Џо Бајден: голема надеж, голем пад
20 јануари 2022На функцијата, пред точно една година, стапи со големи цели и планови – да ја рестартира економијата на САД која доживеа огромен пад за време на пандемијата. Но, инвестициските програми на Бајден беа погодени од силна инфлацијата од седум проценти, највисока во последниве децении. Престижниот проект на Бајден, пакетот за социјална помош „Build Back Better" кој беше еден од неговите најголеми предизборни ветувања – пропадна. Не поради сенаторите од противничкиот, туку поради сенаторите од неговиот табор.
Обединување на Американците и надминување на поделбите беше уште едно клучно ветување на Бајден. Но и овде билансот е отрезнувачки: сиромаштијата во САД e екстремно продлабочена што е последица на пандемијата. До поголемиот дел од населението кое гласаше за републиканците – половина од граѓаните, не може да се допре со аргументи. Тие се држат до теориите на заговор и веруваат дека Доналд Трамп е вистинскиот победник на изборите и победата му е украдена. Гласачите од двата политички табори рекоа што мислат за Бајден кој во анкетите бележи историски низок степен на популарност. Единствената утеха гласи – само Трамп е помалку популарен.
Нерешливи проблеми
Проблемот со мигрантите на границата со Мексико и понатаму продолжува да ескалира. Претседателот Бајден по ова прашање е заробеник на сопствената идеологија: строги гранични контроли или дури продолжување и надградба на граничниот ѕид би значело дека Трамп бил во право! Значи Бајден оваа тема едноставно ја игнорира.
Секако дека проблемите со кои претседателот Бајден се соочи кога пред една година ја презеде должноста беа застрашувачки. И онака беше тешко да се замисли за само една година да се обедини една толку голема, хетерогена, но и растурена и економски разбиена земја. Посебно имајќи ги предвид сите несреќи кои со себе ги носи пандемијата, како и политичката поларизација. Сепак, Џо Бајден ќе се мери по тоа што направи по овие прашања.
На Бајден му се спротивставува и сопствената партија
На крајот сето ова ќе биде во втор план. Веќе со месеци американските држави на чие чело се републиканците, ја поткопуваат демократијата менувајќи го изборниот закон во своја корист. Претежно на црното население, кое најчесто гласа за демократите, сакаат да им го отежнат излегувањето на избори или пак одговорноста за броење гласови да им ја префрлат исклучиво на свои луѓе и институции. Барањето на Трамп по изборите во 2020, според кое републиканскиот министер за внатрешни работи во сојузната држава Џорџија би требало да најде начин да добие уште 12.000 гласови, на следните избори може да стане реалност. И тоа на сосем легален начин.
Џо Бајден е свесен за проблемот. Но ни овде не успева да делува – не поради републиканците, туку поради непослушните сенатори од сопствените редови. Тие не сакаат да подржат промена на закон во Сенатот која на Бајден би му овозможила да стави крај на ваквите активности на републиканците. Додека Џо Бајден ја средува сопствената партија, републиканците веќе одамна го планираат идниот обид за изборна измама кој им пропадна во 2020.
Американската демократија на коцка?
Ако се оди како досега, Демократите ќе се соочат со пораз на делумните избори за двата дома на Конгресот следната есен. Доналд Трамп тогаш може политички да воскресне, па дури и да стане претседател на Претставничкиот дом, како што веќе шпекулираат во Капитол хил. Тоа би бил почеток на крајот на Џо Бајден, а можеби и враќање на Доналд Трамп.
Пресудно ќе биде да се запре Трамп – не само за Џо Бајден на функцијата американски претседател, туку и за иднината на американската демократија. А со тоа и за целиот западен свет.