Кина нема да ѝ испорачува оружје на Русија
14 април 2023Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг денеска изјави дека земјата нема да продава оружје на завојуваните страни во Украина и оти ќе го контролира извозот на сѐ што може да има и цивилна и воена употреба.
САД и другите земји претходно изразија загриженост дека Кина размислува да обезбеди воена помош за Русија.
„Во однос на извозот на воена опрема, Кина зазема одговорен став. Кина нема да ги снабдува со оружје релевантните страни во конфликтот и ќе го управува и контролира извозот на стоки со двојна намена во согласност со законите и прописите“, рече Чин на конференцијата за медиумите со неговата германска колешка Аналена Бербок.
Чин ја повтори подготвеноста на Кина да помогне во мировните разговори и рече дека сите страни треба да останат „објективни и мирни“.
Како и канцеларот Олаф Шолц за време на неговата посета на Пекинг во ноември, и Бербок ја повика Кина да се заложи за тоа по мирен пат да ѝ се стави крај на руската војна против Украина.
„Еден човек може да стави крај на оваа војна утре а тоа е рускиот претседател Владимир Путин. „И ниту една друга земја нема толку големо влијание врз Русија како Кина“, додаде аербок.
Таа во своето обраќање уште рече дека како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, Кина има посебна одговорност да помогне да се стави крај на конфликтот. И затоа Бербок праша зошто Кина не побарала од „агресорска Русија“ да ја „запре оваа војна“.
Таа се осврна и на тензиите во Тајванскиот теснец, низ кој поминува голем дел од светската трговска стока, и рече дека конфликт во таа област би бил „глобална катастрофа“.
Нејзиниот кинески колега Чин, пак, ја обвини владата на Тајван за зголемените тензии во регионот откако Пекинг одржа големи воени вежби во обид да го заплаши островот.