Ахмети и Ковачевски со критики за медиумите
16 јануари 2023Здружението на новинари на Македонија бара да запре етикетирањето на медиумите и новинарите, откако дел од фелата се најде на удар на критики на функционери од власта. Најпрво лидерот на ДУИ, Али Ахмети во говорот од Гостивар на две телевизии им залепи етикета дека се „непријатели на Албанците“, а свое мислење за работата на некои од медиумите денеска имаше и премиерот Димитар Ковачевски, што наиде на реакции кај дел од новинарите коишто присуствуваа на прес-конференцијата во Владата. ЗНМ бара да запрат ваквите изјави, бидејќи можат да стимулираат закани и напади врз медиумите.
Непријателски телевизии
Притисокот на „Огнената група“ за коренити промени во раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) предизвика турбуленции во партијата коишто резултираа со теренски активности и на фракционерите и на „ударните тупаници“ во партијата. Деновиве партискиот лидер Али Ахмети излезе од удобната партиска фотелја во Мала Речица и се растрча на средби и разговори со партиските активисти и граѓани, со цел да ја зацементира својата позиција на партискиот „трон“. Првиот човек на ДУИ, којшто е под силен притисок да се откаже од своите најверни соработници,„жестоко“ го брани Артан Груби од нападите и распали по медиумите, лепејќи им етика на дел од нив дека се „непријатели на Албанците“. Тој на трибина во Гостивар (15.01), зборувајќи за судирот во партијата , порача дека телевизиите Телма и Алфа биле „непријатели на Албанците“ „Кому му служиме со овие поделби што се прават? Се разбира, на непријателите на Албанците, тие аплаудираат, Алфа, Телма, мелма, тоа се тие. Што добија Албанците кои беа поделени во минатото, што? Не добија ништо“, рече Ахмети, повикувајќи на единство и смирување на страстите.
Ахмети е дециден дека нема намера да го смени првиот вицепремиер Артан Груби. „Сега велат, тргни го Артан. Нема да го сменам затоа што тоа е одлука на мнозинството“, порача Ахмети. Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи се трн во око на „Огнената група“, која во повеќе наврати порача дека не е задоволна од резултатите коишто ги испорачуваат.
Агресивни непријателски тонови
Откако ваквиот говор предизвика бројни реакции во јавноста, ДУИ преку соопштение тврди дека „Ахмети не спомнал непријателски медиуми, туку агресивни непријателски тонови од страна на граѓаните, поттикнати од политичките партии во контактните емисии на овие телевизии“.
„На синоќешниот собир со граѓаните во Гостивар, претседателот на ДУИ, Али Ахмети зборуваше за недостигот на ангажман од страна на македонските политички партии со граѓаните во контекст на односите со Албанците, затоа што е вознемирувачка омразата кон албанските лидери на државните институции, која се прикажува од македонските граѓани во контактните емисии на македонските телевизии со етикети како Бугар Османи, Артан Груби терористот, навреди кон самиот Али Ахмети и другите“, наведуваат од партијата. Тоа, според нив, е последица на неработењето на македонските политички партии со граѓаните и намерното продлабочување на поделбите меѓу народот.
„Ахмети и ДУИ се сојузници на медиумите, граѓанското општество и слободата на говорот, а тоа го имаме докажано во изминатите 22 години во нашето секојдневно дејствување“, посочуваат од партијата, која викендов имаше интензивни средби со граѓаните, кои продолжуваат и во наредниот период.
Да не се етикетираат медиуми
Премиерот Димитар Ковачевскиденеска не сакаше да ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер, но рече дека и тој самиот има мислење за работата на одредени медиуми во земјата.
„Сигурно господинот Ахмети таа изјава ја дал врз основа на одредени факти и за објаснување ќе треба да го прашате него бидејќи за медиумите и јас имам свое лично мислење, така што единствено можам да кажам за моето лично мислење за тоа како одредени медиуми се однесуваат. Тоа ќе го прашате господинот Ахмети. Што се однесува до мене, можам да кажам дека во државата има медиум чијашто уредувачка политика повеќе наликува на уредувачка политика која тргува со енергенси, а има и медиум чијашто уредувачка политика повеќе личи на уредувачка политика на партиски сектор за комуникација“, рече Ковачевски.
На реакцијата на новинарите дека не е во ред од позиција на премиер да етикетира медиуми, бидејќи несразмерна е неговата моќ од позицијата која што ја има, во споредба со моќта на медиумите, Ковачевски рече дека не спомнал ниту еден конкретен медиум.
„Ние сме држава која има унапредена траспарентност, особено Владата. Јас не спомнав ниту еден конкретен медиум. Никогаш не се случило кој било уредник или новинар да добие од мене телефонски повик. Не се случило и нема да се случи да има влијание од Владата врз работата на медиумите, кои треба да функционираат согласно законите и регулативите“, вели премиерот.
Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ го осуди јавното етикетирање на телевизиите Телма и Алфа од страна на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. „Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување“, велат од ЗНМ.
Тие сметаат дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што етикетираат медиуми, бидејќи тоа е во спротивност со европските вредности кои самите политичари се обидуваат да ги промовираат пред граѓаните.