1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

Бразил: Лула со повеќе гласови од Болсонаро

ЖА / агенции
3 октомври 2022

На претседателските избори во Бразил победникот ќе биде одлучен во вториот круг, на 30 октомври. Иако Лула вчера (02.10.) доби повеќе гласови од Болсонаро, тоа не беше доволно за победа.

https://p.dw.com/p/4HgEn
Луис Инасио да Силва е победник во првиот круг претседателски избори во Бразил
Луис Инасио да Силва е победник во првиот круг претседателски избори во БразилФотографија: Mariana Greif/REUTERS

Во првиот круг на претседателксите избори во Бразил вчера (02.10.2022) ни актуелниот претседател Жаир Болсонаро, ниту предизвикувачот, бившиот претседател Луис Инасио Лула да Силва не добија повеќе од 50 проценти од гласовите. Изборите ќе бидат одлучени на 30 октомври, во вториот круг, соопшти вчера националниот изборен орган ТСЕ.

По пребројувањето на речиси сите гласови, левичарскиот бивш шеф на државата Лула да Силва добил 48, 4 проценти, а актуелниот претседател,  десничарот Болсонаро  – 43,2 проценти.

Истражувањата на јавното мислење пред изборите предвидуваа можна победа на Лула веќе во првиот круг со над 50 проценти гласови, додека за Болсонаро се прогнозираа 36 проценти.

Болсонаро пред изборите поттикнуваше стравови дека нема да ги признае резултатите од гласањето. Бразил во мај одби присуство на набљудувачки тим на ЕУ на изборите.

Жаир Болсонаро, Бразил
Жаир Болсонаро загуби во првиот круг, но има шанси за „поправка“ во вториот, по четири неделиФотографија: EVARISTO SA/AFP/Getty Images

За  Болсонаро, лидер на крајната десница,  кој сега го избегна понижувачкиот пораз во првиот круг, четирите недели до вториот круг би можеле да бидат прилика за дополнително да ги мобилизира своите приврзаници.

Според експертите, Болсонаро од првиот круг излегува зајакнат – и поради изборната победа на бројни десничарски кандидати во Конгресот и Сенатот. „Болсонаризмот“ победи во првиот круг, изјави Бруна Санстос од Бразилскиот институт во центарот Вилсон во Вашингтон. „Вториот круг ќе го доживееме во радикално поларизирано опкружување“, изјави политикологот за агенцијата АФП.

Стравот од враќање на гладот во најголемата економија во Латинска Америка беше една од доминантните теми на изборите. Рапидно растечките трошоци за живот и  последиците од пандемијата на коронавирус  го загрозуваат снабдувањето со храна во земјата.