Битка на ДУИ за јазикот или за заштита на криминалот
11 декември 2024Повик до граѓаните да се соберат утрово пред Уставниот суд „во одбрана на албанскиот јазик“, испрати синоќа Демократската унија за интеграција. Партијата молчи за назначувањето на нејзиниот функционер Артан Груби на црната листа на САД, но е гласна со повици и соопштенија пред денешната седница на која Уставниот суд треба да расправа по иницијативи за Законот за употреба на јазиците. Во моментот кога треба да почне седницата на судот, ДУИ закажа прес конференција.
„Ова е одлучувачки момент за иднината на нашата мултиетничка и демократска држава. Обединети и спокојни, да испратиме порака за важноста од почитување на еднаквоста, правдата и демократските вредности. Иднината е во наши раце!“, се вели во повикот на ДУИ.
Во претходно соопштение партијата оцени дека „повторно се на раскрсница, каде што правото на претставување, еднаквост и заслужено место во општеството е доведено во прашање“.
„Им се обраќаме на судиите на Уставниот суд: Ова не е само правна одлука - ова е одлука што ќе одреди дали Северна Македонија ќе остане држава во која сите нејзини граѓани се чувствуваат еднакви и почитувани. Не ја правете историската грешка да уништите она што заедно сме го изградиле со голем труд и напор. Ги повикуваме и граѓаните, како и меѓународните институции, внимателно да го следат овој процес“, се наведува во партиското соопштение.
Во него од ДУИ се претставуваат „како легитимни претставници на мнозинската волја на Албанците во Северна Македонија од последните избори“, и велат дека се обраќаат „на совеста на судиите и на совеста на оние кои влијаат врз нивните одлуки“.
По ист урнек како протестите на Груевски пред ДИК
Премиерот Христијан Мицкоски вчера посочи дека во ДУИ точно знаат како одат процедурите, но како политички глодари прават притисок, за потоа кога денес нема ништо да се случи во Уставниот суд, да се фалат дека тоа било резултат на нивниот притисок.
„А од каде знаат дека нема ништо да се случи“, праша потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми на ТВ 21.
„Ова е круцијално прашање, бидејќи кај нас водачите на извршната власт, Владата, се прават обвинители, судии, се прават повеќе од претседателот на Уставниот суд, поголеми од Уставниот суд. Од каде знаат дека ништо нема да биде?“, праша тој.
Ова е уште едно од манипулативните прашања на ДУИ, со оглед дека претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, минатиот месец во тв-интервју рече дека „во декември не мора веднаш да биде донесена одлука“.
„Можно е тоа да биде подготвителна седница, можно е од Венецијанската комисија да се побара amicus curiae - пријателски совет ако бидат утврдени спорни правни прашања, а уставните судии сега ja имаат и алатката што им ја дава новиот акт - да изразат сомнеж во некои одредби и да ги пратат во Собранието на доработка. Воопшто не се доведува под закана употребата на јазиците, значи само начинот, примената, како е операционализиран. И никој не треба да стравува од нашите одлуки“, рече Костадиновски во ноември.
Уставниот суд минатата недела и преку соопштение порача дека нема да коментира ничии ставови, а по завршување на седницата ќе се одржи прес- конференција на која ќе биде одговорено на сите прашања.
Аднан Азизи, пратеник од коалицијата Вреди, го коментира „театарот на ДУИ пред Уставниот суд“, како уште едно сценарио смислено од газдите на Али Ахмети, меѓу кои едниот е Никола Груевски.
„Се сеќавате пред 8 години, кога Никола Груевски сакаше да го брани својот криминал во име на протестите пред ДИК?“, прашува Азизи.
Според него сега се случува истата ситуација.
„Во име на албанскиот јазик сакате да ја заштитите корупцијата и Соравија (...) Изгоре играта на ДУИ, а Албанците решија да одат напред“, оценува тој.
СДСМ: Според препораките на Венецијанската комисија
Од СДСМ утрово порачаа Уставниот суд да не потпаѓа под политички притисоци и да одлучува исклучиво согласно со Уставот.
„Остро ја осудуваме политизацијата и манипулациите со чувствителни прашања, кои имаат потенцијал да ја нарушат стабилноста на државата и да го предизвикуваат соживотот. Оваа пракса на поттикнување тензии, како што видовме од некои политички актери, не придонесува за решавање на проблемите, туку напротив, ги продлабочува. Одговорноста за иднината на нашата држава е заедничка, и никој нема право да го злоупотребува Законот за употреба на јазиците за теснопартиски интереси“, наведуваат од партијата.
Оттаму го потенцираат ставот дека „секоја измена во Законот за употреба на јазиците мора да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија“.
„СДСМ, имено, стои на ставот дека сите законски решенија мора да бидат јасни, применливи и во согласност со европските стандарди, но и во духот на мултикултурата во Република Северна Македонија и Охридскиот Рамковен договор. СДСМ ќе продолжи да се залага за мултикултурно, европско и демократско општество, во кое правата на сите граѓани ќе бидат максимално заштитени, а законите ќе се спроведуваат во согласност со највисоките правни и демократски стандарди“, порача СДСМ, со повик сите партии да бидат конструктивни со цел да се одржи стабилноста и меѓуетничката доверба.
Еди Рама: Неразбирлив спор во Уставниот суд
Во дебатата се вклучи и албанскиот премиер Еди Рама, од настан во Тирана организиран од подмладокот на фондацијата „Арбен Џафери“.
„За жал, вклучена е и темата за албанскиот јазик, кој во моментов за мене е во неразбирлив и необјаснив спор во Уставниот суд на Северна Македонија“, ја пренесе ТВ Клан Албанија изјавата на Рама.
„Мислам дека тоа што Албанците го добија како државјански права во Северна Македонија, не е прашање на Уставниот суд, не е прашање на закони, не е прашање на привремена волја на политичките партии. Велам привремена, затоа што политичките партии се избираат еднаш на четири години и некогаш се на едната, некогаш на другата страна, некогаш имаат многу работи во рака, некогаш немаат“, изјавил премиерот на Албанија.
Притоа оценил дека албанскиот јазик во Северна Македонија е прашање што помогнало не само да се задржи Северна Македонија заедно, туку и да се негува дух и начин на соживот меѓу двата државотворни народи - Македонците и Албанците, во смисла на нивна интеграција во системот на западните политички, етички и културни вредности.
„Многу голема работа е да се влезе во правните лавиринти кои сега му припаѓаат на минатото“, изјавил Рама, оценувајќи дека пред многу години Арбен Џафери и Али Ахмети заедно со други направиле пресвртница за мирниот соживот и европската државотворност на Македонија.
„И тоа не го решија Арбен Џафери и Али Ахмети, туку одлучија Албанците претставени на маса од Арбен Џафери и поставени во планините од Али, и Македонците претставени од нивните највисоки претставници од тоа време“, изјавил Рама.