Анкета на ИРИ: Државата оди во погрешна насока
19 декември 2022Новата анкета во Северна Македонија од страна на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажа незадоволство од правецот во кој се движи земјата,но и силна поддршка за членство во Европската Унија и зголемување на позитивните перцепции за Кина и Турција. Во однос на интеграцијата во ЕУи внесувањето на Бугарите во Уставот, како важен чекор на тој пат, истражувањето покажува дека 38 проценти од испитаниците „силно не се согласуваат“ со тоа, додека 11% целосно се согласуваат.
Во кој правец оди земјата?
Само 13% од анкетираните македонски граѓани сметаат дека земјата се движи во вистинската насока, додека 58% одговориле дека се движи во погрешна насока. Дваесет и осум проценти се неутрални.
„Со зголемувањето на инфлацијата и цената на енергијата и другите економски предизвици со кои се соочува Северна Македонија во моментов, нашите податоци покажуваат дека луѓето не веруваат дека земјата се движи напред во вистинската насока“, рече Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа. „Креаторите на политиките на национално ниво ќе треба да останат фокусирани на економските прашања доколку сакаат да видат промена во бројките.
Анкетата исто така покажа силна поддршка за членството во ЕУ и покрај падот од 11 процентни поени од ноември 2021 година. Седумдесет и три отсто од македонските граѓани сакаат да влезат во ЕУ, а 24 отсто не се за влез во ЕУ.
„Многу е охрабрувачки да се види таква силна поддршка за членство во ЕУ бидејќи има и недемократски актери кои напорно работат за да ја подобрат својата положба во земјата“, посочува Мекарти.
Анкетата покажа дека 87 отсто од македонските граѓани силно се согласуваат или донекаде се согласуваат дека силните односи со Турција најдобро и служат на интересите на земјата. Шеесет и пет проценти истото го мислат за Кина. Овие бројки претставуваат мало зголемување од претходната анкета на ИРИ, и за Турција, и за Кина.
Кои се најголеми проблеми со кои се соочува земјата?
Високите цени за 31 отсто од испитаниците се најголем проблем во земјата, додека за 29% тоа е сиромаштијата. Економската ситуација (25%), ниските плати и пензии (21%), невработеноста (18%) и корупцијата (12%) се исто така на листата на најголеми проблеми во земјата. За 53 проценти од испитаниците, се влошил квалитетот на нивниот живот, додека за 41 отсто ситуацијата е иста како претходно. Само 4% проценти од испитаниците целосно му веруваат нa правосудството, што е намалување за 50 проценти за една година. Ниска е довербата и во Обвинителството, полицијата, здравствениот систем, работата на Владата, образованието.
За кого ќе гласаат?
Најновата анкета на ИРИ, покажува дека во случај утре да се одржат предвремени парламентарни избори 19% од анкетираните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ. За СДСМ би гласале 11% од испитаниците,7% за ДУИ, а 6% за политичката партија Левица. Во споредба со ноември минатата година, довербата во СДСМ е за пет проценти опадната, во ВМРО-ДПМНЕ - за еден процент, додека кај ДУИ е иста.
Дури 45 проценти од испитаниците одговориле дека не се задоволни од работата на ниту еден од министрите во сегашната Влада. На листата на тројца најдобри министри се наоѓаат имињата на премиерот Димитар Ковачевски (13%), Оливер Спасовски (12%) и Фатмир Битиќи (5). Граѓаните сметаат дека вицепремиерот Артан Груби (15%) и шефот на дипломатијата Бујар Османи (13%) не ја вршат својата функција онака како што би требало.
Поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски е „најпопуларен политичар“ со рејтинг од 7%, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има доверба од 6%, како и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, по што следи Ковачевски со 5 проценти.
Истражувањето на јавното мислење е спроведено од Центарот за анализи на анкети на Брима. Истражувањето е направено на репрезентативен примерок од 1.207 испитаници на возраст над 18 години од 23 септември до 13 октомври со маргина на грешка од 2,8 отсто и 95 отсто ниво на доверба.