1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија повторно се враќа на погрешниот пат кон Македонија

Vesselin Stoynev
Веселин Стојнев
25 јануари 2023

Колку повеќе ги убедуваме Македонците дека сме биле едно, дека нивното е всушност наше, толку повеќе ја разгоруваме нивната желба да бидат други, поразлични од нас Бугарите. Пишува Веселин Стојнев.

https://p.dw.com/p/4MeC9
Северна Македонија
Фотографија: Government Republic of North Macedonia

Бугарија е на пат повторно да си го стави ежот Северна Македонија во гаќите. А таман се оттргнавме од тој проблем: минатото лето го ставивме Скопје на европскиот колосек на добрососедство и го отстранивме од нашата агенда сериозниот внатрешно-политички проблем со ветото за Скопје, што ги пумпаше мускулите на псевдопатриотските партии.

Не замижуваме пред изливите на омраза и насилство

Апсолутно не станува збор за затворање очи пред изливите на омраза и пред бруталното претепување на македонскиот Бугарин Христијан Пендиков. Покрај итното прифаќање на тешко повредениот на лекување, Бугарија презеде и остри дипломатски гестови: протестираше пред амбасадорот на Северна Македонија, го повика бугарскиот амбасадор во Скопје на консултации, со што предупреди на влошување на меѓудржавните односи, а претседателот, премиерот и парламентарните партии излегоа со гневни изјави. 
И Северна Македонија ја сфати сериозноста на случајот и министерот за надворешни работи Бујар Османи веднаш по инцидентот дојде во Софија за да го посети пациентот заедно со неговиот бугарски колега. Премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски го осудија насилството, а полицијата го приведе осомничениот за нападот.

Но, официјално Скопје веднаш потсети на ставот дека бугарските културни клубови не можат да носат контроверзни имиња, особено што од неодамна постои посебен закон против неизгасливата желба во Бугарија „да им го истриеме носот и да им покажеме кои се“. На овие реакции не треба да гледаме нужно како потврда на нашето право - дека погромите за бугарските клубови и омразата кон луѓето со бугарска самосвест, кое достигнува и одвратно физичко насилство, се доказ дека мораме да ги задржиме нашите „сограѓани од втората Бугарска држава“ надвор од Европа „додека не се вразумат“.

Затоа што за голем дел од граѓаните на Северна Македонија, Ванчо Михајлов и цар Борис Трети не се само контроверзни личности (за многу Бугари се баш такви), туку се директно поврзани со фашизмот. Не е важно дали ова е само делумно точно или воопшто не е точно. Генерации Македонци од Титова Југославија се воспитувани во антифашистички наратив, кој ја вклучува и „окупаторска Бугарија“, без разлика каков придонес имаат самите Македонци во антифашистичкиот отпор. И нема начин насилно да им се наметне друг наратив, да им се наметне „историската вистина“. Бидејќи ова не само што е колонијален пристап, туку е и контрапродуктивен. 

Како минатото може повторно да стане заедничко 

Формирањето на македонска национална самосвест одамна е факт признаен дури и од најтврдокорните антимакедонски патриоти во Бугарија, кои сонуваат барем да ја реколонизираат македонската историја. А формирањето нација е процес и во случајов не започнува и не завршува со декрет на Коминтерна и „вештачка“ јазична кодификација (сите се такви) на јазик различен од бугарскиот. Да, „македонизмот“ е изграден на антибугарска основа и веројатно ќе продолжи да се гради врз неа, затоа што народите се формираат со оградување на нивната историја, култура, а често и јазик, како различни од оние на другите. Уште повеќе што до пред еден век, едните од другите не се разликувале многу. 

Веселин Стојнев
Веселин Стојнев е колумнист на бугарската редакција на ДВ. Фотографија: Daria Spirova

Минатото може повторно да стане заедничко ако повторно го откриеме заедно. Многу посоодветно е бугарските културни центри во Северна Македонија да ги носат имињата на Климент Охридски и Браќата Миладиновци, на пример, токму затоа што и покрај Вардар ги сметаат за нивни херои. Дали ние, како поголеми и постари, како оние од кои што „има што да се краде“, би имале проблем со идентитетот ако ја споделуваме историјата? А што е поентата на овие културни центри ако се затворени и под стража и никој не влегува таму освен Бугари од Бугарија и граѓани на Северна Македонија со бугарски идентитет?

И зарем не ни е многу поважно, наместо да зјапаме во прославите на нашите соседи за историските личности кои сè уште не разделуваат, да возвратиме, ако треба дури и да платиме за неколку национални бугарски телевизии да се гледаат во Северна Македонија, како и нивните во Бугарија? Затоа што кога човек е сам или со семејството пред телевизор, има многу поголеми шанси да ги надмине стереотипите за соседот, отколку ако се остави само под влијание на вкопаните ровови од  сопствените медиуми.

По бројните сведоштва за бруталното мешање на Кремљ на Балканот во последните години, не треба да се потценат зборовите на претседателот Пендаровски, дека руските служби ги координираат од Бугарија провокациите во Северна Македонија, ниту пак неговиот апел да им биде забранет влез во земјата на бугарските националисти, вклучително и на член на Европскиот Парламентот и лидер на невладина организација. Ние можеме да бидеме сигурни дека руските служби немаат ништо помало влијание покрај Вардар, откако беа вмешани и во нападот на парламентот во Скопје во 2017 година. Бидејќи Кремљ нема никаков интерес за вистински интегрирани балкански земји во ЕУ, туку му требаат тројански коњи, нешто во што се обидува да ја претвори Бугарија од самиот почеток на нејзиното членство во ЕУ. И што би било подобро за Путин, ако Бугарија и Северна Македонија сè пожестоко се гризат и клоцаат еден со друг, дури и пред да заживеат заедно во Европската Унија.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Vesselin Stoynev
Веселин Стојнев Веселин Стојнев е аналитичар и колумнист на бугарската редакција на Дојче веле од 2020 година
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема