1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Balkan Booster: „Да не постоеше, ќе требаше да се измисли“

24 декември 2022

На конференција во Нови Сад се собраа учесници во проектот Balkan Booster од изминатите шест години. Во нивниот талент можеше да се увери и главната уредничка на ДВ, Мануела Каспер-Клериџ.

https://p.dw.com/p/4LOOy
Завршната конференција на Balkan Booster годинава се одржа во Нови Сад
Завршната конференција на Balkan Booster годинава се одржа во Нови СадФотографија: Ajdin Kamber/DW

Што има повеќе од 20 милиони кликови годишно и им дава глас на младите новинари на Балканот? Balkan Booster, една од најуспешните програми на Дојче веле за млади таленти. Притоа, тука не се ни опфатени многуте реакции на социјалните мрежи кои учесникот Марко Лазиќ ги предизвика оваа година.

Во родниот град на Марко, Нови Сад, на почетокот на декември се собраа учесници во Balkan Booster од сите шест години на проектот. Во тандем со Меридијана Статовци од Косово тој беше учесник на овогодинешното издание, кое завршува деновиве. Ова е и време кога повторно се зголемуваат тензиите меѓу Србија и Косово. Политичарите не можат да најдат решение за проблемите. Какво влијание има тоа врз животите на луѓето во двете земји? На Марко му е доста од тоа секогаш сѐ да се сведува на конфликти. „Една од најлошите гласини за Балканот е дека сите постојано се во несогласување едни со други. Ако одам на Косово, тоа не е опасно, ниту за мене ниту за другите. И Балканот влезе во 21 век и за нашата генерација не постојат само конфликти“.

Со својата тандем-партнерка Меридијана Статовци, Марко направи две видеа во Нови Сад и две во Приштина. Меѓу другото, известуваа и за високите кирии за студенти или фудбал за слепи - теми за помладата публика кои вообичаено остануваат незабележани во балканските медиуми. И за Меридијана, политичките судири меѓу нивните земји немаа негативно влијание врз работата со нејзиниот српски колега: „Сè помина добро. Само моите родители беа загрижени кога првпат во животот отидов во Србија“. Сепак, таа гледа зошто нејзината соработка со Марко има одредена симболична моќ: „За нас, кои пораснавме по војната, важно е да видиме со свои очи дека работите не се онака како што често се прикажуваат. Новата генерација треба да се поврзе една со друга за да ја обликува иднината“.

Меридијана Статовци и Марко Лазиќ Balkan Booster 2022
Меридијана Статовци и Марко ЛазиќФотографија: DW

Создавање одржливи мрежи

Кога Јелена Контиќ првпат учествувала на Balkan Booster, била комплетен почетник, се присетува младата репортерка од Црна Гора. Оттогаш многу работи се промениле: „Вештините што ги стекнав во двете години кога учествував во Balkan Booster ја обликуваа мојата кариера. Во Црна Гора станав позната како новинарка која практикува мобилно новинарство“.

Работилниците и интензивната теренска работа на Balkan Booster го надминуваат прашањето како да се снима видео со мобилен телефон: „Целиот пристап, раскажувањето приказни, предизвикот да се раскаже приказната за една личност за помалку од три минути, која на свој начин, на пример, го претставува решението на некој проблем - тоа е она што го научив“.

Јелена е дел од семејството Balkan Booster од 2018 година и оттогаш снима приказни за Дојче веле. Најголемото достигнување, сепак, е заедницата на нејзините колеги од Balkan Booster од целиот регион, не само за неа, туку и за новата генерација медиумски професионалци во Југоисточна Европа кои треба да го редефинираат новинарството во своите земји: „Во текот на Balkan Booster запознав толку многу луѓе со кои сум во постојан контакт.“ Ова не само што резултираше со лични пријателства, туку и со мрежа на млади новинари кои меѓусебно се поддржуваат: „Ако напишам нешто, на пример за нешто што се случува во Албанија, тогаш ги повикувам моите локални колеги од Balkan Booster. Им го покажувам она што сум го сработила пред да биде објавено за да слушнам нивно мислење“.

Дел од Balkan Booster-семејството на дискусија на универзитетот во Нови Сад Balkan Booster 2022
Дел од Balkan Booster-семејството на дискусија на универзитетот во Нови СадФотографија: Ajdin Kamber/DW

Конструктивно новинарство за нови целни групи

Заголемиот јубилеј на Balkan Booster, главната уредничка на ДВ, Мануела Каспер-Клериџ, отпатува лично во Нови Сад. Со оглед на доминацијата на негативните наслови во медиумите од регионот, и главната уредничка на Дојче веле беше лично трогната од средбата со учесниците: „Овде запознав млади, многу посветени новинари, од Босна и Херцеговина, од Србија, од Албанија - од земји кои не се нужно пријателски настроени една кон друга. Разговараат меѓу себе и разменуваат новинарски содржини. Навистина сум воодушевена, меѓу другото и од квалитетот на Balkan Booster-прилозите“. Освен тоа, учесниците во проектот се запознати со теми и канали за комуникација кои го прават ДВ релевантно за помладата публика: „Потребен ни е овој 'инпут' од младите новинари овде, на Балканот.“

Кога Аделхајд Фејлке, шефица на одделот за Европа во ДВ, се сеќава на раѓањето на Balkan Booster во 2017 година, таа е презадоволна од тоа како се развиваше проектот: „Со текот на годините се изградени големи капацитети и меѓусебно се поврзани млади колеги во регионот“. Овој прекуграничен и меѓукултурен проект е уникатен: „Учесниците произведуваат автентични приказни кои секогаш имаат двојна културна проверка. Тоа генерира голем кредибилитет кај нашите корисници“. Притоа, не се изоставаат и табу-темите, како што се родовата еднаквост, еманципацијата, маргинализираните групи или социјалната неправда.

Мануела Каспер-Клериџ (д.), главна уредничка на ДВ, во дискусија со младите новинари од Балканот
Мануела Каспер-Клериџ (д.), главна уредничка на ДВ, во дискусија со младите новинари од БалканотФотографија: Ajdin Kamber/DW

Жив организам

Balkan Booster е гласноговорник за младите медиумски професионалци на Балканот: „Поривот за занимавање со вакви содржини доаѓа од самите млади луѓе и ние го овозможуваме тоа“, вели Фајлке.

И според проект-менаџерката и тренер Аида Софиќ-Салихбеговиќ, основната филозофија на проектот Balkan Booster ја сочинуваат тематската разноликост и конструктивната соработка.  За неа е особено важна професионалната флексибилност: „Една од причините за големиот успех на Balkan Booster е динамичниот дизајн на проектот. И ние научивме многу од нашите учесници. Какви специфични потреби имаат тие? Каде им е потребна слобода и каде им треба водство? На овој начин, секоја година ги развивавме работилниците и соработката меѓу тандемите и уредничкиот тим на ДВ“.

Аделхајд Фајлке: Да не постоеше Balkan Booster, ќе требаше да се измисли Balkan Booster 2022
Аделхајд Фајлке: Да не постоеше Balkan Booster, ќе требаше да се измислиФотографија: Ajdin Kamber/DW

Според Софиќ-Салихбеговиќ, тоа има создадено жив организам кој формира природна врска меѓу Дојче веле, новинарите на Balkan Booster и регионалните медиуми. „За новинарството, конструктивниот трансфер на знаење меѓу искусни колеги и млади таленти е од суштинско значење за обезбедување квалитет и здрав развој на медиумскиот пејзаж, особено во регион кој првенствено се карактеризира со тензии“, објаснува Босанката Софиќ-Салихбеговиќ. Таа тоа го гледа секоја година: сите страни профитираат од Balkan Booster.

Со оглед на вознемирувачките појави на дезинформации и хибридни војни, проектот е поважен од кога било, подвлекува Аделхајд Фајлке: „Да не постоеше Balkan Booster, ќе требаше да се измисли. Тоа е нешто што поставува стандарди и токму со тоа сакаме да продолжиме“.