Зошто во моментов е илузорен мир во Украина
3 јуни 2022100 дена. Дали е тоа малку или многу? Кој добива, а кој губи? За да се направи биланс на војната во Украина, потребни се други критериуми од оние кои важат за некоја нова влада.
Многу е, зашто многумина, посебно на Западот, на почетокот беа убедени дека отпорот што украинската влада може да го пружи против руската агресија ќе трае само два-три дена. Тоа секако беше и причината поради која некои земји, меѓу нив и Германија, се колебаа околу испораката на оружје. Грешка. Други, во прв ред САД и Велика Британија, испорачуваа како на лента. Така помогнаа спречување брз украински пораз. Затоа, првата лекција по почетокот на војната гласи: брзи испораки на оружје спасуваат животи.
Доколку се задржиме на примерот со Германија: пресвртот од ветените шлемови во февруари, до актуелната најава во Украина да се испратат најмодерните системи за противвоздушна одбрана ИРИС-Т, траеше речиси три месеци. Тоа е предолго, дури и со земање во предвид на германската предисторија. Берлин може подобро, а најновите најави на канцеларот будат надеж дека може и поинаку. Само така да се продолжи и по можност без одолговлекувања!
Русија сака да окупира поголем дел од Украина
100 дена се меѓутоа и малку,зашто војната допрва почнува. Рускиот обид за блиц војна на почетокот крахираше, сега се применува тактика на исцрпување. Според мотото: едно јаболко не се голта цело, зашто ќе се задавиш, туку се одгризнува парче по парче. Украина е едно такво јаболко. Со тоа стигнуваме до втората лекција од оваа војна.
За жал, Русија е вистински толку луда колку што со години се проповедаше во пропагандистичките телевизиски шоуа, игнорирани од многумина. Тоа не навестува ништо добро за Украина, за Европа и за светот. Рускиот претседател Владимир Путин започна реваншистичка уништувачка војна и нема да запре. Московската закана со атомско оружје не е блеф.
Консеквенца: мора токму сега, без чекање, да се преземе сѐ за негово запирање. Зашто инаку ќе биде доцна. Украина секој ден и секој час губи војници, цивили и територија. Според проценките, има десетици илјади жртви, тие се дел од горчливиот меѓубиланс од првите 100 дена. Руските цели во меѓувреме се јасни, на краток или среден рок, Русија планира заземање голем дел од Украина, отсекување на земјата од пристап кон море и уништување на сѐ што е украинско. Доколку тоа успее, ќе следат уцени до другите европски земји да се потчинат на Москва или да ризикуваат војна.
Заморот од војна се заканува да ја намали подготвеноста за помош
Најопасната фаза од оваа војна тукушто почнува. Најжестоките борби беснеат во регионот богат со јаглен, Донбас. Украинската армија таму е најдобро подготвена, со оглед што имаше осум години време за тоа. Тоа е причината поради која Русија на почеток само малку напредуваше во Донбас. Ситуацијата се менува во моментов, откако Москва целата своја сила ја концентрира токму на тој отсечок од фронтот, воспоставувајќи очигледна надмоќ.
Ако Русија доживее успех во Донбас, може брзо да го подготви со бомбардирање својот пат кон централна Украина – и да го повтори обидот за зазаемање на Киев и соборување на владата. Путин нема никаков интерес за преговори, верувајќи во своите ресурси. Оваа фаза е опасна и поради тоа што војната станува секојдневие. Други теми доминираат во меѓувреме во ударните наслови, заморот од војната почнува токму на прагот на сезоната на одмори. Вниманието исчезнува, заморот од војна се заканува да ја намали подготвеноста за помош, а тоа не смее да се случи.
Во Украина во моментов е илузорно постигнување мир. На Украина итно ѝ се потребни тешки оружја, но и построги санкции. Со мака договореното нафтено ембарго на ЕУ треба конечно да стапи во сила и наскоро да се заостри. Часот за дипломатијата ќе чукне дури тогаш кога барем ќе биде запрен рускиот пробив. Се заканува жешко воено лето. Важен е секој ден.