Агелер загрижена за укинатите пресуди - судиите во небрано
25 април 2023Поништените решенија против високи профили кои Апелациониот суд ги врати на повторно судење предизвикаа остра реакција на Амбасадата на САД во Скопје. Амбасадорката Ангела Прајс Агелер, на 11 април годинава испратила писмо до судските и извршните органи во кое изразува загриженост за овие случувања поврзани со предметите од висок профил. Во писмото, коешто го објави Алсат повикувајќи се на извори во Владата, се истакнуваат напорите на САД и вложените половина милијарда евра за реформи во судството. Писмото е испратено и на адресата на министерот за правда, Кренар Лога. Од министерството за ДВ потврдуваат дека до нив деновиве стигнал допис во однос на работата на апелационите судови, кој што дополнително ќе се анализира.
По критиките упатени до нив, апелационите судии на седница расправаа како да се зголеми ажурноста во постапувањето на предмети од висок профил и од висок јавен интерес, во услови кога се соочуваат со намален број судии. Тие дале препорака по предметите да се постапува ефикасно и ажурно, со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил. Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, смета дека одлуките на Апелацискиот суд за поништени решенија во случаи против високо профилирани лица се сериозен проблем. Таа се надева дека пораките што доаѓаат од САД конечно ќе влијаат на правосудните органи дека одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна.
Загриженост
„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“. Ова е дел од писмото на амбасадорката Агелер коешто денеска го пренесуваат македонските медиуми.
Дописот главно се однесува на случаите за кои е загрижена јавноста и кои се поврзани со судењата против поранешните функционери кои ја злоупотребиле службената должност и го оштетиле државниот буџет.
Реакциите следат откако Апелацискиот суд Скопје изминатиов период одлучи да укине неколку првостепени пресуди и да ги врати на повторно судење. Дел од овие одлуки се однесуваа на пресуди за поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков. На 7 април застаре делото за кое Мијалков се гонеше во случајот „Титаник 2“ во врска со локалните избори во 2013 година. Повисокиот суд во ноември 2022 година ја укина и пресудата за „Таргет-Тврдина“ и го врати случајот на повторно судење. Апелацискиот суд ги укина и првостепените пресуди за „Трезор“ и за организаторите на 27 април.
Кадровски проблеми
Забелешките на американската амбасадорка резултираа со седница на судиите на Апелациониот суд Скопје кои во вторникот (25.04) порачаа дека се соочуваат со недостиг на кадар. Во моментот Апелациониот суд Скопје постапува со намален број носители на судиска функција и тоа 28 судии, од предвидените 52 судии. „Ажурното постапување по сите видови предмети вклучително и оние од висок јавен интерес, во голема мера зависи од пополнетоста на судиските места. Во Апелациониот суд Скопје во кривичниот оддел на судот се распоредени шест судии кои постапуваат по овој вид предмети“, се вели во соопштението на судот.
В.д претседателот на судот имаше средба и со претседателите на основните судови во Скопје, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово. Тие бараат да се пополнат испразнетите судиски места, со што непосредно ќе се влијае на ефикасно и навремено правораздавање.
Пораките од САД како коректив
Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, очекува пораките што доаѓаат од САД конечно да влијаат на правосудните органи дека одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна.
„Вие знаете дека уште минатата година, уште кога беше тука и претходната амбасадорка, го покренав прашањето за одлуките на Апелацискиот суд. Првата реакција беше после првото 'пазарење на вина', по што следуваа неколку настани заедно со правосудните органи, универзитетски професори, медиуми, невладини организации за тоа што треба да се преземе за да намалат можностите за такво нешто“, рече Грковска одговарајќи на новинарско прашање по тркалезната маса „Антикорупциско образование - пристапи и предизвици“ во Скопје.
Таа посочи оти ова е многу сериозен проблем и изрази надеж дека овие предупредувања ќе придонесат конечно за постапување онака како што доликува на еден професионален правосуден систем со интегритет. „Потполно се согласувам дека тоа е многу сериозен проблем и дека сите активности што ги имаме со другите институции, но и отворените пораки од страна на американската Амбасада, од Европската Унија, од останатите наши меѓународни партнери, дека конечно ќе повлијаат на правосудните органи. Одлуките треба да ги носат професионално, непристрасно, без влијание од друга страна, исклучиво во согласност со закон, затоа што нашите граѓани заслужуваат правдата да биде подеднаква за сите“, рече Грковска.