Белоруски партизани оштетиле руски авион кај Минск
27 февруари 2023Според белоруската опозицијата, рускиот воен авион е оштетен во чин на саботажа во Белорусија. Рускиот авион бил погоден на аеродромот во Мачулишчи во близина на главниот град Минск, објави во неделата на Твитер Франак Вјачорка, близок советник на протераната опозициска лидерка Светлана Тихановскаја.
Според Вјачорка нападот го извршиле двајца Белоруси користејќи дронови. Тие веќе ја напуштиле државата и се на безбедно, објави Вјачорка, но притоа не кажа за каков авион станува збор. Според медиумите блиски до белоруската опозиција, станувало збор извидувачки авион од типот А-50.
„ Горда сум на сите Белоруси кои продолжуваат да се спротивставуваат на руската хибридна окупација на Белорусија и се борат за слободата на Украина“, порача пак опозициската лидерка Тихановскаја осврнувајќи се на информацијата за оштетениот руски воен авион.
Според нејзиниот советник Вјачорка ова бил најуспешниот чин на саботажа од страна на белоруските партизани од почетокот на 2022 година.
Предните и централните делови на леталото, како и радарската антена се оштетени како последица на две експлозии во нападот на воздухопловната база кај Минск, јавија медиумите блиски до белоруската опозиција. Рускиот авион „Бериев А-50“, име на НАТО „Мајнстај“, е наменет за воздушно рано предупредување, со воздушни командни и контролни способности и можност за следење до 60 цели истовремено.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина пред една година, имаше неколку чинови на саботажа во Белорусија и во руските региони кои граничат со Украина, особено на железничкиот систем.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко е близок сојузник на рускиот лидер Владимир Путин. Белорусија не учествува директно во руската офанзива врз Украина, меѓутоа, Лукашенко им дозволи на руските војници да ја користат белоруската територија како база за операции во Украина.