Ќе биде ли независна новата грчка државна телевизија?
14 мај 2015Во јуни 2013 година конзервативниот премиер Андонис Самарас ја укина државната телевизија од економски причини и со еден удар ги отпушти сите 2650 вработени. Потоа како преодно решение постоеше драстично намалената „Јавна телевизија“, подоцна преименувана во НЕРИТ. Таа емитува до денес, во неа работат неколку стотици вработени и е далеку од критичко новинарство. Иако, владата на Самарас најави формирање телевизија по примерот на британски БиБиСи, за да престане „расфрлањето на заеднички пари, непотизмот и платеното новинарство од минатото“, како што беше речено своевремено.
Опозиционата партија Сириза тогаш протестираше од првиот момент на затворањето на ЕРТ. Сириза го критикуваше постоењето на привремената телевизија НЕРИТ како чисто владина творба во нејзина служба и консеквентно ја бојкотираше. Левичарскиот премиер Алексис Ципрас планира обновување на ЕРТ, исполнувајќи на тој начин едно од своите најважни предизборни ветувања, сакајќи тоа да го спроведе подобро од својот претходник. Наводно, треба да функционира независна станица без владино влијание, финансирана од месечна претплата во висина од три евра по домаќинство. На крајот на април грчкиот парламент усвои соодветен закон. Во моментов се врши екипирање на раководството на ЕРТ, што предизвикува голем интерес. „’Претседател’ на ЕРТ ќе биде музичарот и левоориентиран интелектуалец Дионисис Цакнис. Извршен директор ќе биде новинарот Лампис Тагматархис, кој истата позиција ја имаше до 2012 година. Како уредник на информативната програма се споменува главниот уредник на левичарскиот весник Авги. Сали тоа личи на нов почеток?
Нова телевизија, стари проблеми
Кај поранешниот раководител на продукцијата во ЕРТ и синдикален претставник Никос Михаилитис преовлдува чувството на задоволство што куќата повторно ќе почне да работи. “Долго се боревме за ЕРТ повторно да почне да емитува и сите отпуштени вработени повторно да ја добијат својата работа. Никому досега не му успеа да го анулира затворањето на едно јавно претпријатие“, вели Михалистис во разговор за Дојче веле. Се разбира, „Движењето на работниците“ согледа оти новата телевизија не може да продолжи да работи како порано ЕРТ. Но, дали на новото раководство ќе му успее воведувањето нова ориетација, мора да се сочека да се види. Во овој момент не можам да кажам повеќе“, вели Михалитис.
Помалку дипломатски настапуваат тројца пратеници од Сириза и поранешни новинари во ЕРТ, кои во заедничко отворено писмо го критикуваат составот на новото раководство во телевизијата. Со големо „изненадување“ се гледа на персоналната политика во ЕРТкоја кај работниците предизвикува „вознемиреност“, предупредуваат левичарските политичари во протестното писмо објавено во понеделникот (11.05.2015). Тие додаваат, со симболичка јасност: „Не можеш да направиш ништо ново со стар материјал, во тоа сме длабоко убедени.“ Но, ова критичко убедување не го делат сите нивни колеги. Најнов пример: за време на една парламентарна дебата околу законот за ЕРТ, владиниот пратеник Статис Панагулус ги запрепасти дури и левичарските гласачи со своето нескриено барање, новиот јавен телевизиски канал да биде отворен за сите „кои се бореле Сириза да дојде на власт.“
Раководството на ЕРТ треба да добие зелено светло од надлежната комисија на грчкиот парламент, што се смета за формалност. Танасис Мавридис, новинар и директор на економскиот портал Capital.gr, стравува од продолжување на традиционалниот политички клиентализам во ново руво. „Во оваа земја ни треба вистински независна, невладина, јавна телевизија. Но, ниту конзервативците, ни социјалистите, а се чини исто така ниту Левите имаат желба да реализираат такво нешто“, се револтира Мавридис во разговорот за Дојче веле. Сите владејачки гарнитури повеќе сакаа телевизија во која главниот збор го имаа партиски пријатели или одредени клики“, се жали новинарот.
Конфликтен потенцијал меѓу ТВ-колегите
Во понеделникот синдикалните претставници го славеа повторното раѓање на телевизијата со симболична протестна акција: стотици поранешни вработени на ЕРТ се втурнаа во зградата на јавниот сервис, каде сега е сместена НЕРИТ и таму одржаа собир, кој беше мирен и беше одобрен од раководството на преодната телевизија НЕРИТ. Тоа беше и првпат отпуштените соработници од ЕРТ да се најдат со сегашните вработени на НЕРИТ во една просторија едни спроти други.
Прашањето дали сите во иднина ќе влечат од иста страна на јажето, крие конфликти. Зашто, многумина о д отпуштените од ЕРТ првично се двоумеа да работат за НЕРИТ и порадо емитуваа своја протестна програма преку интернет. „Можеби овие луѓе се лути на своите поранешни колеги кои успеаја да добијат договор со новата преодна телевизија. Нема да биде едноставно да бидеме пак сите заедно“, вели еден новинар од НЕРИТ, кој сака да остане анонимен.
Синдикалецот Никос Михалистис констатира: „Работно место во државната телевизија би добиле само поранешните соработници кои пред затворањето на ЕРТ во 2013 година имаа стален работен договор. Иили соработниците на НЕРИТ со стални договори. Тоа ќе биде горчливо посебно за оние кои од 2013 година работеа во НЕРИТ без искуство во ЕРТ. Тиеги добија местата по макотрпни проверки и по правило работат со временски ограничени договори, кои се обновуваат секои два месеца.