1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Блинкен ја одложи посетата на Кина поради балонот

Кристијан Валц
4 февруари 2023

Нови проблеми во американско-кинеските односи поради наводниот кинески шпионски балон над САД.

https://p.dw.com/p/4N64Q
Балонот над САД e со големина на три автобуси
Балонот над САД e со големина на три автобуси Фотографија: Larry Mayer/The Billings Gazette/AP/dap/picture alliance

Американскиот министер за надворешни работи Антони Блинкен ја обвини Кина за „неодговорен чин“ поради летот на наводниот шпионски балон. Според неговите изјави, тој телефонски му се јавил на највисокиот кинески дипломат Ванг Ји и му објаснил дека затоа нема да патува во Кина како што е планирано.

Појавувањето на балонот во воздушниот простор на САД е јасно кршење на суверенитетот на САД и јасно кршење на меѓународното право, оцени Блинкен, додавајќи дека светот очекува САД и Кина да се однесуваат одговорно. САД, според него, го прават тоа и тој очекува Кинада го стори истото.

„Врвен приоритет“ за САД сега е да го отстранат балонот од својот воздушен простор, рече Блинкен. Тој не даде информација како треба да се случи тоа. Американското Министерство за одбрана, претходно соопшти дека одлучиле да не го соборат балонот, бидејќи деловите што паѓаат може да загрозат премногу луѓе на земја. И покрај тоа, поранешниот претседател Доналд Трамп на онлајн платформата Truth Social побара: „Соборете го балонот!“

Информацијата за летот на балонот со големина на три автобуси беше објавена во четвртокот (2.02). Според Пентагон, тој пред неколку дена влегол во воздушниот простор на САД и меѓу другото ја прелетал сојузната држава Монтана на северозапад. „Целта на балонот е очигледно шпионажа и неговиот сегашен пат е над чувствителни бази“, изјави претставник на американското Министерство за одбрана.

Во регионот се наоѓаат бази на воздухопловните сили и подземни локации за нуклеарни ракети. Сепак, се вели дека опасноста што произлегува од балонот не е особено голема: „Дојдовме до заклучок дека овој балон има само ограничени способности од шпионски аспект“.

Појавувањето на балонот во воздушниот простор на САД е јасно кршење на суверенитетот на САД и јасно кршење на меѓународното право, оцени Ентони Блинкен
Појавувањето на балонот во воздушниот простор на САД е јасно кршење на суверенитетот на САД и јасно кршење на меѓународното право, оцени Ентони БлинкенФотографија: Win McNamee/Getty Images

Втор балон над Латинска Америка

Раководството во Пекинг се обиде да ја смири ситуацијата. „Кина нема намера да ја наруши територијата или воздушниот простор на која било суверена држава“, изјави владиниот портпарол. Кина, како што се вели, ги продолжува разговорите со САД за справување со „неочекуваната ситуација“. Кинеското Министерство за надворешни работи нагласи дека балонот „се користи за истражувачки цели, главно за метеоролошки цели“. „Цивилниот воздушен брод“ скршнал од својот курс поради силните ветрови, се тврди од Пекинг.

Во меѓувреме, според Пентагон, втор таков балон се појавил над Латинска Америка. „Според нашата проценка, тоа е уште еден кинески шпионски балон“, рече портпаролот на министерството, Пет Рајдер. Тој не даде информација за тоа каде точно е забележан овој балон.

Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен требаше да води политички разговори во Пекинг во недела и понеделник. Неговото патување ќе се реализира кога „условите ќе бидат соодветни“, се вели од Вашингтон. Тензиите меѓу Кина и САД значително се зголемија во последните години, пред сѐ поради конфликтот околу Тајван и трговски прашања.