1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Американски санкции против Унгарија - Орбан пркоси

Кено Верзек
14 април 2023

За првпат од почетокот на руската војна против Украина, САД санкционираат и сојузник: Унгарија. Владата на Орбан реагира пркосно и сака да го продолжи својот проруски курс.

https://p.dw.com/p/4Q30x
Владимир Путин  Виктор Орбан Унгарија Русија
Блиски односи: Владимир Путин и Виктор Орбан во Будимпешта, 30 октомври 2019 годинаФотографија: Kremlin Press Office /AA/picture alliance

Секој кој деновиве ќе фрли поглед на она што го објавуваат провладините медиуми во Унгарија, неизбежно се прашува каде во Европа всушност беснее војната и која земја е виновна. Руската инвазија на Украина е наречена „украинска криза“. САД, од друга страна, се претставени како агресор - не само во Украина, туку и во Унгарија. САД, како што се вели во медиумите на Орбан, го напаѓале суверенитетот на Унгарија и ја „тераат земјата во војна“.

Вакви пискливи антиамерикански тонови, како што во моментов се слушаат, во Унгарија немало дури и во доцните години на реал-социјалистичката диктатура. Актуелна причина за нив е антирускиот пакет санкции од страна на американската влада, кој беше објавен во средата (12.04), а кој ја погодува и Унгарија. На прв поглед, не звучи многу сериозно: од американските санкции се погодени руско-унгарската Меѓународна инвестициска банка (ИИБ) и нејзиниот раководен персонал, вклучително и унгарскиот државјанин и заменик шефот на ИИБ, Имре Ласлоцки.

Тоа само по себе не е преседан: САД во последниве години постојано санкционираа политичари и бизнисмени од сојузничките земји, вклучително и од Албанија и Бугарија. И унгарски граѓани кои не се официјално именувани, исто така се имаат најдено на листите со санкции на САД. Но, сега, со Унгарија, за првпат од почетокот на руската агресорска војна против Украина, е санкционирана земја од НАТО и ЕУ. Бидејќи, ИИБ не е која било банка, туку државна банка во која Унгарија има удел од околу 25 проценти.

Изненадувачки, унгарското Министерство за економија вчера доцна попладне (13.04) објави дека Унгарија ќе се повлече од ИИБ. Унгарската влада на тој начин ги извлече првите консеквенции од американските санкции.

Останува да се види дали тоа ќе резултира со подалекусежна промена на курсот во надворешната политика на Унгарија. Вообичаено, унгарскиот премиер Виктор Орбан досега правеше мали чекори назад во конфликтите со САД и ЕУ, но не направи никакви суштински промени на курсот.

Меѓународна инвестициска банка (ИИБ) Будимпешта
Зградата на Меѓународната инвестициска банка (ИИБ) во БудимпештаФотографија: Martin Fejer/EST&OST/IMAGO

ИИБ - унгарска „шпионска банка“

ИИБ е позната во Унгарија и како „шпионска банка“, бидејќи нејзиното раководство доаѓа од околината на руската тајна служба ФСБ, а конкретно шефот на ИИБ, Николај Косов, од семејство на офицери на КГБ. Банката, чие седиште во 2019 година беше преместено од Москва во Будимпешта, игра важна улога во руско-унгарските односи. Заменик-шефот на ИИБ, Ласлоцки, е архитект и менаџер на унгарската економска политика во Русија и централноазиските републики.

Американските санкции против Унгарија ја означуваат досега најниската точка во долго затегнатите и, сега, отворено непријателски односи меѓу Унгарија и САД. Унгарскиот премиер Виктор Орбан никогаш не ја криел својата антипатија кон американските демократи и американскиот претседател Џо Бајден и до ден-денес е пријател и обожавател на Доналд Трамп. Тој беше првиот лидер на ЕУ кој му честиташе на Трамп за неговиот избор во 2017 година. А неодамна, по повод обвинението против поранешниот претседател на САД, Орбан на Твитер напиша: „Продолжете да се борите, господине Претседателе! Ние сме со вас, @realDonaldTrump!

Доналд Трамп  Виктор Орбан САД Унгарија Вашингтон
Доналд Трамп и Виктор Орбан во Вашингтон, 13 мај 2019 годинаФотографија: Imago Images/UPI Photo/K. Dietsch

Унгарскиот министер за надворешни работи повторно во Москва

Претставници на американската влада постојано ја критикуваат состојбата на демократијата и владеењето на правото во Унгарија, критикувајќи ги корупциските практики во опкружувањето на Орбан и изразувајќи загриженост поради блиските унгарско-руски односи. Второто е веројатно одлучувачки фактор за Унгарија сега да биде вклучена во новиот антируски пакет санкции.

Всушност, Унгарија е единствената земја од ЕУ која сè уште официјално одржува пријателски односи со Русија и досега само со половина срце ја осудуваше руската агресија врз Украина. Во вторникот (11.04) унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто отпатува за Москва и таму разговараше за руските испораки на гас и руските инвестиции во унгарската нуклеарна индустрија. Истиот ден, белорускиот министер за надворешни работи Сергеј Алејник дојде на разговори во Будимпешта.

Петер Сијарто Сергеј Лавров Николај Косов Меѓународна инвестициска банка
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто (лево) со неговиот руски колега Сергеј Лавров (во средината) и шефот на Меѓународната инвестициска банка, Николај Косов (десно)Фотографија: Russian Foreign Ministry/Tass/IMAGO

Хомофобни напади против американскиот амбасадор во Унгарија

Унгарија досега ги поддржуваше антируските санкции на ЕУ со неколку исклучоци, проади што од Москва неодамна беше класифицирана како „непријателска земја“. Сепак, унгарскиот премиер Орбан постојано се изјаснува за прекин на санкциите. Орбан, исто така, постојано тврди дека војна немало да има доколку Доналд Трамп сè уште беше претседател на САД. Тој за рускиот напад врз Украина индиректно ги обвинува САД под претседателот Бајден и „кон војна настроената ЕУ“.

За ескалација на односите меѓу Унгарија и САД придонесе и личноста на американскиот амбасадор во Будимпешта, Дејвид Пресман и неговите активности. Пресман отворно се изјаснува како хомосексуалец, па е идеална мета за хомофобната влада на Унгарија. Кога ја презеде функцијата во унгарската престолнина, Пресман се соочи со жестоки анти-геј напади од страна на провладините активисти и медиуми.

Антиамериканската кампања на Унгарија продолжува

Унгарската влада, од друга страна, долго време го обвинува Пресман за поддршка на опозициските партии и заговор за соборување на Орбан. Една од причините за ова е што американската амбасада моментално ја поддржува проукраинската унгарска кампања со плакати, која гласи: „Руси, одете си дома!“ Партијата на Орбан, Фидес, го користеше овој слоган за политички кампањи во периодот на промена на системот. 

Пресман, од своја страна, настапува со пријателски тон, но е критичен во оценката на режимот на Орбан. Понекогаш не може да одолее, па упатува саркастични странични удари. Минатата есен, на пример, неговата амбасада објави онлајн квиз со бизарни антиамерикански и проруски изјави. Сите, без исклучок, потекнуваа од унгарски политичари и публицисти - не од Владимир Путин.

Откако Пресман пред два дена ги објави американските санкции против Унгарија, следуваа очекувани официјални унгарски реакции. Претставниците на владејачката партија Фидес на Орбан рекоа дека Унгарија ќе го брани својот суверенитет и нема да го промени својот став.

Провладините медиуми, од друга страна, ја продолжија својата жестока антиамериканска кампања. Нашироко читаниот булеварски портал „Ориго“ го објави насловот: „САД повторно откриени: Ги издаваат сите свои сојузници и им забиваат нож в грб“. А познатиот публицист и пријател на Орбан, Золт Баер, на адреса на Пресман напиша: „Затвори ја муцката, разбираш?“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема