1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураГерманија

100 години со „Волшебната планина“ од Томас Ман

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
2 декември 2024

Тоа што фасцинира во романот сe неверојатните паралели со денешницата. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4ndLM
Насловната страница од прочуениот роман на Томас Ман
Насловната страница од прочуениот роман на Томас МанФотографија: S.Fischer

Точно пред 100 години, на крајот на ноември 1924, излезе од печат прочуениот роман на Томас Ман (Thomas Mann) „Волшебната планина” (Der Zauberberg). Идејата за романот ја добил во Давос во 1912, при посетата на жена му Катја, која таму престојувала шест месеци во  санаториум  поради сомнеж за туберкулоза.  Ман пишува во дневникот дека тешко се навикнувал на надморската височина од 1600 метри. Дури добил и благо зголемена температура. Тоа подоцна станува значаен момент во приказната во „Волшебната планина“. Откако  во 1913 беше објавена новелата „Смрт во Венеција“, тој почнал да  пишува сатирична новела за светот на „смртта и разонодата“ во санаториумот во Давос, која требала да биде спротивност на приказната  за смртта во Венеција. Кога во 1914 почна Првата светска војна, тој го оставил ракописот недовршен. По војната, во 1919,  почнал повторно да работи на него. По пет години работа го завршува ракописот од илјада страници. Романот го отпечати 1924 германската издавачка куќа  S.Fischer Verlag.

Во Југославија тој беше објавен  на српскохрватски во 1954  со наслов „Чаробни брег”. Македонскиот превод излезе со насловот  „Волшебниот рид” во 1987. Притоа зачудува зошто германската именка Berg, на македонски е преведена со „рид”, со што веднаш не се  мисли на висока планина во Алпите. Дека, пак,  во романот се работи за висока планина, а не за  рид,  станува јасно уште на првата страница, во која  го запознаваме „обичниот млад човек“, Ханс Касторп, иден бродоградител, на патувањето со  воз од Хамбург за Давос. Притоа тој се‘ повеќе е изненаден што возот се искачува се‘ повисоко и повисоко во планините. Гратчето Давос, во кое се одигрува приказната, се наоѓа  на надморска височина од 1560 метри, а санаториумот е уште повисоко во планината. Во поглавјето „Снег“ Ханс Касторп заборува за 2000 метри надморска височина.

Давос во 1905 година. Таму се наоѓал санаториумот Бергхоф опишан од Томас Ман
Давос во 1905 година. Таму се наоѓал санаториумот Бергхоф опишан од Томас МанФотографија: akg-images/picture alliance

Затоа, барем за мене, „Der Zauberberg"  на македонски е „Волшебната планина“. Впрочем, така е на  англиски (The Magic Mountain), на  француски (La montagne magiqu), на италијански (La montagna incantata), на  португалски (A montanha mágica), и на  шпански (La montaña mágica).И  на бугарски насловот е „Вьлшебната планина“. Само на руски  е „Волшебная гора“, како што е и на словенечки, на полски и на чешки. Во некои други словенски јазици насловот гласи „Волшебниот врв“, но само на македонски е „Волшебниот рид“.

Ирационалноста на фанатичните идеологии

Во санаториумот во Давос кај Томас Ман се собрани богатите, болни од туберкулоза, од целиот свет. Од Русија до Латинска Америка.Тоа што фасцинира во романов сe неверојатните паралели со денешницата. На пример, чувството што е опишано во поглавјето „Големата вознемиреност” може да биде опис и на нашето кризно време, во кое расте стравот од нова светска војна. И во 1907, кога Ханс Касторп доаѓа во Давос само на три недели, а останува цели седум години, светот ја претчувствуваше претстоечката војна. Освен тоа, денес се исто толку актуелни и темите  за кои со неискусниот Ханс Касторп дискутираат Лудовико Сетембрини и  Лео Нафта. Последниов е језуит,  реакционер, комунист и религиозен фанатик, во кој современата наука за литературата го гледа предвесникот на фашизмот и на религиозниот фундаменатализам. Иако „урнекот” за таа личност бил марксистот Ѓерѓ Лукач, оваа досега за многу од нас неспоива синтеза  на левата идеологија со фашизмот  денес ја гледаме отелотворена кај модерните радикални политички правци, во кои нема повеќе разлика меѓу „лево” и „десно”. Денес Лео Нафта би бил  реакционер како Александар Дугин, кој  советскиот национален патос го  „амалгамира” со Хајдегеровата филозофија,  со италијанскиот  фашизам и со националистичкиот „ортодоксизам”, создавајќи го со тоа урнекот за денешниот „руски империјализам” и антизападен ресантиман. Другиот лик во романот на Ман, италијанскиот писател и хуманист Лодовико Сетембрини  е симбол за просветителскиот разум, за вербата во прогресот и демократијата, а притоа   е и член на масонска ложа. Двата екстрема се толку непомирливи што мора да завршат во дуел. Сетембрини стрела во воздух, зашто не сака да убива, а потоа Нафта се самоубива поради  повредено достоинство. Томас Ман и во оваа сцена генијално ја изразува ирационалноста на фанатичните идеологии, од политичка или религиозна природа, а со тоа го антиципира феноменот на фундаментализмот кој во наше време стана реалност.

Во клучното поглавје во романот, „Снег”, Ханс Касторп на излетот со скии во планината, запаѓа во снежна бура и наоѓа засолниште крај една шупа, каде што од измореност брзо заспива. Во загадочните соништа или халуцинации, тој ги гледа двата антипода на војната и мирот, односно на мирољубивата заедница и канибализмот на војната. Тогаш сознава дека ниту погледите на Сетембрини, ниту тие на Нафта не се одговорот на најважното прашање за смислата на животот и за демократското општество. Во ова поглавје Томас Ман го изразува своето сознание дека фанатичната увереност на Сетембрини само во разумот и прогресот, не се разликува многу од реакционерниот религиозен фанатизам на Нафта. На крајот на романот, го гледаме Ханс Касторп во војната, легнат во ровот, додека крај него експлодира најновиот производ на прогресот и техниката, бомбата која ја разнесува земјата и ги распарчува човечките тела. Затоа Томас Ман вели преку Ханс Касторп дека „љубовта  е спротивна на смртта и само таа, а не разумот, е посилна од смртта”. По катастрофата во Првата светска војна, по пропаста на првата германска демократија во Вајмарската република, по убиството на министерот за надворешни работи, германскиот Евреин, Валтер Ратенау во Берлин 1922 од млади германски ектремисти, предвесници на нацистите, Томас Ман е уверен дека демократското општество може да се изгради  само со „добрина и љубов” ( Güte und Liebe).

Германскиот писател Томас Ман, фотографиран во САД во 1947 година
Германскиот писател Томас Ман, фотографиран во САД во 1947 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Во романот е истакната во курзив само една мисла во  поглавјето „Снег” која останува животното и творечкото кредо на Томас Ман  се‘ до крајот на животот. „Човекот треба заради  добрината и љубовта да не и‘ дозволи на смртта да владее со неговите мисли.”

„Религиозен хуманизам“

Денес сознавме дека кога смртта владее со умовите и срцата на луѓето, резултатот е секогаш војната. По Втората светска војна  надминувањето на опасноста од војна, особено помеѓу Франција и Германија,  беше поттикната од желбата за помирување  на двајца државници, чиј политичкиот етос се потпираше и врз нивната христијанска католичка вера   - Шарл де Гол  и Конрад Аденауер. Идејата на помирувањето, на „добрината и љубовта” како темели на заедништвото во мирот, денес полека ја губи силата во ЕУ поради националниот егоизам на поединечните членки, особено на тие кои порано беа во Варшавскиот пакт. Додека класичните западноевропски земји уште веруваат во силата на разумот, средно-и источноевропските земји веруваат само во приоритетот на своите национални или националистички интереси. 

Томас Ман по војната насекаде го пропагира своето сфаќање на еден  посебен вид религиозна демократија која се потпира врз „добрината и љубовта”. Некои толкувачи на делото се прашуваат дали денес тој „религиозен хуманизам” не е банален. Томас Ман уште во 1952 го дал одговорот, кога се прашал дали кога се работи за неволјата на луѓето е поважна интересноста или добрината? Неговиот внук, Фридо Ман, во едно интервју деновиве раскажа дека додека ги следел  Нирнбершките процеси по војната, Томас Ман еднаш рекол:„некои ќе бидат обесени, но чуму”? 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.