„Југословенскиот Алкатраз“
10 јули 2009„Според проценките, помеѓу 12 и 50 илјади дисиденти беа изолирани во логорот на островот, беа изложени на тортура и принудени на бесполезна најтешка физичка работа. Во ’пеколот на Јадранот‘ Тито прво ги прати своите поранешни другари – по прекинот на односите со Советскиот Сојуз во 1948, без судски процес илјадници сталинисти беа депортирани на Голи Оток", известува „Ди велт".
Во написот е расветлена судбината на еден од логорашите, денес 78-годишниот пензиониран гинеколог Бранко Митровиќ од Белград. „Затвореникот прекомандуван да крши камења во ’јадранскиот Алкатраз‘, бил истоштен од горештина, недостиг од вода, епидемии и од тепање од чуварите. По неговото ослободување во 1951, никогаш не бил рехабилитиран, огорчено вели Митровиќ. ’Што беше Гулаг за Сталин, беше Голи Оток за Тито‘. По повторното приближување меѓу Белград и Москва, кон средината на 50-тите години, беа ослободени последните просоветски дисиденти. Потоа на островот беа прогонети не само криминалци, туку и критичари на режимот од секоја боја".
Во написот потоа се зборува за акцијата на Доброслав Парага и Ернест Брајдер по смртта на Тито, за собирање потписи за амнестија на политичките затвореници. Обајцата завршиле в затвор, од кој Брајдер не излегол жив. На крајот од прилогот се вели: „Дури и по независноста на Хрватска никогаш не дојде до рехабилитација на политичките затвореници. ’Структурите што го создадоа логорот и натаму живеат во Хрватска‘, смета Парага. На политичарите во Загреб би им било најмило се’ да се распадне, да исчезнат сите траги".
Автор: Ди Велт
Превод: Зоран Јордановски
Редактор: Александра Трајковска