1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

95 нови правила во фудбалот

Андреас Стен-Цимонс / З. Јордановски1 јуни 2016

Светската фудбалска асоцијација – ФИФА изврши 95 промени во правилата на фудбалот со цел да ја поедностави и да ја подобри најомилената спортска игра во светот. Честопати се само детали, но има и некои потемелни промени.

https://p.dw.com/p/1Iy3P
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert

Десет дена пред почетокот на европското првенство стапуваат во сила 95 промени на правилата кои треба да ја поедностават и подобрат фудбалската игра. Осумтемина членови на Меѓународниот борд (ИФАБ) избришаа вкупно речиси десeт илјади зборови од досегашниот правилник. Многу често се во прашање ситници, но во некои пунктови новите правила битно ја менуваат фудбалската игра. Ова се десетте најважни промени:

1. Пенал: Во иднина ќе биде казнет со жолт картон фудбалерот кој кога изведува пенал, при залетот целосно ќе застане за да го наведе голманот предвреме да скокне кон еден агол – како што тоа често го прави Лионел Меси од Барселона. Покрај тоа, играта ќе продолжи со слободен удар за противничкиот тим.

2. Тројно казнување: При фаул или играње со рака во казнениот простор досега на играчот му беше покажуван црвен картон – со тоа и исклучуван од натпреварот и му следува принудна пауза на наредниот, а неговиот тим беше казнуван со пенал. Во иднина судијата ќе има поголем маневарски простор: тој ќе мора да даде црвен картон само ако постои недвосмислена намера кај играчот што прави фаул; ако тој се обидувал да ја погоди топката (одел на топката, а не на противничкиот играч), доволен е и само жолт картон.

Fußball Bundesliga 10. Spieltag TSG 1899 Hoffenheim gegen Hamburger SV
Фотографија: picture alliance/dpa/U. Anspach

3. Исклучување од игра: црвени картони во иднина ќе можат да бидат покажувани не само за време на играта, туку и пред нејзиниот почеток, ако некој играч се однесува неспортски. Но, неговиот тим сепак ќе може да го започне натпреварот со 11 играчи (се разбира дека во составот не смее да биде оној, кому му е покажан црвениот картон).

4. Прекин за укажување помош: Ако лекарите успеат да го оспособат повредениот играч на самиот терен во рок од 20 секунди, тој не ќе мора да излезе од теренот, туку смее директно да продолжи да игра. Досега, независно од должината на укажувањето помош, повредениот играч мораше да го напушти теренот и смееше да се врати во игра само откако ќе му се јави на судијата.

5. Почетен удар: Досега при почетниот удар топката мораше да биде упатена исклучиво напред. Сега при првиот удар топката може да биде насочена и странично или да биде упатена назад.

6. Ѕид од напаѓачите: Долго време беше во мода зад одбранбениот жив ѕид да се прави и ѕид од играчи на тимот што напаѓа, за да му се попречи видикот на голманот. Сега веќе тоа не е дозволено.

7. Пауза за пиење течности: Уште од светското првенство во Бразил е познато дека при многу топло време судијата може да даде пауза за пиење течности. Но, тој мора времето на таа пауза да го надомести до последна секунда.

Symbolbild Fußball Einwurf
Фотографија: picture-alliance/dpa

8. Изведување аут: Уфрлувањето на топката од аутлинијата во иднина мора да биде изведено со обете раце. Веќе не е дозволено топката да се уфрлува со една рака, а со другата само да се придржува.

9. Играње без чевел: Ако играч загуби чевел на теренот, играта нема веднаш да биде прекината. Тој смее да игра по чорап до наредниот прекин на играта. Истото се однесува и на загубен штитник за потколеница.

10. Гаќи: Играчите веќе немаат право на избор во однос на бојата на долните гаќи, која мора да е идентична со бојата на спортските гаќи од официјалниот дрес на тимот. Добро е што Дејвид Бекам веќе не е активен фудбалер, оти наводно на важни натпревари повремено, за да му донесат среќа, носел танга-гаќи од неговата сопруга.