Берлински процес: Како до деескалација на Западен Балкан?
14 октомври 2024Во текст објавен во весникот „Берлинер цајтунг“ (БЗ), по повод десетгодишнината од Берлинскиот процес, која се одбележува денеска (14.10) на самитот во Берлин, Александар Ротерт се обидува да најде одговори на прашањето: Како да постигне успешна деескалација на Западен Балкан?
Но, пред 10-годишнината од Берлинскиот процес, како што се наведува, имаше бројни настани кои можат да влијаат на натамошниот тек на оваа иницијатива.
За значителното влошување на безбедносната состојба на Косово, посочува авторот на текстот, влијаеше нападот на српските паравоени сили во Бањска, во кој беа убиени тројца напаѓачи и еден косовски полицаец.
Мобилизацијата во Србија, покрената од претседателот Александар Вучиќ, вклучуваше „невидено“ распоредување на артилерија и тенкови што беше „дестабилизирачко“, предупреди портпаролот на Советот за национална безбедност на САД. По телефонската интервенција на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, Белград ги повлече своите војници, пишува понатаму БЗ.
Александар Ротерт потоа се осврнува на тензичната ситуација во Босна и Херцеговина и ненадејната посета на директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Брнс на Сараево, кој, според изјавата на американски дипломат за Радио Слободна Европа, разговарал со владини претставници за „загрижувачката сецесионистичка реторика и активности“ на Милорад Додик.
Меѓутоа, стратешката конференција одржана во Белград во јуни - под раководство на Вучиќ и на Додик под слоганот „Сесрпски парламент: Србија и Република Српска - еден народ, еден парламент“ - го вознемири Вашингтон, бидејќи целта на конференцијата беше спроведување на стратешката цел на „Српскиот свет“, односно создавање на „политички и државен простор“ во кој би живееле сите Срби, како што тоа го дефинираше вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, појаснува Ротерт.
„Изненаднадувачката посета на директорот на ЦИА беше успешна, бидејќи по неговата средба со соработничката на Додик, српската претставничка во Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, Додик на платформата X напиша дека „никогаш“ немал намера да ја отцепи Република Српска. Така, посетата на Брнс имаше посилно влијание од десетици обиди на ЕУ“.
Во текстот се потсетува и на предупредувањето за сепаратистичките аспирации на Србија поддржани од Русија, што го искажа командантот на НАТО за Европа, американскиот генерал Кристофер Каволи, како и на одбележувањето на неуставниот Ден на Република Српска на 9 јануари.
Во мај, Додик и Вучиќ, потсетува натаму Ротерт, се обиделе да ја спречат германско-руандската резолуција на Обединетите нации, врз основа на која 11 јули е прогласен за Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Во областа на заштитата на животната средина, меморандумот инициран од канцеларот Олаф Шолц за испорака на српски литиум во ЕУ предизвика масовни демонстрации на српското граѓанско општество, кои Москва ѝ ги препиша на ЦИА и ги окарактеризира како обид за државен удар против Вучиќ.
„Активистот за човекови права Бобан Богдановиќ го критикуваше Шолц, обвинувајќи го за ’злоупотреба на моќта’: ’Тој направи огромна грешка со договорот за литиум, поддржувајќи го Вучиќ, исто како што тоа го направи ЕУ со Путин’. Овој договор исто така ги поткопа напорите на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок која од Србија побара ’владеење на правото и на стандардите на ЕУ’“, се вели во текстот објавен во Берлинер цајтунг.
На крајот од текстот, Ротерт потсетува дека германската влада, како домаќин на самитот во Берлинскиот процес, и ЕУ сега се исправени пред предизвикот како да ги стават под контрола кризите на Западен Балкан.
„Сеопфатната демократизација, вклучувајќи го владеењето на правото и слободата на медиумите, може да помогне за оваа цел. Неспорно е дека значителни недостатоци во сите три аспекти постојат не само во Белград. Еден чекор кон градење регионална доверба би било да се признае Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Бидејќи не се споменуваше ниту српскиот народ ниту Србија, а прашањето за вината е индивидуализирано, Белград можеше да ја признае оваа резолуција на ОН без да го загуби достоинството“, истакнува овој политиколог.
Како една од мерките за градење доверба и зајакнување на добрососедските односи, Ротерт го наведува разоружувањето, бидејќи Србија, потсетува тој, има повеќе воена опрема од сите поранешни југословенски републики заедно, што може да доведе до регионална трка во вооружување.
„Довербата би можела да се изгради и доколку Белград се откаже од проектот ’Српски свет’, кој ги плаши соседните земји и кој многумина го гледаат како продолжение на планот на Слободан Милошевиќ за ’Голема Србија’“, заклучува Александар Ротерт во написот објавен во весникот „Берлинер цајтунг“.
Александар Ротерт е дипломиран политиколог чиј фокус од 1991 година наваму се настаните во поранешна Југославија и надворешната политика на САД. Дваесет години работеше за ОН, НАТО, ОБСЕ, ОХР и ЕУ, главно во врска со имплементацијата на мирот во Западен Балкан.