70 години ОН-славеникот под притисок
23 октомври 2015Исламистички терор, студена војна поради Украина, постојани закани со атомски напад од Северна Кореја и Блискиот Исток кој целосно тоне во хаос. Ова е само делче од сите конфликтни жаришта кои го држат светот во грч. Ако би го немало глобалниот чувар на мирот како ОН, би требало тој да се измисли. Но, прославите по повод 70-годишнината од постоењето на организацијата се засенети од растечката критика дека ОН не се толку чувар на мирот, колку скап, парализиран дебатен клуб.
Климатизираните канцеларии на централата на ОН во њујоршкиот кварт Менхетен се премногу далеку од кризите и војните, често се слуша. Посебно остра е критиката поради сириската криза. Вкупно 21 хуманитарна организација на ОН во март им префрлија за целосно потфрлување. Во средината на јули, генералниот секретар на Организацијата за заштита на човековите права Амнести Интернешнл, Салил Шети, на ОН им даде најниска оценка. Имајќи ја во вид бегалската криза како еден од најголемите предизвици на 21 век, Шети оцени дека тоа е „срамен неуспех на меѓународната заедница.“
Недоволна соработка меѓу земјите - членки
Одговорноста за ваквиот развој, поранешниот германски амбасадор во ОН, Ханс Хајнрих Шумахер (2001/2002 година), ја лоцира првенствено во земјите-членки. Тие премногу често „спречуваат решение на некој проблем преку несоработка и блокирачко однесување“. Пред пет години Комисијата на ОН за човекови права и Советот за безбедност усвоија декларации со осуда за 5.000 загубени човечки животи. „Денес имаме 250.000, ако не и повеќе мртви“, вели Шумахер. Тој истакнува-на Сирија и‘ се заканува распад, ситуацијата е „непрегледна и покритична од било кога“.
Поранешниот амбасадор во ОН посебно ја критикува структурата на Советот за безбедност на ОН. Неговите пет постојани членки: САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија секоја одлука можат да ја блокираат со вето. Неопходните одлуки во ова тело често извисуваат поради национални егоизми. Најново тоа се случи во врска со конфликтите во Сирија и Украина. Истовремено, постојаните членки на Советот за безбедност спречуваат секаква реформа која би ја ограничила нивната моќ. Затоа, уште од 1990. година постојано се дискутира и се спори околу реформи.
Привилегија која носи парализа
Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер неодамна во владина изјава пред Бундестагот, германскиот парламент, започна нов обид за убедување на најмоќното тело на ОН „да се приспособи кон светско-политичките промени“. Во тоа првенствено спаѓа ограничување на правото на вето. „Оваа привилегија едноставно не може да биде проклетство кое целата светска организација ќе ја осуди на пасивност во најголемите злосторства против човештвото“, рече Штајнмаер.
Покрај неволноста за реформи, негативни наслови постојано предизвикуваат и извештаите за сексуални напади од страна на соработниците на ОН и сините шлемови. Затоа против мисиите на ОН, пред се‘ во Хаити, Конго, Либерија и Јужен Судан, веќе се во тек истраги. Угледот на ОН покрај тоа страда и поради неуспехот на поранешните мисии. Откако сините шлемови во 1994. година се повлекоа од Руанда, наместо да го спречат геноцидот врз припадниците на Тутси-заедницата, и откако војниците на ОН во 1995. година дозволија да се случи масакрот врз цивилите во босанскиот град Сребреница, светската јавност многу покритички гледа на мисиите на ОН.
Најважната успешна приказна на ОН
Во историјата на ОН меѓутоа имаше и куп успеси, вели поранешниот амбасадор на Германија во светската организација Гинтер Плојгер (2002 до 2006 година) во разговор за Дојче веле. Покрај јакнењето на човековите права, деколонизацијата е најдолгата и најголема успешна приказна. ОН, почнувајќи од 1940-те години па се‘ до 2002 година, на 120 колонии им помогнаа во патот кон независност. Овој процес имаше опсежни последици и врз севкупната политика, истакнува Плојгер. Зашто, процесот и дискусијата околу деколонизирањето водеа кон осуда и забрана на примената на сила од страна на недемократските власти. Плојгер е убеден дека „ова придонесе и кон влијание врз демократските движења во Источна Европа и посебно врз воздржувањето од употреба на сила при повторното обединување на Германија.“ Според мислењето на поранешниот дипломат, ОН, без оглед на целата критика, и натаму ќе играат важна улога. Глобалните проблеми, како бројните регионални конфликти или заштитата на животната средина, бараат глобални решенија. „Ниедна земја не може поединечно да најде вакви решенија. Глобалните решенија претпоставуваат и глобални институции, а единствената таква која ја имаме, се ОН.“