкан. Тоа постојано фрлаше сенка и врз неговата егзистенција во егзил. Лудилото и варварството, во кое југословенскиот простор се претвори со  братоубиствените војни, ги шокираше творците и интелектуалците. Тие немаа одговор како тоа можеше да се случи во земјата која се гордееше со културата, со уметничкото творештво? Како беше можно во истиот „ботанички стакленик“ да се одгледуваат етерични билки на уметноста, восхитени од Пруст и Бекет, но и отровните билки на омразата и националистичкиот фанатизам? Како беше можно среде сета култура во Југославија, да дојде до таква регресија во варварство и омраза? Истото прашање си го поставуваше  и  Адорно во „Негативната дијалектика“. Како беше возможен Аушвиц среде сета германска култура? Во  „Дијалектиката на Просветителството“, Адорно и Хоркхајмер напишаа дека Просветителството самото води во варварство. Затоа што се темели на принципот на насилството врз „неидентичното“, различното од рационалноста и поимноста. На пример, врз потчинувањето на природата со силата на разумот.

Културата беше прва жртва на транзицијата

Дека тој „ботанички стакленик“, со просветителски проект да ги преобрази  народите во Југославија во мирољубиви граѓани, обединети околу една идеја, без разлика на етничката припадност, сепак, имал некоја  „генетска грешка“, стана јасно во замреноста во мигот на смртта на Тито. Во сликата на милионите кои плачеа како малечки деца кои го изгубиле силниот татко. Од тој миг започна агонијата на распаѓањето. Новите билки, отровните, кои очигледно растеа невидливо крај етеричните орхидеи на духот во „ботаничкиот стакленик“ Југославија, имаа своја, милитантна култура. Уметниците како Дина Аспрова од мојот роман не ги изневери западноевропската култура, на која отсекогаш ѝ се восхитуваа. Ги изневери токму светот во кој се родија и растеа. Ги изневерија тие, кои со нив седеа во исти школски клупи. Тие очигледно беа оние што никогаш не се восхитуваа на Западот како култура. Тие беа оние, кои не копнееја да го освојат светот со својот култивиран дух. Иако имаше и исклучоци. Оти и Шешељ студирал филозофија во Југославија, како и Ѓинѓиќ.

Други колумни од авторката:

Вистинската величина на регионот Македонија

Македонската состојба на духот

Граматика и политика: Nord-Mazedonien или Nordmazedonien?

Сепак, дека културата не е возможна без вистински слободни личности, способни за критичко  преиспитување на секоја идеологија и пропаганда, стана јасно дури во постјугословенската транзиција. Многумина тогаш слободата ја разбраа како беззаконие и самоволие. Првата жртва на транзицијата затоа беше токму културата. Затоа што таа не носи пари и не му помага на човека брзо да се збогати. Транзицијата, пак, е македонското време на брзото збогатување, на криминалот и корупцијата, на непотизмот и на неограничената власт на врските и протекциите. Иако државата продолжи да ја поддржува културната продукција во земјата, сепак, културата полека се губеше од  вредносната скала на политиката и на партиите. Примитивизмот и провинцискиот дух станаа новото лепило за привидот на единство во македонското општество. Националистичката митологија стана новата парадигма. Најгрдото сведоштво за тоа е Скопје 2014. Притоа, иако во Македонија во транзицијата имаше интензивна дејност на невладиниот сектор, тој мал слој на независната култура не може да обликува критичка свест и естетски вкус кај голем дел од граѓаните. Најголемиот дел од граѓаните станаа некритични конзументи на националистичката реторика. Културата, пак, бара самосвесни личности, а не пасивни конзументи. За формирањето на самосвесни, култивирани личности услов се стабилните културни институции, кои културата ја разбираат и поддржуваат како долгорочен проект за културно, творечко и естетско обликување на вкусот, мислењето, вредностите. За жал, македонската држава во транзицијата ја изгуби свеста за важноста на културата. Тоа го потврдува деградирањето на политичкиот ресор на културата во средство за коалициона трампа. Тоа се случува и затоа што неконтролираната комерцијализација и желбата за брзо збогатување станаа силен двигател и во политиката. Четириесет и петте години културна традиција по НОБ, очигледно, не беа доволни како гаранција дека вистинската свест за значењето на културата нема толку брзо да ја уништи суровоста на македонската транзиција.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.