1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огнени средби во Мала Речица

ДТЗ
30 септември 2022

Огнените средби во тетовското партиско упориште завршија со заедничка фотографија и насмевки, но пораките коишто потоа ги упатија во јавноста покажаа нарушени меѓучовечки односи, незадоволство и фракции

https://p.dw.com/p/4HZQB
Али Ахмети ДУИ
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во партиското седиште во Мала Речица, се обиде да го изгасне партискиот оган Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети синоќа во партиското седиште во Мала Речица, се обиде да го изгасне партискиот оган кој букна деновиве преку јавни повици за промени во партијата, но искри од незадоволство на сопартијците сè уште се забележуваат на сите страни. Огнените средби во тетовското партиско упориште завршија со заедничка фотографија и насмевки, но пораките коишто потоа ги упатија во јавноста покажаа нарушени меѓучовечки односи, незадоволство и фракции коишто не одат во прилог на зајакнување на капацитетите на партијата. 

Стари болки 

„Со овие пресметки се занимавам веќе 20 години. Извршната власт има други проблеми, ограноците и општините имаат други проблеми и природно се појавуваат противречности меѓу овие институции. Со извршната власт, раководители на ограноци зборувавме да се средат тие нејаснотии, недоразбирања“, изјави синоќа Ахмети по средбите со ограноците од Сарај и Чаир, предводени од градоначалниците на овие општини, Блерим Беџети и Висар Ганиу, како и пратеникот од Чаир, Изет Меџити.

Двајцата по средбата објавија фотографии, нарекувајќи го партискиот лидер „претседател и пријател“, и понатаму не отстапуваат од нивниот став против извршната власт. 

Ахмети признава дека во партијата има меѓучовечки односи кои не се добри, но дека не е таква состојбата во целина, туку дека станува збор само за одредени луѓе. „Овие работи треба да се поправат“, порача Ахмети по средбата со „Огнената група“, која пред неколку дена преку писмо обвини дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, станало индивидуално. 

Лидерот на ДУИ, сепак, се обидува да ја убеди јавноста дека нема ништо загрижувачко во партијата, отфрлајќи ја можноста за формирање на нова партија. Ваквите стравувања беа подгреани поради најавите дека дел од незадоволните од ДУИ би можеле „да ѝ откажат љубов“ на партијата во парламентот, со што сериозно би се разнишало владејачкото мнозинство. 

„Меѓучовечките односи се над сѐ. Функциите доаѓаат и си одат, но човечкото останува. И во семејството имате кавги и никој не може да каже дека има идеални односи, но може да се случат и несогласувања. Но, да најдеме енергија да ги надминеме овие несогласувања бидејќи ни претстојат големи цели“, беше дециден синоќа Ахмети во својот обид да го изгасне огнот во партискиот двор. 

Али Ахмети Артан Груби ДУИ
Ахмети признава дека во партијата има меѓучовечки односи кои не се добри, но дека не е таква состојбата во целина, туку дека станува збор само за одредени луѓеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Искри во Сарај и Чаир 

Но, соработници на Ахмети, кај кои веќе подолго време тлее незадоволство, упорно се обидуваат да му укажат дека овој пат нема така лесно да го „изгасне“ нивниот бунт против одредени состојби во партијата. Прстот го вперија кон Артан Груби, вицепремиер и висок партиски функционер, за кој сметаат дека е најодговорен за состојбите во партијата.

„Арогантното и дилетантско однесување на  извршната власт на чело со Артан Груби  предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“, беше наведено во реакцијата, на која се најдоа имињата на пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, заменикот министер за одбрана Башким Хасани, градоначалниците на Чаир и на Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, поранешниот вицепремиер Муса Џафери... 

Пратеникот од ДУИ, Изет Меџити, порача дека остануваат на нивните барања, но и дека како што ДУИ може без нив, така може и без Артан Груби. „Без нас е можно затоа што никој не е незаменлив, не само во ДУИ туку во кој било процес, така што е можно без Блерим, Изет и Муса, можеби без Артан. Мислам дека ДУИ работеше и без Артан и работеше добро, успешно, победа по победа и сакаме да ја вратиме ДУИ како победник во албанскиот табор“, изјави Меџити во телевизиски гостувања. 

Ваквата порака следи по неодамнешните коментари на Ахмети дека ДУИ може и без него и без Меџити и останатите незадоволни во партијата. „Реков дека ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција и оваа национална инвестиција има силна основа и силна поддршка“, порача Ахмети. 

Мала Речица Тетово
Огнените средби во тетовското партиско упориште завршија со заедничка фотографија и насмевки, но пораките коишто потоа ги упатија во јавноста покажаа нарушени меѓучовечки односиФотографија: DW

Поддршка за лидерот 

Рафис Алити поранешен потпретседател на ДУИ и на Собранието во емисијата „24 анализа“ рече  дека во ДУИ секогаш имало внатрепартиски дебати и критики. Смета дека Ахмети имал потешки ситуации во минатото и знаел да ги менаџира. 

„Верувам дека со самиот факт што седнал со ограноците и незадоволните, оваа ситуација ќе ја среди и ДУИ ќе биде поцврста партија во иднината и на наредните избори. Дали ова ќе влијае во коалицијата за мнозинството, мислам не, зошто и тие незадоволни велат дека се дел од ДУИ. Со самото тоа што го покажуваат незадоволството во ДУИ, значи дека и во органите на партијата ќе се отвори дебата. ДУИ има централен комитет и претседател и според нашиот статут, претседателот ги има сите ингеренции. Ахмети да ја изменаџира кризата, во интерес на партијата“, вели Алити, потврдувајќи ја изјавата на шефот на македонската дипломатија и истакнат член на ДУИ, Бујар Османи кој неделава посочи дека Ахмети го има последниот збор за сите состојби во партијата. 

На страна на лидерот вчера цврсто застана и собранискиот спикер, Талат Џафери, кој порача: „Стојам на страна на партијата, себе си сум се вложил во создавањето на тој политички субјект“. Тој рече дека нема добиено известување од двајца пратеници од ДУИ, дека би можеле да дејствуваат како независни, откако во јавноста се појави како шпекулација таквата можност.  

„Секој има право и слобода да си го искаже својот статус како пратеник. Немам какво било известување од тие пратеници. Нивниот официјален статус е дека се пратеници на ДУИ. Владејачкото мнозинство засега има 64 пратеници“, дециден е Џафери.