1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киев: Фридрих Мерц се залага за силна Украина

ЖА
9 декември 2024

Лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц отпатува во Украина по втор пат од почетокот на војната. Таму тој се среќава со претседателот Зеленски. Ќе се разговора најверојатно и за испорака на крстосувачки ракети „Таурус“.

https://p.dw.com/p/4nusm
Лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц во Украина
Лидерот на ЦДУ Фридрих Мерц во посета на УкраинаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Минатата недела канцеларот, сега негов предизвикувач: главниот кандидат на ЦДУ, Фридрих Мерц, пристигна во посета на Киев. Претседателот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот при пристигнувањето во главниот град на Украина изјави дека сака да биде запознат „со моменталниот статус на одбраната на оваа земја“ и да ги увери владата и народот дека парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ е цврсто на нивна страна.

Мерц во Киев пристигна со специјален воз за посетата, која првично беше чувана во тајност од безбедносни причини. Лидерот на пратеничката група на Унија е придружуван од неговиот заменик Јохан Вадефул, кој е одговорен за надворешна политика и одбрана. Мерц веќе ја посети Украина во мај 2022 година, два месеци по почетокот на рускиот напад.

Политичарот на ЦДУ јасно стави до знаење дека е посветен на дополнителна помош за Украина. „Ако нашата поддршка за Украина стане послаба, тогаш  оваа војна  ќе трае подолго“, истакна кандидатот на Унијата за канцелар. „Ако нашата поддршка за Украина е конзистентна, тогаш  оваа војна ќе заврши побрзо."

Само ако Украина е силна,  рускиот претседател „ќе биде подготвен да се вклучи во преговорите“,  смета Мерц. „Сакаме оваа ужасна војна да заврши што е можно побрзо и да се врати мирот во Европа“, додаде тој. „За да го направи тоа, Украина мора да биде ставена во позиција во која може да го искористи своето право на самоодбрана."

Во Киев, Мерц се среќава со  Володимир Зеленски.  Во пресрет на средбата со нетрпение се чекаше дали Мерц ќе му даде надеж на украинскиот претседател дека Германија со него како канцелар ќе ги испорача долго бараните  крстосувачки ракети „Таурус“. Прашање исто така е дали Мерц, доколку биде успешен на изборите, ќе ги укине ограничувањата за дострелот на оружјето што го обезбедува Германија за Украина, за да може да дејствува длабоко во руска територија.

Канцеларот Олаф Шолц го посети Киев  пред точно една недела. Во Унијата се сомневаа дека тој сакал  да го престигне својот ривал Мерц  во изборната кампања за предвремените сојузни избори во февруари.