1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2014-кризна година за надворешната политика

Бетина Маркс/ Ж. Ацеска2 јануари 2015

2014 беше година на кризи: ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток, епидемијата на ебола во Африка и уште многу други. Како германската влада ја водеше државата низ кризите?

https://p.dw.com/p/1EDsK
Фотографија: Reuters/Maria Tsvetkova

На 17 декември 2013 година новата црно-црвена коалиција ја започна својата работа. Само неколку недели подоцна таа стави нови акценти во надворешната политика. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, кој на оваа функција веќе беше во периодот 2005-2009 година, се изјаси за поголем ангажман на Германија во меѓународната политика. Германија е премногу голема за „само да ја коментира светската политика“, изјави тој. Воените мисии се само последно средство, но тие не смеат да бидат целосно прогонети од политичките размисли.

Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен беше уште појасна. Таа пледираше за поголем ангажман на Бундесверот во мисиите во странство и им понуди помош на француските партнери во Мали и во Централноафриканската Република. Подоцна таа гласно размислуваше околу сценарија на воен ангажман со Франција во источна Украина и мисии за обука во Ирак. Крајно, германскиот претседател Јоахим Гаук на Безбедносната конференција на крајот на јануари во Минхен се изјасни за поголем надворешно-политички ангажман на Германија. Германија мора себе си да се внесе „побрзо, поодлучно и посупстанцијално“, изјави Гаук, со што пожнеа куп критики, но и пофалби. Некои му префрлија дека со своите зборови му даде потпора на милитаризирањето на германската надворешна политика. Други го поздравија неговото предупредување, според кое Германија мора да стигне на висина на својата нарасната светско-политичка одговорност.

Münchner Sicherheitskonferenz 31.01.2014
Јоахим Гаук на Минхенската безбедносна конференцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Навистина, германската влада во 2014 година беше централен актер на многу меѓународни бини. Германската канцеларка и министерот за надворешни работи беа барани соговорници во многу светски престолнини. Во 2014 година Берлин во многу кризи и при носењето важни одлуки играше важна улога во меѓународната политика.

Европа-избори со последици

На пример, во дебатата околу новиот претседател на Европската комисија. На европските избори како победник излезе Европската народна партија со водечкиот кандидат Жан-Клод Јункер. За мнозинството експерти, јасно беше дека тој има право да претендира на најважната функција во Брисел. Но, германската канцеларка Ангела Меркел долго се спротиставуваше на овој автоматизам со целата своја европолитичка тежина. Таа инсистираше на правото шефовите на држави или влади да дадат свој предлог за персоналното решение за европската премиерска функција. Дури по масивниот притисок на коалициониот партнер во владата и медиумите, таа се откажа од отпорот и го поддржа Јункер, кој беше избран во првиот круг гласање од мнозинството пратеници во Европскиот парламент на 15. јули.

Но, кризата во ЕУ со тоа ни оддалеку не заврши. Велика Британија, која заедно со Унгарија гласаше против Јункер, во меѓувреме стана се‘ поизолирана и размислува за истапување од ЕУ. Јункер самиот се најде под вкрстен оган на критиките поради неговата политика на даночно повластување на големите меѓународни концерни во времето додека беше премиер на Луксембург. Ниту украинскиот конфликт на ЕУ не и‘ дозволи олабавување.

EU Gipfel in Brüssel
Ангела Меркел и Жан-Клод ЈункерФотографија: Carl Court/Getty Images

Се заканува ли нова војна во Европа?

За германската надворешна политика украинската криза беше централна тема минатата година. Меркел и Штајнмаер постојано се трудеа околу деескалација на ситуацијата, но безуспешно. Односите со Москва се влошија и покрај бројните телефонски разговори меѓу Меркел и рускиот претседател Владимир Путин и дипломатските напори на Штајнмаер. Во ноември од руската престолнина беше протерана германска дипломатка, откако претходно на руски дипломат во Берлин му беше наложено, поради шпионски активности, да ја напушти земјата.

Во самата Германија имаше исклучително контроверзна дебата околу политиката кон Русија. Притоа на владата и на медиумите им беше префрлено за едностраност, ставање на страната на Украина и одбојност кон Русија. Но, имаше и поинакви критики, дека германската влада води попустлива политика кон Москва. Министерот Штајнмаер се бранеше против овие критики. „Не сакаме нова Студена војна, ниту ’жешка’ војна, сакаме зачувување на мирот во Европа“, изјави тој во Бундестагот.

Russische Panzer Archivbild 2008
Руски тенкови, архивска снимкаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Chirikov

Ескалација на Блискиот Исток

Конфликтот на Блискиот и на Средниот Исток, кој трае со години, лани практично излезе од контрола. Причина не е само несогласноста во Советот за безбедност на ОН, туку и новите компликации во овој регион. Терористичката милиција „Исламска држава“ напредува во Сирија и Ирак, брутално убивајќи и ширејќи страв и трепет. Во Германија очајничкиот повик за помош од курдскиот опколен град Кобане на границата кон Турција предизвика невообичаен потег на германската влада: таа реши да испорача оружје на курдските борци - пешмерга за во северен Ирак да се борат против ИД. Кај мнозинството пратеници во Бундестагот одлуката наиде на одобрување, со исклучок на Левицата и делови на Зелените.

Премалку, предоцна-германска реакција на еболата

Германската влада пожнеа многу критики за својот однос кон една друга голема криза ланската година-еболата. Берлин регаираше предоцна на смртоносната епидемија, гласи обвинувањето подигнато од хуманитарните организации и медиумите. Вирусот се појави уште пред една година во западноафриканската Гвинеја и брзо се прошири на соседните Сиера Леоне и Либерија. Во Германија прво немаше никаква реакција, дури и повиците за помош од „Лекари без граници“ наидоа на глуви уши.

Frank-Walter Steinmeier PK in Brüssel 15.12.2014
Франк-Валтер ШтајнмаерФотографија: DW/B. Riegert

Во септември либериската претседателка Елен Џонсон Сирлиф упати апел за помош до германската канцеларка Меркел. Потребни беа уште неколку недели додека Германија се активира во пружањето помош, додека назначи посебен ополномоштеник, Валтер Линдер, кој и самиот констатираше-Германија реагираше предоцна на драматичната криза.

Резиме

2014 беше година на светски политички кризи, кои ја ставија на тешка проба новоориентираната германска надворешна политика. Германските дипломати беа барани насекаде и присутни, но изостанаа вистински успеси како смирување на конфликтите.

И германската определба и подготвеност за поголем воен ангажман во светските жаришта на површина ги исфрли недостатоците во опременоста и структурата во Бундесверот. Од друга страна, Германија ужива висок углед во светот, како економски и политички силна држава има одговорност од која политиката не може и не сака да се извлече. Заради преобмислување и по потреба реформирање на надворешната политика, Штајнмаер иницираше посебен проект на интернет и преку јавни манифестаци со политичари, научници и заинтерсирана публика околу прашањето: „Што е погрешно во германската надворешна политика?“ Пристигнати се многубројни контроверзни прилози и иницијативи, кои во иднина можат да бидат вградени во новото формулирање на надворешната политика.