1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е завршена кризата со гас?

19 јануари 2023

Студени станови, затворени фабрики... Но, место вакви хорор-сценарија, сега има јасни знаци на опуштање на пазарот на гас. Сепак, економската криза, во која е вклучена и цената на гасот, се уште не е решена

https://p.dw.com/p/4MQoJ
Терминал Вилхелмсхафен
Терминал за LNG во ВилхелмсхафенФотографија: Sina Schuldt/dpa/picture alliance

Звучеше како укинување на предупредувањето: „Ние сме многу оптимисти дека повеќе не мора да се плашиме од недостигна гас оваа зима“, рече шефот на германската Сојузна агенција за електрична енергија, гас, телекомуникации, пошти и железници (Bundesnetzagentur) Клаус Милер во вторник на енергетскиот самит што се одржа во Берлин во организација на весникот „Ханделсблат“. Дали ова значи дека  кризата со гас што ја држи Германија во неизвесностод минатата пролет е завршена? 

Во суштина, трите големи „ако“ кои Агенцијата ги наведе како предуслови Германија да ја преброди зимата без недостиг на гас се движат во вистинска насока. Значи, „ако“ се случи ова, она или она, тогаш снабдувањето со гас ќе функционира.

Заштеда и благи температури 

Првото „ако“ беше и најјасниот показател за тоа колку ситуацијата со снабдувањето е оценета како критична по прекинот на руските испораки: Сојузната агенција им предложи на Германците да заштедат дури 20 отсто од нивната вообичаена потрошувачка на гас. Според нејзините податоци, потрошувачката лани веќе била 14 отсто под просекот за претходните четири години. Индустријата заштедила 15 отсто, приватните домаќинства и малите и средни претпријатија 12 отсто.

Сепак, експертите генерално се задоволни од досегашните напори за заштеда оваа зима. Прилагодено на температурите, како што наведуваат од Агенцијата, потрошувачката во 52-та лани и првата календарска недела од годинава била за 25 отсто помала од референтната вредност за годините од 2018 до 2021 година. Дури 38 отсто помалку гас се потрошени во првата календарска недела. Секако, пресудна улога одиграа релативно ниските температури, што воедно е и второто големо „ако“ на Агенцијата, која секогаш го истакнуваше големото значење на зимското време за процесот на снабдување. 

Во голема мера е исполнет и третиот предуслов, почетокот на користењето на гасот од новите терминали за ЛНГ оваа пролет. Делумно благодарение на забрзаните процедури, реализацијата на неколку проекти се одвива побрзо од предвидениот рок. 

Клаус Милер
Клаус Милер: Ние сме многу оптимистиФотографија: Handelsblatt

„Безбедност за цела година“ 

Ова е причината зошто германските складишта за гас во овој период од годината се пополни од кога било, што практично ја исклучува можноста за недостиг на гас оваа зима. Дури и ако целиот увоз ненадејно запре, складираниот гас може да ја покрие побарувачката околу три месеци. „Нивото на искористеност на складирањето гас моментално е на многу високи 90 отсто во Германија и 81 отсто во Европската Унија и се очекува да останат на рекордно ниво за овој период од годината“, објаснува Андреас Шредер од фирмата за енергетска анализа ICIS. „Тоа му дава сигурност на пазарот за цела 2023 година. 

Затоа се исклучени сценаријата со недостиг и рационализација на количините на гас. Невообичаено големите складирани количества и се поголемата замена за снабдување со руски гас ги уверуваат и енергетските експерти дека во текот на оваа година ќе се создадат услови снабдувањето успешно да се организира и за следната зима. Најважните снабдувачи на оваа енергија сега се Норвешка, Белгија и Холандија, а се зголемуваат и испораките на течен гас од странство. „Во меѓувреме, соседните земји на Германија изградија и дополнителни капацитети за течен гас што може да ги ублажи можните тесни грла во снабдувањето“, вели експертот за енергија Шредер. 

Проблемот со трошоците останува 

Додека физичкото снабдување со гас е во голема мера обезбедено, економската страна на кризата останува нерешена. Замената на евтиниот руски гас носи значителни дополнителни трошоци за индустријата и потрошувачите, кои едноставно нема да исчезнат на долг рок. Ова е точно и покрај значителното смирување на тензиите на пазарот на гас. 

Во моментов се плаќа нешто помалку од 57 евра за мегават-час за испораки во февруари според договорот ТТФ, кој ги диктира трендовите на енергетскиот пазар во Холандија. Во екот на енергетската криза минатото лето цената се искачи на повеќе од 340 евра. 

Цените на големо остануваат високи 

Сепак, цените на големо се сè уште многу високи кога се споредуваат трендовите од изминатите децении. Од јануари 2016 година до пролетта 2021 година, цената се движеше меѓу пет и 25 евра за мегават-час. И денес добавувачите на гас треба да купуваат нови количини по повеќекратни цени отколку пред кризата, што неминовно се одразува на сметките за гас. 

Дури и државата да преземе дел од товарот поврзан со запирање на поскапувањето на гасот и струјата, крајните потрошувачи мора да бидат подготвени за високи трошоци за енергија на долг рок. А, политичарите се исправени пред уште поголеми предизвици, бидејќи сакаат да ја надминат енергетската транзиција, која вклучува и решавање не само на бројни проблеми поврзани со снабдувањето, туку и со инфраструктурата. Затоа, може да се смета дека гасната криза во физичка смисла е завршена, но од економска гледна точка е далеку од завршена.