1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе добијат ли ирачките Курди доволно оружје против џихадистите?

Александар Методијев/афп/ројтерс11 август 2014

„Ирачките Курди се вооружуваат од различни извори“, информира функционер од американскиот Стејт департмент. Италија бара од ЕУ воена помош за ирачките Курди. Тие денеска претрпеа пораз од џихадистите.

https://p.dw.com/p/1CsOc
Irak Khazer Peshmerga Front gegen Islamischer Staat
Фотографија: Reuters

Џихадистичките борци денеска ги победија курдските трупи (на насловната фотографија) во ирачкиот град Јалавла, кој се наоѓа на 130 километри североисточно од Багдад, убивајќи најмалку десет лица во дводневната битка, информираа безбедносни извори во земјата.

„Борците од ’Исламската држава’ зазедоа целосна контрола над Јалавла рано утрово“, информираше високо позициониран регионален полициски службеник. Паѓањето на Јалавла под џихадистите го потврдија и два други безбедносни извори. Според нив, во битките за градот се ранети околу 80 лица.

Поразот доаѓа еден ден откако таму бомбаш-самоубиец уби 10 курдски борци. Милитантите во меѓувреме освен над градот, ја проширија контролата и над две соседни села.

Додека ирачките малцинства паѓаат како жртви под налетот на „Исламската држава“, западните земји се обидуваат да најдат решение за запирање на џихадистите. Извор од американскиот Стејт департмент објави дека ирачките Курди „итно добиваат“ вооружување, откако милитантите напреднаа во многу региони на северот на Ирак.

Во меѓувреме, Италија побара свикување состанок на министрите за надворешни работи од ЕУ со цел одобрување воена помош за ирачките Курди.

„Не зборуваме за воена интервенција, туку овозможување помош, па дури и од воен вид, за курдската влада“, појасни италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини. Таа вчера (10.08.) и’ пишала на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон да ги свика европските министри на состанок за „Ирак, Газа и Либија – трите кризи кои директно ја засегаат Европа“. „Неколку земји прават чекори, но иницијативата мора да биде европска“.

Франција вчера објави дека ја разгледува можноста, заедно со европските партнери, за испраќање оружје за ирачките Курди, за да можат подобро да се борат против џихадистите од „Исламската држава“.

САД неколку дена спроведоа воздушни напади врз џихадистите на северен Ирак, кои присилија 200.000 луѓе да го напуштат својот дом.