1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОбразованиеЕвропа

Зошто е подобро наставата да почнува од 9:15

БГ /АРД
14 септември 2024

Започнуваат на училиште подоцна, го учат истото за помалку време и се чувствуваат подобро од порано: дваесет училишта во Данска тестираат подоцнежен почеток на наставата. И сите се многу среќни. Кои се предностите?

https://p.dw.com/p/4kRxM
Ученик
Истражвуањата покажуваат дека тинејџерите подобро се концентрираат подоцна во денотФотографија: picture-alliance/dpa/F. May

На 13-годишната Лина од Копенхаген, будилникот веќе една година ѝ ѕвони значително подоцна. Оваа седмоодделенка веќе не мора да оди на училиште во 8, туку во 9:15 часот. И не само таа. Повеќето ученици во Тааструп Реалсколе можат да поспијат до подоцна кога сите останати се веќе на пат за првиот час. За учениците од седмо до деветто одделение во ова училиште наставата почнува подоцна. Лина, како и речиси сите нејзини соученици, е одушевена: „Мислам дека е одлично што часовите почнуваат подоцна, бидејќи можеш да спиеш подолго. Ова значи дека можам подобро да се концентрирам на училиште и повеќе да научам“.

Намалување на стресот 

Не се само учениците возбудени од новиот концепт. Порано, вели директорот на училиштето Кенет Халгрен, првиот час често бил тежок. Тинејџерите биле физички присутни, но во главите сè уште спиеја, а тоа било напорно и за наставниците.

Денес работите изгледаат сосема поинаку. „Тие се многу поодморени кога доаѓаат на училиште - не се под стрес, уморни и мрзеливи. Зборуваат подобро и попријателски еден со друг. Ова создава попријатна атмосфера на часот."

Околу 20 училишта во Данска во моментов експериментираат со настава подоцна. Тие се повикуваат на студии кои велат дека причината за тоа што младите што подоцна заспиваат и им треба подолго време да се разбудат наутро е виновна хормоналната рамнотежа.

Улогата на кортизолот

Истражувачката Катрин Вимелман од Центарот за детско здравје во Копенхаген објаснува: „Пред да се разбудиме, ослободуваме кортизол - хормон на стрес за да нè разбуди и да нè подготви за денот. Кај тинејџерите, овој хормон се ослободува подоцна.“ 

Ученици
Хормоналната рамнотежа кај тинејџерите е клучна за подобро учењеФотографија: Fotolia/Robert Kneschke

Заклучок: адолесцентниот мозок работи подобро кога ќе се активира подоцна во текот на денот. И притоа, учениците не мора да останат подолго попладне во училиште, затоа што честопати двајца наставници ги преземаат часовите, како што објаснува директорот Халгрен. Учениците пак би го научиле истото, но за пократко време и иако почнуваат со настава час и 15 минути подоцна, го имаат истото слободно време како порано.

„Имаме само добри искуства со оваа пракса. Децата се среќни, наставниците се среќни, а исто така и родителите. И нашите истражувања покажуваат дека тие не учат помалку како резултат на пократкото време на наставата. Конечно, тие се чувствуваат многу подобро, и тоа е клучната работа за нас“, вели Халгрен.

Поголема самостојност 

Експериментот е олеснет од фактот што училиштето во Тааструп е приватно. На државните училишта во Данска, пак, не им е дозволено туку така да го скратуваат наставниот ден. Но, и некои државни училишта започнаа да го тестираат новото училишно време.

И факт е дека не се сите одушевени со експериментот, признава и ректорот Халгрен: „Имаше неколку родители - не многу - кои беа загрижени затоа што децата наутро ќе мораат сами да станат и да појадуваат, бидејќи родителите во тоа време се веќе на работа.“ Но, Халгрен и во тоа гледа нешто позитивно. На тој начин младите се учат на самостојност, вели тој, меѓудругото и затоа што мораат да дојдат сами до училиште, без разлика дали со велосипед, воз или автобус. 

Во секој случај, во Тааструп Реалсколе сакаат да го продолжат експериментот уште две години. Директорот Халгрен веќе е уверен во неговата долгорочност.

„Не можам да замислам повторно да ја смениме оваа одлука. Мислам дека ќе ја задржиме затоа што се чини дека функционира навистина добро, особено во однос на тоа како се чувствуваат учениците и како се однесуваат едни со други. И тоа е еден од најважните предуслови за да научат нешто.“

Забрана за смартфони во училиштата?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема