1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

3,3 милијарди евра-рекордно нереален буџет за 2017!

Костадин Делимитов20 септември 2016

Планот на Власта предизборно да го протне и буџетот за догодина ќе ја продлабочи кризата и ќе го набилда долгот, предупредува експертската јавност!

https://p.dw.com/p/1K5PA
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Наредната 2017 година ќе биде најскапа во историјата на независна Македонија. Владата даде амин народната каса да тежи 3,3 милијарди евра, што ја прави рекордно најтешка сума на пари која власта планира да ја потроши во една календарска година. Документот доби виза синоќа пред полноќ на владина седница, експресно откако кратко претходно пратениците во парламентот го изгласаа ребалансот за тековниот буџет, втор годинава.

Предлог буџетот за 2017 веќе денеска се очекува да биде испратен во Собранието кое ќе треба да урне уште еден рекорд, да го изгласа до 12 октомври, кога согласно изборните рокови е предвидено да се распушти парламентот. Дел од експертите се сомневаат дека економијата има капацитет да одговори на една ваква проекција. Во услови на сериозна политичка криза, предупредуваат дека е неодговорно набрзина да се протурка еден ваков важен документ:

„Една од главните карактеристики на зрелите демократии е токму процесот на носење на буџетот, кој подразбира целосна и конструктивна повеќепартиска дебата околу најважните приоритети. Но покрај нивното учество добро е да се слушне и ставот на цивилното општество, академијата и слично. Јасно е дека тој процес бара подолг период, а гледаме дека времето до распуштањето на парламентот е кусо и не може да ги обезбеди сите овие наведени елементи и фази кои се потребни за еден квалитетен буџет кој би имал повеќе консензуална поддршка“, предупредува универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Посериозни последици?

Од политички аспект според него е подобро носењето на буџетот да му се препушти на оној што ќе победи на изборите, иако од аспект на економијата би било можеби подобро во новата година да се влезе со веќе утврдени економски параметри:

„Меѓутоа факт е дека во овој период на брзање нема да се донесе ништо квалитетно и добро. Затоа е добро да се почека и ако треба на кратко да се примени времено финансирање кое нема да предизвика тешки последици за економијата, напротив, сите буџетски корисници навреме ќе ги добијат своите потреби. Можеби ќе остане надвор од финансирањето нешто што е надвор од она што е загарантирано со временото финансирање, меѓутоа станува збор за почеток на годината и сето тоа може да се корегира во наредниот период со еден квалитетен и развоен буџет“, смета Ивановски.

Дел од експерите пак предупредуваат дека политиката на нетранспарентност и инает може да има уште посериозни последици вез целокупниот општествено политички амбиент:

„Што убаво, си усвојуваат Буџет на седница на Влада кога нема транспарентност, кога нема партиципативност, кога еден човек го прави и го троши буџетот и кога комплетно не само што се игнорира опозицијата туку таа се согласила да биде статист. Очигледно дека за врхушката на ВМРО ДПМНЕ само небото е лимит“, коментира Марјан Николов од Центар за економски анализи.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Во вакви услови според дел од економистите е нереално да се очекува дека економијата има капацитет да одговори на предизвик 3,3 милијарди евра:

„Многу е неизвесен периодот што претстои, ќе има драматични настани, но ова не е прв пат. И до сега приходите биле нереално позиционирани, а веројатно така и ќе биде и во наредниот период така што ќе продолжи да расте долгот на државата, а тоа ќе го платат сите, граѓаните и стопанството“, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Старо-нови болки

На актуелната власт според него и е битно како да опстои и да продолжи да троши, а најмалку им е важен висината на долгот:

„Ова што сега го гледаме е очигледен обид да се дефокусира јавноста од реалните проблеми. Да се оттргне фокусот од Никола Груевски кој од осомничен, сега има статус на обвинет. Затоа им е потребно да се генерираат други теми, јавноста да се занимава со други прашања а не за неговата и судбината на неговите соработници“, предупредува Хајредини.

Опозицијата веќе предупреди дека по никоја цена нема да дозволи буџетот за наредната година да го изгласа актуелниот пратенички состав.

„Ние ќе инсистираме на времено финансирање на буџетот и тоа нема да биде воопшто нешто ново. Го имало и во минатото и тоа на Груевски му е многу добро познато бидејќи тогаш тој беше министер за финансии. Ако сакаат да го истераат тоа што го планираат, тогаш ќе мора да го повторат ’24 декември’“, изјави неодамна Кире Наумов, актуелен дополнителен заминик министер за финансии.

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Првичната анализа на структурата на буџетот за 2017 ја открива старо новата болка, односно дека тој е доминантно социјален, а многу малку развоен. Дури половина од планираните пари ќе се потрошат за плати, социјални трансфери и пензии кои и во наредната година ќе се зголемат. Министерот за финансии пак смета дека предвидените 20% повеќе пари за капитални инвестиции од годинава го прават предлог буџетот развоен. Планираните расходи од 3,3 милијарди евра според него обезбедуваат поддршка на домашната економија и животниот стандард која ќе се реализира преку капитални инвестиции, субвенции, пензии и социјални надоместоци:

„Во рамки на буџетските средства наменети за капитални расходи предвидени се значајни инвестициски вложувања во изградба на автопатот на Коридор 10 и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството“, изјави министерот за финансии Кирил Миновски.

Според планираното власта ќе потроши 3,3 милијарди евра, или 302,5 милиони евра повеќе од колку што мисли дека ќе може да собере по основ на даноци и разни други приливи, што го позиционира дефицитот на 3% од БДП. Толкава е и проекцијата за економскиот раст во 2017 година.