1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

10 години од нападите на НАТО во Босна: пресврт за Балканот, за Алијансата, но и за германската надворешна политика

1 септември 2005

Масивните напади од воздух на 30-ти август 1995-та година, како што се покажа подоцна, претставуваа почеток на мирољубивата иднина на Босна и Херцеговина, но истовремено и разделба на НАТО од дотогашната негова доктрина за „колективна самоодбрана“. Оттогаш Алијансата дејствува како сила која го обезбедува – а по потреба и го изнудува мирот во светот. За Германија Бундесверот стана инструмент без кој не се м

https://p.dw.com/p/AcjU
Бундесверот - неизбежен дел на германската надворешна политика: канцеларот Шредер во посета на војниците во Авганистан
Бундесверот - неизбежен дел на германската надворешна политика: канцеларот Шредер во посета на војниците во АвганистанФотографија: AP

�же во надворешната политика.

Долго време му требаше на НАТО за да се реши да интервенира во Босна – повеќе од три години Западот беше набљудувач на крвопроплевањето и масакри како во Сребреница, што не можеа да го спречат силите на ОН УНПРОФОР. Интервенцијата го забрза крајот на војната, а по Дејтонскиот договор Алијансата ги даде мировните трупи со 60 илјади војници.

По тоа решение на НАТО за вмешување со силен ангажман во внатрешните работи на држава која не е негов член, сликата се повтори и на Косово во 1999-та, како и во Македонија во 2001-ва година. „Во овие 10 години сојузот драматично се промени“ – вели дипломат во седиштето во Брисел. Во меѓувреме Алијансата е ангажирана во Авганистан и во Индискиот океан, а задачата во Босна и Херцеговина ја презеде ЕУ со 7 илјади војници. „Многу научивме“, велат во НАТО – не само околу организација на големи воени ангажмани со невообичаени партнери, како на пример Русија, која 7 години - до 2003-та, учествуваше со војници во обезбедување на мирот на Балканот, туку и за неопходноста од долгорочна политичко-цивилна стратегија. Сојузот при тоа, како во Македонија и на Косово, полага пред се’ врз политички промени преку доближување на балканските земји до ЕУ, за да може потоа да се повлече од таму.

Нападот врз Сараево, како зона под заштита на ОН, во 1995-та година, што им се припишува на босанските Срби, со многу жртви-цивили, предизвика едногласна реакција во Германија: и за владата, како и за опозицијата тоа беше „варварски“ чин, па интервенцијата на НАТО беше „нужен и оправдан“ одговор. Германија стави на располагање 14 борбени авиони „торнадо“, но тие не беа ангажирани. Три месеци подоцна Бундестагот донесе решение да даде 4 илјади војници во состав на мировните трупи на НАТО за Босна и Херцеговина. Ангажманот во Босна го обележува драматичниот пресврт за Бундесверот, водечки политичари зборуваа во Бундестагот за историско решение. Зелените западнаа во конфликт околу основните вредности: помеѓу солидарна помош и непримена на сила. Балканот, освен тоа, беше и особено жешко подрачје, со оглед на улогата на германската војска во Втората светска војна. Но, Бундесверот овој пат од почетокот беше прифатен од населението како посакувана помош во кризата.

По мисијата во Босна уследи во косовската војна првата борбена акција во историјата на Бундесверот. „Бевме повикани во кабинетот на канцеларот. Коалицијата требаше да реши за војна и мир за прв патод формирањето на Сојузната Република. Тоа беа решенија кои за сите нас беа се’ само не едноставни“ – се сеќава министерот за надворешни работи Јошка Фишер. Авионите „торнадо“ овој пат учествуваа во борбените акции. Фишер, и покрај силниот отпор во неговата партија, остана на ставот дека примената на сила е дозволена како последно средство на политиката.

Од 2001-ва година германски војници учествуваат во меѓународната антитерористичка борба. На крајот од првиот мандат канцеларот Шредер констатира: „Беше неопходно да се интервенира на Косово, да се биде на помош во Македонија, да не се набљудува само политичката страна во рамките на ангажманот ’Бесконечна слобода’, туку и да се биде подготвен да се детабуизира и воениот аспект. Не во смисла дека сметаме оти треба да стои во преден план, туку во смисла на она што го нареков неограничена солидарност, Германија да учествува во воени акции како ултима рацио“.

Бундесверот стана неизбежен инструмент на црвено-зелената надворешна политика. Денес на ангажман во странство се 7500 германски војници – најголемиот дел на Балканот и во Авганистан. Јавноста се навикна на тоа. Германските војници што беа во Босна, честопати беа шокирани од впечатоците – дотогаш немаа доживеано војна, а беа соочени со разурнати куќи, повредени луѓе, неброени гробови. Самиот Бундесвер во Босна досега загуби 15 војници - ниеден во борба, сите во разни несреќи.