40 години арт-автомобили на БМВ
Автомобили и уметност- убава комбинација која пред 40 години ја откри и концернот БМВ. Во последните 4 децении повеќе уметници на свој начин ја отсликаа каросеријата на моделите на славната компанија.
Уметност на натпреварувачката патека
Со него почна сѐ: во 1975 година францускиот возач Ерве Пулен го замоли својот пријател, американскиот сликар Александер Калдер да му го наслика автомобилот. Така се роди првиот БМВ арт-автомобил. Учествуваше во трката „24 часа Леман“.
Поп-арт на каросеријата
„Долго размислував и во нацртот внесов се што можев. Преку линиите сакав да претставам улица која му покажува на автомобилот каде да вози. Се гледа и пределот низ кој минал автомобилот“, изјави во 1977 година Рој Лихтенштајн.
„Брза боја за брз автомобил“
Енди Ворхол во 1979 година одлучи да излакира еден модел на БМВ „во стил на апстрактен експресионист, со површини во боја на виножито“. Уметничкото дело беше изработено за 28 минути.
Антички мотиви
Шестиот арт-автомобил на БМВ го наслика Роберт Раушенберг во 1986 година. Тој, за разлика од претходниците се послужи со фотографски подлошки. Не десната страна е слика на Ингрес, а на левата дело на Бронзин, а сето е опкружено со негови слики. Раткапните се украсени со слики на антички украсни чинии.
Убав како песок
За седум дена, Австралијанецот Мајкл Џагамара претвори едно црно БМВ во дело со мотиви од аборџинската уметност. Се работи за традиционални форми кои се сликаат со песок на платно. Со овој автомобил, Тони Лонгхерст во 1987 година го освои првенството на Австралија.
Без отпор низ просторот
Шпанскиот уметник Сезар Манрике не е само архитект, графичар и сликар, туку и заштитник на природата. Тој сакал да обликуа автомобил кој ја одразува хармонијата на техниката и природата. „Затоа мојата идеја беше да создадам впечаток дека автомобилот лизга низ просторот без отпор“.
Постои само еден ваков модел
Со моделот Z1, БМВ во 1990 година исфрли на пазарот култен кабриолет. Произведени се само 8.000 парчиња од моделот чии врати се отвораа со лизгање но надолу. Еден модел беше насликан од германскиот уметник А.Р. Пенк и тоа со симболи и слики.
Женски ракопис
Дванаесеттиот по ред БМВ беше првиот кој го наслика женска рака. Јужноафриканската уметничка Естер Махлангу се послужи со светли бои и јасна орнаментика која е карактеристична за уметноста на нејзиното племе Ндебеле.
Како во огледало...
Италијанскиот сликар Сандро Кија го наслика овој тркачки прототип на БМВ. Силуетите и портретите кај набљудувачот треба да создадат впечаток дека гледа во огледало. „Автомобилот е изложен на бројни погледи, а овој, ги рефлектира тие погледи“, вели Кија.
Длабочината на автомобилот
Американскиот уметник Дејвид Хоки сакал да ја прикаже сета „длабочина на автомобилот“. Работеше неколку месеци и на крајот пред публиката се појави со автомобил кој изгледаше како внатрешноста да му е префрлена надвор. Можат да се препознаат контурите на возачот на вратите, или држачите на воздушните отвори на „спојлерите“.
Динамичен дури и кога стои
Во моментов последниот арт-модел на БМВ го наслика американскиот уметник Џеф Кунс. Бил инспириран од модерните начини на визуелизацијата на брзината и експлозијата. „Овие тркачки автомобили се како животот, преполни со сила и огромна енергија“, вели Кунс. „Под хаубата се крие голема сила и моите идеи ќе се претопат со неа“.