Блинкен доаѓа во Скопје, Лавров чека дозвола за прелет
27 ноември 2023Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ги претставува САД на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) којшто неделава треба да се одржи во Скопје. Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О'Брајан пред новинарите во Вашингтон изјави дека Блинкен за време на неговата турнеја низ Европа неделава се очекува да ја истакне континуираната поддршка на НАТО за Украина, јавија светските агенции.
Учество на состанокот најави и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Тој на Форумот „Примаков“ во Москва. изјави дека ќе учествува на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Северна Македонија доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор за руската делегација и дека некои западни земји веќе побарале да се сретнат со него.
Се чека дозвола за прелет од Бугарија
Шефот на руската дипломатија вели дека Северна Македонија го поканила да присуствува на Состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ од 30 ноември до 1 декември. „Очигледно Бугарија ѝ вети на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор - ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме“, изјавил Лавров.
Според портапаролот на Европската комисија, Петер Стано, патувањето на Лавров во Скопје не би претставувало кршење на европските санкции против Русија.
„Рускиот министер за надворешни работи Лавров може да отпатува во земја на ЕУ или во Северна Македонија, и покрај тоа што е на европската листа на санкции наметнати на Русија поради војната во Украина. Земјите од ЕУ можат да дозволат прелетување на авионот на Лавров, како и властите во Скопје да издадат дозвола за слетување и учество на состанокот, тоа нема да биде прекршување на санкциите. Ова ќе ни даде можност да застанеме очи во очи со Лавров и да разговараме за лагите што тој ги шири“, изјавил Стано на брифинг во Брисел.
Средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ ќе се одржи во Скопје во периодот од 29 ноември до 1 декември. Со организацијата во моментов претседава Република Северна Македонија, а Малта ќе биде следната земја претседавач со регионалната безбедносна организација за 2024 година.