Бајден го потпиша законот за заштита на истополови бракови
14 декември 2022„Овој закон и љубовта која тој ја заштитува ја победува омразата во сите нејзини форми“, изјави американскиот претседател Џо Бајден на прославата по потпишувањето на законот за заштита на исполовите бракови. На прославата присуствуваа голем број гости, меѓу кои и сопственикот на ноќниот клуб во Колорадо Спрингс, популарен кај хомосексуалците и трансородовите лица, каде во ноември беа убиени пет луѓе.
Американскиот конгрес го донесе законот минатата недела. Тој се смета за голем чекор во борбата против дискриминацијата. Законот не принудува ниту една американска сојузна држава да дозволи хомо-бракови, но ги обврзува сојузните држави да ги признаат сите легално склучени бракови.
Истополовите бракови во САД се легални од 2015 година. Таква пресуда донесе Врховниот суд. Но, одлуката на судот во јуни 2022 година против правото на абортус, предизвика несигурност кај застапниците за хомо-бракови и ги натера на носење закон за заштита на вакви бракови. Еден од конзервативните судии изјави дека судот сега би можел да ја преиспита и одлуката за истополови бракови.
Јавното мислење во САД во текот на изминатите години се помести во полза на истополови бракови. Според истражувачкиот центар Пју, во истражување направено во ноември годинава, 61% од испитаниците рекле дека исполовите бракови се добри за општеството. Против вакви бракови се мнозинството републиканци и белите евангелски христијани.