1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер очекува проширување на ЕУ

ЕМФ /агенции
9 ноември 2017

Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер очекува проширување на Унијата со најмалку две балкански држави до средината на идната декада.

https://p.dw.com/p/2nLQz
Belgien EU-Gipfel Jean-Claude Juncker
Фотографија: Reuters/D. Pignatelli

Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, очекува до средината на наредната деценија проширување на ЕУ со најмалку две земји од Западен Балкан. Тој смета дека Србија и Црна Гора „ќе станат членки на Европската Унија пред 2025 година“.

Јункер уште во септември, во текот на својот годишен говор за состојбата на Унијата, оцени дека ЕУ би морала „да даде веродостојна перспектива за проширување за Западен Балкан“ со цел да ја „гарантира стабилноста во своето соседство“. Тогаш меѓутоа рече дека е јасно оти до крајот на мандатот на неговата Комисија, во 2019 година, нема да има проширување.

Шефот на црногорската дипломатија Срѓан Дармановиќ во текот на својата посета на Скопје денеска рече дека „Црна Гора смета оти секоја земја треба да биде оценувана според постигнатите резултати“. Одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија би можела да ги стигне Србија и Црна Гора и до 2025 година сите три држави да станат членки на ЕУ, Дармановиќ изјави дека принципот на оценување според постигнатите резултати е одличен и би можел да биде особено корисен за Македонија: „Ако реформите одат добро, зошто Македонија не би влегла во кругот на овие земји кои се спомнати? Изјавата на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер е охрабрувачка“, уверен е Дармановиќ.

Неговиот македонски колега Никола Димитров пред новинарите оцени дека македонската влада ќе направи сè за да се фати возот и да се убедат Комисијата и нејзиниот претседател, во документот што ќе биде објавен во февруари, да има простор Македонија да го надомести заостанатото во евроинтеграциските процеси.