1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во извештајот на ЕК - сите успеси и слабости на земјата

ДТЗ
8 ноември 2023

Слабостите во судството и во другите институции, како и недоволната борба против корупцијата се очекува да бидат нотирани и во најновиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија

https://p.dw.com/p/4YYOO
Бујар Османи
Сите успеси и сите слабости на земјата ќе бидат нотирани во извештајот на ЕК, вели Бујар ОсманиФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Политичката поларизацијата и блокадата на парламентот каде се носат важни законски решенија - се најважните детектирани слабости и во најновиот извештај на Европската комисија, вели шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи. Во пресрет на официјалното објавување на извештајот за напредокот на земјата, тој вели дека сите слабости и секој напредок ќе бидат нотирани во извештајот. Според неговите сознанија, токму политичката поларизација и блокирањето на парламентот го имаат успорено рефорскиот процес на државата и тоа спречило донесување на важни законски решенија. Слабостите во судството и во другите институции, како и недоволната борба против корупцијата се очекува да бидат нотирани и во најновиот извештај за земјата.

„Тоа е сериозна порака до сите политички партии, и до опозицијата која со години го блокира парламентот, поради ситни партиски интереси и не дозволуваат да се донесат законски решенија битни за напредокот“, изјави Османи на прес-конференција во Скопје. 

парламент Северна Македонија
Политичката поларизација и блокадата на парламентот се најголемите слабости на земјатаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Објективен скен на состојбите 

Според него, годишниот извештај е најпрецизниот и најобјективниот скен на државите коишто се кандидати за влез во ЕУ и треба да се види како укажување на напредокот и слабостите, со цел владата и општеството да ги адресира тие слабости. А, најдобриот начин, вели Османи е преку адресирање на поглавјата.

„Ќе го превртиме секој камен за да ги направиме уставните измени. Без нив нема напредок кон ЕУ. Се до последниот здив ќе работиме за уставните измени. Не може само ДУИ да има одговорност за евроатлантската иднина на земјата. Според мое толкување, детектираните слабости се последица на една причина - а тоа е обидот на политичките интереси да се стават пред државните“, вели Османи.

Според него, секој што спречува отварање на поглавјата 23 и 24, тој ја спречува и борбата против корупцијата. 

„Иронија е да се борите со корупција, а да го блокирате отворањето на поглавјата 23 и 24, што значат директна борба против корупција“, рече Османи, лоцирајќи ја одговорноста кај опозицијата.

Солидарност 

Австриската министерка за ЕУ и Устав, Каролина Едштадлер, смета дека ако ЕУ сака да ја покаже својата солидарност со земјите од Западен Балкан ќе мора на дело да преземе пет конкретни чекори, вклучително и одржување на вторите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија на почетокот на 2024 година.

Останатите чекори, според австриската министерка, што треба да ги направи ЕУ за да „го преземе водството на Западниот Балкан“, вклучуваат поставување конкретни целни датуми за зачленување на секоја од шесте земји од регионот, по изборот на новиот состав на Европската комисија следната есен. 

Во објавата на платформата Икс, таа наведува и дека ЕУ мора да ги започне пристапните преговори со Босна и Херцеговина до крајот на годинава, како и да оствари конкретен напредок во преговорите со Црна Гора пред одржувањето на изборите за Европскиот парламент. 

Во однос на Србија и Косово, како што јави дописникот на МИА од Брисел, таа предлага остварување напредок во пристапните преговори со Белград, како и разгледување на апликацијата за членство на Приштина. Едштадлер посочува дека е во однос на Белград и Приштина важно е да се работи на идна нормализација на нивните односи, а ако ЕУ сака да го задржи водството сите нејзини членки ќе мора да ја признаат независноста на Косово.   

Според неа, додека се разговара за иднината на ЕУ, не треба да има одлагање на пристапниот процес за земјите од Западниот Балкан.