1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борел ги повика Вучиќ и Курти на итен состанок

ЕМФ | бета
22 јуни 2023

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел денеска соопшти дека ги поканил лидерите на Србија и Косово на итен состанок во Брисел за да се најде решение за излез од најновата криза.

https://p.dw.com/p/4SvTU
Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика
Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политикаФотографија: Imago Images/Seeliger

Во својата објава на Твитер, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел пишува дека ги повикал на итен состанок лидерите на Србија и Косово и бара „итна деескалација“ и нови избори на северот на Косово:

„Ги поканив лидерите на Србија и Косово, претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти, на итен состанок во Брисел за да се најде решение за излез од најновата криза. Потребна ни е итна деескалација и нови избори на северот на Косово, со учеството на косовските Срби. Ова е нешто најважно за регионот и ЕУ“, наведува Борел.

Вучиќ утрината изјави дека ќе оди во Брисел, но дека нема да разговара со Курти, туку само со Борел. Српскиот претседател во вторникот (20.06) рече дека нема да оди во Брисел на средба со Курти „додека не биде ослободен секој уапсен Србин, додека не се повлечат лажните градоначалници од северот на Косово, додека не се повлече нивната специјална полиција и додека не престанат да апсат Срби секој ден“.

Курти синоќа изјави дека ќе одговори на поканата на Борел да учествува на состанокот на високо ниво, наведувајќи дека ќе инсистира на „итно и безусловно ослободување на тројцата полицајци кои Србија ги држи како заложници и на деескалација и нормализирање на односите“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема