Скопјани да не се грижат, парно ќе има навреме
29 јули 2022Нови цени на парното во Скопје и зголемени грижи како да се набави природен гас во услови на енергетска криза во пресрет на зимската грејна сезона. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на цената на парното од августза 14,18 % за најголем број на корисниците на мрежата на БЕГ и упати повик до институциите на локално и централно ниво за домаќинско работење и штедење, со цел што полесно да се преброди зимата. „Еден степен намалување на температурата овозможува заштеда на енергенс од околу 5 проценти“, вели првиот човек на регулаторното тело Марко Бислимоски.
Надлежните уверуваат дека проблеми со парното греење во Скопје нема да има, но укажуваат дека треба да се набави доволно природен гас за топланите. Доколку не е можно да се увезат потребните количини на природен гас за производство на топлинска енергија во ТЕ-ТО и топланите, тогаш сета потребна топлинска енергија ќе мора да се произведе во топланите со користење на мазут. Тоа, според Бислимоски, не е добро решение со оглед на негативните ефекти на мазутот врз околината и здравјето на граѓаните. Единственото решение е да се обезбеди природен гас со што ќе се овозможи еколошко затоплување и најекономично греење во Скопје.
Вртоглав раст на цените
Причината за сите поскапувања е цената на природниот гас. Цела Европа и регионот имаат сериозни проблеми во енергетскиот сектор заради превисоките цени на енергетските ресурси и намалените количини на природен гас што се увезуваат од Русија.
„Овие неколку дена цената на природниот гас збесна и е околу 2 200 долари за нормален метар кубен, тоа е една цена која што никој не можел да ја предвиди, ни во најлошите сценарија. За жал, мора да живееме со овие високи цени и имајќи предвид дека земји во Европа се соочуваат и со проблеми во однос на обезбедување на природниот гас“, вели првиот човек на РЕК.
За производство на топлинска енергија во земјата се користи увозен природен гас чија цена денес е околу 10 пати повисока од цената во јули 2021 година. „Енергетските компании што вршат снабдување со топлинска енергија побараа зголемување на цената и до 78 проценти. Во денешните одлуки зголемувањето на цената за најголемиот број потрошувачи кои се снабдуваат од БЕГ е само 14,18 проценти што се должи на значајната субвенција во цената на топлинската енергија за домаќинствата од страна на Владата“, вели Бислимоски.
Се предвидува ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите. „Цената на гасот постојано расте, но сметаме дека Скопје не треба да се грее на мазут. Можеби ќе се заштеди на цената, но тогаш ќе имаме големо загадување и граѓаните ќе ги дадат парите за лечење на Онкологија“, дециден е Бислимоски.
Навреме ќе има парно
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели посочи дека скопјани не треба да се грижат, бидејќи топлинската енергија во градот ќе биде навремено испорачана. Според Законот за енергетика, иако на БЕГ му се одземени трите лиценци за парното во Скопје, компанијата ќе мора да ги исполнува своите обврски сè додека не се назначи нов економски оператор.
Откако градоначалничката на Скопје,Данела Арсовска се изјасни дека Градот не може да го преземе парното, Владата ја задолжи ЕСМ да формира свои фирми. Новооснованите друштва основани од АД ЕСМ – Скопје, кои ќе вршат енергетски дејности на подрачјето на Град Скопје, се задолжени да се јават во постапката за избор на компанија која ќе ја преземе обврската да обезбеди парно за главниот град.
„Пред две седници на Влада, генералниот секретаријат беше задолжен да пропише постапка за избор на нов економски оператор кој ќе управува со топлинската енергија во главниот град, дали ќе биде ЕСМ или некој друг не можеме да прејудицираме“, вели Битиќи. Тој посочи дека на повикот може да се јави и претпријатието кое е под капа на Град Скопје - ,„Градски енергетски системи“, формирано токму за оваа намена, но и која било друга компанија.
„Во овој момент тоа што е битно е процесот да заврши навреме, транспарентно и без никакви правни недоречености, а се друго, граѓаните да не се грижат, ќе биде навремено испорачано топлинската енергија за граѓаните во Град Скопје, како што тоа го направивме во претходниот период“, вели Битиќи.