Борисов: Соседите не ги разбираат европските вредности
27 септември 2022Исвиркувањето на бугарската химна и скандирањата со навредливи пораки од трибината во националната арена во Скопје, вчера привлекоа многу повеќе внимание во бугарската јавност, отколку победата на нивниот национален тим во последното коло во Ц-сегментот од Лигата на нации. Во соседството резултатот се третира како двојна победа, бидејќи бил одраз на голема мотивација на Бугарите, за дуелот одигран во „непријателска опстановка“.
Меѓу првите што се огласи беше лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов.
„Респект за момците од националниот фудбалски тим на Бугарија! Така се брани достоинството на нашата нација! Како Бугарин и фудбалски фан категорично го осудувам навредувањето на бугарската химна во почетокот на мечот Бугарија - РСМ. За жал, со ваквите постапки нашите соседи од Република Северна Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности“, напиша Борисов на Фејсбук.
Поранешниот министер за спорт, Красен Кралев, свиркачите на бугарската химна ги нарече хулигани и ги повика бугарските власти итно да реагираат.
„Срамно исвиркување на бугарската химна од македонските хулигани. Верувам дека УЕФА ќе биде бескомпромисна во санкциите кон РС Македонија. Неприфатливо е и пред првиот судиски свиреж вечерва публиката на ‘Тоше Проески’ да го исвирка не само бугарскиот тим, туку и нашата национална химна! Инсистираме на итна реакција на бугарските власти за неприфатливото наврeдување на нашата репрезентација и химната на Бугарија. Браво за бугарските фудбалери што со цело срце и душа ја пееја бугарската химна (...) Најдобриот одговор на нашите лавови против македонската агресија ќе биде да ги понижиме со победа на Бугарија во Скопје“, напиша Кралев по почетокот на натреварот.
Мотивација за победа
А по завршувањето на дуелот, се нижеа оценки дека токму таквиот „пречек“ бил најголемата мотивација за победа.
„Најголемата мотивација за нас дојде од тоа што публиката ја исвиркуваше нашата национална химна пред натпреварот. Тоа дефинитивно ни даде дополнителни сили да се бориме во текот на целиот натпревар и да го постигнеме овој успех. Заслужено се радувавме по натпреварот“, коментира дефанзивецот Валентин Антов.
Во тој дух се и дел од медиумските наслови.
„Репрезентативците се одмаздија за навредите на нашата химна во Скопје, ја победија Северна Македонија со 1:0“, пишува „24 часа“.
„Пред почетокот на натпреварот од Лигата на нации бугарската химна беше бурно исвиркана од навивачите на стадионот ‘Тоше Проески’ во Скопје, а нашите репрезентативци беа пречекани со извици ‘Бугари, Татари’. Сепак, тоа дополнително ги налути гостите кои ја однесоа првата гостинска победа по 22 неуспеси“, објави „24 часа“.
Некои потсетуваат дека исто како и на дуелот во Разград, Бугарите тоа го третирале само како натпревар, а противничкиот тим „за нешто повеќе од меч“.
„Непријателската опстановка во Скопје почна уште пред првиот свиреж. Националната химна на Бугарија беше бурно исвиркана од домашната публика. За време на натпреварот често се слушаа слични звуци од трибините, а фудбалерите на Северна Македонија играа агресивно, на моменти грубо и често со провокации (...) И покрај ветувањата на домаќините уште пред дуелот, дека во него сѐ се сведува само на спортска страна, а не на односите меѓу двете земји, провокации не недостигаа“, пишува „Дневник“.
Според фотографијата што на социјалните мрежи ја објави поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, овој дуел од националната арена го следел и премиер Димитар Ковачевски, во друштво со Шилегов и актуелниот генерален секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ. А засега единствениот пренесен коментар за атмосферата на натпреварот, е на селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски.
„Мислам дека на спортски план имаше фер-плеј и коректност. Но, не можеме да ги контролираме луѓето на трибините. Жал ми е поради тоа, но тоа е“, ја пренесува БНР изјавата на Милевски.
Градење мостови
Натпреварот се одигра во време на политички сензитивни односи меѓу двете земји, иако во повеќе сфери се прават обиди за градење на довербата. Токму вчера, поразлична слика од онаа во Скопје, стигна од Брисел. Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со европратеникот и известувач за РСМ во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, остварија средба со ученици од Северна Македонија и од Бугарија, кои во рамки на студиска посета се запознавале со работата и функционирањето на ЕП.
„Секогаш ме радуваат иницијативите кои создаваат нови пријателства, искуства, нови знаења и развиваат добрососедски односи. Младите од Северна Македонија и Бугарија покажаа дека знаат да градат мостови кои ќе ги поврзуваат двете држави и се одличен пример дека преку образованието може да се градат соработка и нови проекти кои ќе им донесат нови можности“, рекол Маричиќ пред учениците.
„Мораме да градиме мостови меѓу двата народа, а не да подигаме ѕидови. Вие сте иднината на нашите две земји и примерот што го давате е значаен за добрососедските односи“, порачал домаќинот на оваа средба, европратеникот Илхан Ќучук.
Оваа посета на Брисел следува по изложбата организирана во ОУ „Исмаил Ќемали“ во Скопје, каде ученици од ОУ „Бела Благоева“ од Велико Трново, Бугарија, имаа задача да нацртаат она што најмногу ги воодушевило од Република Северна Македонија, а македонските ученици - она на што се сеќаваат и им се допаднало во Бугарија.По истата аналогија - со какви сеќавања ќе заминат бугарските фудбалери од Скопје? Колку што ова прашање дава извесен одговор, исто така даваат и коментари на соседите на социјалните мрежи, со бројни навреди за македонските граѓани, што само укажува дека на двете страни ќе бидат потребни многу напори за да се надмине сегашното ниво на „добрососедство“.