1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Софија загрижена за судбината на бугарските клубови

ДТЗ
17 март 2023

Софија смета дека станува збор за обиди за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјата и повикува на објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја

https://p.dw.com/p/4Op5J
Бугарија парламент
Бугарија е загрижена за судбината на бугарските клубови во МакедонијаФотографија: nstanev/Fotolia

Министерството за надворешни работи на Бугарија со зголемена загриженост ги следи случувањата во Северна Македонија, откако во четвртокот министерот за правда Кренар Лога стави потпис на негативното мислење за употреба на името Иван Михајлов како назив на бугарскиот културен клуб во Битола. Софија смета дека станува збор за обиди за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјата.

„Одлуките што ги носат властите во Северна Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително и за оние кои се дефинираат како Бугари“, се вели во реакцијата на бугарското МНР. Во неа се потсетува дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија за повреда на чл. 11 од ЕКЧП (право на здружување). Во одлуката на судот се наведува дека името на здружението „Радко“ (псевдоним на Иван Михаилов) само по себе не може да се земе како ризик и закана за јавниот ред. 

Негативно мислење 

На 16 март Комисијата за употреба на лични имиња во Северна Македонија даде негативно мислење за употребата на името на Иван Михаилов од страна на здружението Центар за култура „Иван Михаилов“ - Битола. Врз основа на ова решение, министерот за правда Кренар Лога потпиша решение со кое е одбиено барањето за добивање одобрение за употреба на името Иван Михаилов. 

Во образложението за негативното мислење беше наведено дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува  навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ, имајќи предвид дека се работи за личност блиска  со фашистичка идеологија кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ.  

Кренар Лога
Mинистерот за правда Кренар Лога потпиша решение со кое е одбиено барањето за добивање одобрение за употреба на името Иван Михаилов. Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Во меѓувреме и Централниот регистар денесе решение со кое е одбиено барањето за помирување за името на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид. 

Централниот регистар доставил околу 17.000 невладини организации на разгледување до Министерството за правда. Во законскиот рок, негативни решенија за користење на имињата избрани од нивните основачи добија само здружениот културен клуб „Иван Михаилов-Битолија и „Цар Борис III“. 

„Овој факт покажува дека набрзина донесените и без јавна дискусија измените во Законот за здруженија и фондации, со можност за ретроактивна примена, се направени со една единствена цел, а тоа е бришење од Централниот регистар на две организации на Бугарите во Северна Македонија“, реагира официјална Софија.  

Објективно толкување на историјата 

Според бугарското МНР, овие настани уште еднаш ја покажуваат потребата да се постигне објективно толкување на историските настани и личности од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија. За таа цел беше формирана Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. 

„Денеска сме сведоци како едностраните и пристрасни толкувања на историските настани можат да се користат како аргумент врз основа на кој властите носат одлуки за ограничување на основните права и слободи“, смета бугарското МНР кое, наведува дека според Записникот од состанокот на Мешовитата меѓувладина комисија потпишан на 17 јули 2022 година, формиран врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, Северна Македонија се обврзала да преземе мерки за да обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на бугарската заедница во земјата. 

„Бугарија ќе го следи спроведувањето на преземените обврски“, се вели во реакцијата.