1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Двојните аршини на Западот - закана за светскиот поредок?

Кристоф Хаселбах
25 септември 2024

Растат критиките на Глобалниот Југ за западните двојни стандарди. Најново истражување предупредува дека меѓународниот поредок е доведен во прашање.

https://p.dw.com/p/4l1cP
Двојни стандарди кога се во прашање светските конфликти
Двојни стандарди кога се во прашање светските конфликтиФотографија: European Union

„Каде и да одам, секаде се соочувам со обвинувања за двојни стандарди“, рече шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, во мај на Универзитетот во Оксфорд.

Францускиот претседател Емануел Макрон на минатогодишната безбедносна конференција во Минхен рече: „Шокиран сум од тоа колку ја загубивме довербата на Глобалниот Југ“.

А, германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, откако ја критикуваше состојбата со човековите права во Кина, го доби следниов одговор од нејзиниот тогашен кинески колега, Чин Ганг: „Она што најмалку ѝ треба на Кина е учител од Запад“.

Од земјите на т.н Глобален југ (грубо се однесува на оние земји кои порано се нарекуваа земји од Третиот свет) одамна пристигнуваат обвинувања дека Западот го поддржува глобалниот поредок заснован на правила само кога тоа му одговара. Меѓутоа, неодамна овие обвинувања се засилија, особено од почетокот на војната во Украина и војната меѓу Израел и Хамас.

Индија: Проблемите на Европа не се проблеми на целиот свет

Особено, рускиот напад врз Украина ги принуди западните лидери да го претстават овој конфликт како борба за светскиот политички поредок: американскиот претседател Џо Бајден изјави дека победата на Русија „може да значи крај на меѓународниот поредок заснован на правила“. Одбраната на Украина е одбрана на принципите на тој поредок.

Меѓутоа, обидите на Западот за санкциите против Русија да ги придобие демократските земји од Глобалниот Југ, кои обично му се блиски, честопати пропаѓаа. Тоа беше случај со Индија, Бразил и со Јужноафриканската Република. Сите овие земји продолжуваат да тргуваат со Русија, во некои случаи повеќе отколку пред војната, иако не сакаат на тоа да се гледа како поддршка за рускиот напад врз Украина.

Бербок и Ганг: Не ни требаат учители од Запад
Бербок и Ганг: Не ни требаат учители од ЗападФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Зборувајќи за војната во Украина, индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар рече дека Европејците очигледно веруваат дека „европските проблеми се проблеми на целиот свет, но проблемите на светот не се европски проблеми“.

И индонезискиот министер за одбрана Прабово Субијанто Џојохадикусумо истакна дека, кога станува збор за залагање за мир, западните влади очигледно имаат „едни принципи за Украина, а други за Палестинците“.

Правила за сите или „разноликост на цивилизациите“?

Софи Ајзентраут, раководител на истражувачкиот оддел на Конференцијата за безбедност во Минхен (MСЦ), во нејзиниот труд „Стандардно отстапување – перспективи на западните двојни стандарди и вредноста на меѓународните правила“ го опишува растечкиот проблем за Западот: во свет на сѐ поголем геополитички конфликт, западниот модел на поредок заснован на правила сè повеќе губи кредибилитет и тоа токму во моментот кога Западот ја губи својата релативна моќ.

Алтернативен модел нуди, на пример, Кина. Наместо глобално валидни правила, Кина зборува за „апсолутен суверенитет“, што значи немешање во внатрешните работи - и за почитување на „разноликост на цивилизациите“.

Кина, како и Русија, го промовира овој алтернативен модел низ целиот свет. Така, на самитот со африканските влади минатото лето, година и пол по почетокот на војната, претседателот Владимир Путин изјави: „Во пораст е вистинскиот мултиполарен светски поредок, а ерата во која владееше една земја или група земји, се ближи кон крајот.“ Многу африкански влади го поздравија овој став со раширени раце.

Распространето е мислењето дека постојниот поредок на меѓународни правила и институции, обликувани од Западот, првенствено му користи на самиот Запад, додека западните земји не се придржуваат до сопствените стандарди.

Ова го потврдува истражувањето на MСЦ, спроведено во девет густо населени земји на Глобалниот Југ. Истовремено, анкетата покажува дека многу луѓе во овој дел од светот сепак веруваат во вредноста на постоечките меѓународни правила.

Критиките често се оправдани

Ајзентраут јасно кажува: критиката на западното лицемерие често е оправдана. Така, земјите од Глобалниот Југ укажуваат, на пример, дека САД и другите западни земји инсистирале на принципот на територијален интегритет на Украина, но тие го игнорирале овој принцип за време на американската инвазија на Ирак во 2003 година.

Западните земји, исто така, ги прекршија човековите права со незаконски апсења како дел од борбата против тероризмот. А Европејците соработуваа со северноафриканските автократи за да ја спречат миграцијата во Европа.

Сепак, Ајзентраут забележува дека критичарите од земји како Кина и Русија често ги користат овие обвинувања за да ги релативизираат сопствените постапки и кршењето на стандардите. Или оправдуваат надворешнополитички пристап, кој воопшто не се води од морални принципи, туку исклучиво од сопствени, тесно сфатени интереси. Како последица на тоа, вредноста на универзалните права и правила се доведува во прашање низ целиот свет.

Новиот светски поредок: индискиот премиер Моди и рускиот претседател Путин
Новиот светски поредок: индискиот премиер Моди и рускиот претседател ПутинФотографија: Sergei Bobylev, Sputnik, Kremlin Pool Photo/AP/picture alliance

Свет без никакви правила би бил кошмар

Западните земји, според Софи Ајзентраут, се соочени со дилема: тие се плашат дека самокритичниот став кон нивната сопствена недоследност ќе биде во корист на нивните глобални ривали. Од друга страна, ако ги игнорираат критиките, со право ќе се сметаат за арогантни, што, како што еднаш рече претседателот Макрон на MСЦ, „поттикнува нов цинизам кој го уништува глобалниот поредок“.

Како одговор на овој предизвик, авторката препорачува три постапки:

Прво, западните земји треба колку што е можно повеќе да ги намалат таквите противречности помеѓу барањата за почитување на системот на вредности и нивните сопствени постапки.

Второ, тие треба да заборуваат поискрено за тоа каде „доследноста има свои граници“. Тоа значи дека повеќе не го делиме светот на црно и бело, на држави кои ги следат правилата и држави кои ги кршат правилата, бидејќи има многу нијанси на сиво. Комуникацијата вклучува и укажување дека автократските системи немаат отворена дискусија за сопствените противречности ниту можност за поправање на грешките.

На крајот, Ајзентраут верува дека Западот треба да се спротистави на она што критиките на западното лицемерие често го подразбираат, но не го кажуваат отворено: имено, дека поредокот кој се карактеризира со двојни стандарди не е нималку подобар од поредокот без никакви стандарди. Не само западните земји, туку и многу земји од Глобалниот Југ имаат многу да изгубат во свет без општоприфатени правила.