1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Џими Картер: најуспешен поранешен американски претседател

Михаел Книге | Давид Ел
30 декември 2024

Џими Картер со години важеше за олицетворение на промашен американски претседател. Но, во меѓувреме неговата работа се гледа поинаку. Џими Картер почина на 100-годишна возраст.

https://p.dw.com/p/4ogHF
39-от претседател на САД, Џими Картер почина на возраст од сто години
39-от претседател на САД, Џими Картер почина на возраст од сто годиниФотографија: Dennis Van Tine/STAR MAX/IPx/picture alliance

Високите стандарди и длабокиот пад на 39-от претседател на САД најдобро може да се доловат со четири симболични слики: на парадата по повод неговата инаугурација на 20 јануари 1977 година, Џими Картер го одби традиционалното возење со претседателската лимузина и наместо тоа рутата ја мина пеш рака во рака со неговата сопруга Розалин и неговата ќерка Ејми. Претседателот Картер испрати слична порака и кога сам си го носеше својот багаж до хеликоптерот што чекаше да го префрли до Кемп Дејвид за викендот.

Третата слика се претставници на американската амбасада со врзани очи изнесени пред светскиот печат откако ирански студенти упаднаа во американската мисија во Техеран во ноември 1979 година и ги зедоа како заложници. Остатоци од американскиот хеликоптер го симболизираат неуспешниот обид на Картер да ги ослободи заложниците. Тоа го означува почетокот на крајот на Картер како лидер  на САД.  На денот на инаугурацијата на неговиот наследник Роналд Реган, американските заложници конечно беа ослободени по 444 дена во рацете на нивните киднапери. Четирите сцени го отсликуваат четиригодишниот мандат на Џејмс Ерл Картер Јуниор.

Аутсајдер во Белата куќа

Поранешниот гувернер на Џорџија неочекувано победи на прелиминарните избори на Демократите во 1976 година од позиција на непознат аутсајдер, а второто изненадување беше неговата последователна победа над претседателот Џералд Форд. Две години откако претседателот Ричард Никсон се повлече поради аферата Вотергејт, Картер имаше совршена по мерка предизборна кампања. Претседателот Форд - по неговото контроверзно помилување на Никсон – за него беше речиси идеален противник.

Предизборното ветување на Картер дека ќе ја врати изгубената доверба на граѓаните во политиката и дека ќе формира „влада добра како американскиот народ“ не ги убеди сите, но беше доволно за тесна изборна победа. Во 1977 година, Џими Картер беше по повеќе од 100 години првиот политичар од југот на САД што се всели во Белата куќа.

Но, радоста заради изборната победа траеше кратко. Брзо стана јасно дека Картер навистина го мислел она што го ветил. Тој сакаше да го трансформира начинот на кој се води политиката во Вашингтон. Со лидерски тим којшто во голема мера го донесе со себе од Џорџија, тој сакаше да воведе нов стил на владеење во главниот град - и не успеа во тоа.

Не умееше да менаџира со моќта

„Картер не го прифаќаше тргувањето како дел од политиката“, вели Расел Рајли, директор на „Претседателска насочена историја“ на Универзитетот во Вирџинија. Како  Барак Обама  30 години подоцна, вели Рајли, претседателот Картер сакаше да стави крај на „политиката на вообичаениот начин“ во Вашингтон. „Но, за разлика од Обама, тој се обиде да направи де факто разлика. Одбиваше да ги игра игрите како што од него бараше американскиот Конгрес. Иронично, ова беше причината за неговиот неуспех, бидејќи тој не беше во состојба во Вашингтон да функционира како политичарите со поголемо искуство во владеењето“, заклучува Рајли.

39-от претседател на САД, Џими Картер почина на возраст од сто години
Џими Картер - аутсајдер во Белата куќаФотографија: akg-images/picture alliance

Недостигот на поддршка и ограниченото искуство во управување, уште посериозно се одразија бидејќи во мандатот на Картер се бараше кризен менаџмент. Уште од самиот почеток на неговиот мандат, на американската економија не ѝ одеше добро. Високите стапки на инфлација и невработеност создадоа кризна атмосфера во САД, која дополнително беше влошена со втората нафтена криза во 1979 година.

Пред своето време

Во својот познат „нелагоден“ говор од 1979 година, Картер се обиде да иницира економски и политички пресврт. Во своето обраќање до нацијата, тој ги повика своите сонародници да се откажат од потрошувачкото општество и да се вратат на традиционалните американски вредности. За времена енергетската криза граѓаните треба да се здружуваат во групи за заедничко користење на возилата и да го намалат греењето во своите домови, апелираше тогаш Картер.

Но, говорот имаше обратен ефект и по првичните пофалби, брзо стана симбол за политиката на Картер. Наместо да ги мотивира граѓаните во време на криза и да шири дух на оптимизам, Картер ширел дефетизам и стравови, му забележуваа. До крајот на мандатот не му успеа да ја подобри економската ситуација. Во 1980 година стапката на инфлација беше повисока од десет проценти, а стапката на невработеност изнесуваше повеќе од седум проценти.

Џими Картер и Џо Бајден во 1978 година
Џими Картер и Џо Бајден во 1978 година Фотографија: picture alliance / ASSOCIATED PRESS

Картер беше пред своето време во обидот да ја иницира енергетската транзиција. „Картер беше првиот претседател кој имаше добро разработена стратегија за справување со нашата зависност од нафтата“, вели Џулијан Зелизер, професор од Принстон и автор на книга за Џими Картер. Не беше спроведено сето што е содржано во неа, вели Зелизер и додава дека „ако ги погледнете идеите од неговото претседателство, има многу нешта кои екологистите и до ден денешен сакаат да ги постигнат“.

Историски успех

Картер постигна историски, често забораван успех во 1978 година со  Договорот од Кемп Дејвид  меѓу Израел и Египет. По тајни преговори, египетскиот претседател Анвар ал-Садат и израелскиот премиер Менахем Бегин во присуство на Картер потпишаа мировен договор, за што истата година ја добија Нобеловата награда за мир. Договорот меѓу Египет и Израел  и натаму е на сила. „Со тоа тој постави стандард според кој сите наредни влади мора да се мерат“, посочува историчарот Рајли.

Ангажманот на Картер во Авганистан продолжува до денес. Како одговор на советската инвазија, претседателот ја објави таканаречената Картерова доктрина во 1980 година. Според неа, владата во Вашингтон секој обид регионот околу Персискиот Залив да се стави под странска контрола го сфаќа како напад врз виталните интереси на САД и доколку е потребно тоа ќе го спречува и со воени средства. Како реакција на советската инвазија, Картер почна да ги обучува и вооружува авганистанските муџахедини со модерно оружје коешто тие подоцна го искористија против самите САД.

Историски дебакл

Сепак, најзначајниот настан за време на мандатот на Картер беше упадот во американската амбасада во Техеран и земањето на персоналот на амбасадата како заложници од страна на радикални студенти за време на Иранската револуција во ноември 1979 година. Картер тоа го оквалификува како тероризам и изјави дека САД нема да дозволат да бидат уценувани.

По неуспешни преговори за ослободување на заложниците, Картер во април 1980 година даде зелено светло за обид за ослободување со воени средства. Операцијата не успеа, загинаа осум Американци и еден Иранец. Неуспешната операција во годината на претседателските избори не само што го запечати поразот на Картер, туку длабоко се врежа во колективната свест на САД и продолжува до денес да ги обликува односите со Иран.

Нобелова награда како поранешен претседател

По неговиот јасен изборен пораз од Роналд Реган во 1980 година, на Картер кого веќе го беа отпишале како неуспешен поранешен претседател, му успеа неочекувано враќање на сцената. Со Центарот Картер, кој го основаше во Атланта, тој се залагаше - честопати контроверзно - за човековите права и посредување во конфликти ширум светот. За неговите заложби Картер е единствениот поранешен претседател кој беше одликуван со Нобеловата награда за мир во 2002 година. На денешен терен Картер особено се залагаше за сиромашните сограѓани на пример преку „Проектот Атланта“, од кој корист имаа стотици илјади лица во неговата родна држава Џорџија.

Многу аналитичари сметаат дека неговиот ангажман како поранешен претседател е поуспешен и поважен од времето на функцијата претседател. „Тој покажа што може да се постигне како поранешен претседател и како може да се остане активен во меѓународната политика“, вели биографот на Картер, Зелизер. „Бидејќи неговиот биланс како претседател е просечен и до денес е контроверзен, повеќето луѓе ќе го паметат по она што го направи по неговиот мандат, а не по она што го постигна како претседател“, смета Зелизер.

Во 2015 година, за време на операција на црниот дроб му беше откриен тумор и метастази, но тие се покажаа излечиви по третман со зрачење. Во ноември 2019 година, Картер мораше да биде подложен на операција за намалување на мозочниот притисок.

На 19 февруари 2023 година, Фондацијата Картер објави дека поранешниот претседател одлучил да добива палијативна нега во кругот на своето семејство.  Неговата сопруга Розалин  пред извесно време јавно објави дека страда од деменција. Двајцата, кои беа венчани во 1946 година, сè уште се држеле за раце, рече нивниот внук Џош Картер.

Џими Картер почина на 100-годишна возраст.