МАНУ: Кои се слабостите на Македонија на патот кон ЕУ
22 јуни 2023Академиците на МАНУ повикуваат на научна и аргументирана дебата, надвор од партиската политика, која треба да ѝ помогне на земјата подобро да се подготви за претстојните фази од процесот на пристапување во ЕУ. Тие на конференцијата „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“, во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“, дебатираа како земјата подобро да се подготви за фазите кои следат и ги истакнаа предностите и слабостите на институциите на патот кон евроинтеграцијата. Конкретните и јасни препораки тие планираат да ги преточат во зборник, кој потоа ќе биде доставен до Владата, а ќе биде корисен и за избор на експертскиот тим кога ќе се отвори процесот на преговарање со ЕУ.
„Тропаме на отворена врата“
Академикот Владо Камбовски повикува на дијалог и разумни аргументи за уставните измени. „Не можеме да се водиме од страсти или стравувања, околу едно прашање кое не заслужува да предизвика таква бура во чувствата на луѓето“, порача денеска Камбовски, коментирајќи ги актуелните предизвици со кои се соочува земјата.
Тој смета дека со иницијативата за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот, се тропа на отворена врата, бидејќи тие веќе се внесени во Уставот како заедница.
„Во Преамбулата постои клаузула која зборува 'и за други народи и заедници'. Во посебните одредби за правата на припадниците на заедниците, постои потполна изедначеност на сите заедници, било да се признати или не“, рече Камбовски. Тој апелираше на разумен, трезвен дијалог без политички калкулации, без манипулирање и без непотребен популизам.
„Нека се слуша малку мудриот глас на научната јавност и нека се дебатира со аргументи во однос на сите одбрани исклучителни прашања за кои сакаме да дебатираме со аргументи, без некакво политикантство или калкулации што тоа ќе значи за една партија, за друга партија, туку поаѓајќи од еден општ интерес и на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во Северна Македонија“, вели академикот.
Предности и слабости
Кои се предностите, а кои се слабостите на Северна Македонија на патот кон ЕУ? Академик Таки Фити вели дека земјата има предности во макроекономската стабилност и бизнис климата, но дека е најслаба во доменот на институциите .
„Имаме сериозни слабости во системот на образование, на сите степени и ако го гледате високото образование работите се вратени и се полоша ситуација од раните транзициски години. Кризата со Ковид-19 ги покажа слабостите на здравствениот систем. Имаме проблеми со иновациската политика која е во својот зародиш“, вели Фити.
Тој смета дека регионалната соработка е многу значајна, поради близината, иако тоа не може да биде замена за членство во ЕУ. Интензивирањето на регионалната соработка, го забрзува процесот на пристапување кон ЕУ.
„Продуктивноста и конкурентноста се две области во кои имаме многу сериозни проблеми на патот кон ЕУ и ако земјава утре влезе на заедничкиот пазар, ќе има сериозни пречки“, вели Фити. Според него, постои еден ограничувачки фактор, тоа е големината на пазарот, на којшто исто така може да се дејствува.
„Иако, во поглед на конкурентноста Македонија и скоро да влезе во ЕУ, ќе има големи проблеми, бидејќи во однос на конкурентноста сме дури на 82 место меѓу 141 земја, а кај продуктивноста имаме исклучително лоша ситуација мерено по сите индикатори и по продуктивност и БДП по работник и по ново креирана додатна вредност по работник и кај вкупната факторска продуктивност. Тука заостанувањето е меѓу 2,5 и 4 пати во однос на европскиот просек, без споредба со високоразвиените земји“, укажува академикот.