1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реферирањето за Онишченко доведе до нови пропусти и заплети

ДТЗ
18 ноември 2022

Се нижат безбедносни пропусти во повеќе институции. Додека АНБ бара виновник за случајот со Украинецот, Собранието ќе треба да истражи како тајната седница со Виктор Димовски „протече“ на Јутјуб канал.

https://p.dw.com/p/4JjnH
Виктор Димовски.
Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски реферираше на собраниска комисијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) по извршените проверки утврдила каде е направен пропуст со издавањето на државјанство на Украинецот, Олександар Онишченко, кој е осомничен во неколку држави и се наоѓа под санкции на САД. Вработен во Агенцијата не ја почитувал процедурата, но сега се истражува дали станува збор за изолиран случај или не. Со вакви детали за спорното државјанство на Онишченко, директорот на АНБ, Виктор Димовски дојде денеска за да реферира пред членовите на Комисијата за надзор, но додека тој зборуваше за направените пропусти, во Собранието се случи уште еден безбеносен пропост. Седницата која што на барање на Димовски требаше да се одржи зад затворени врати поради споделување на класифицирани информации, „протече“ на Јутјуб каналот на парламентот. па така, додека АНМ истражува како Онишченко се протнал низ безбедносните проверки и станал македонски државјанин, Собраниските служби ќе треба да истражуваат дали дел од реферирањето на Димовски станало јавно. 

Изолиран случај или не? 

Димовски по седницата рече дека испитуваат дали станува збор за изолиран случај или не, дали се работи за пропуст или некој намерен или лукративен интерес. „Не сакаме заради ваков случај, она што е сторено со макотрпна работа во изминатиот период да пропадне. Во зависност од тоа ќе се утврди дали ќе заврши со дисциплинска или кривична одговорност“, изјави Димовски. 

Интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишченко“ констатирала дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. „Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста“, вели Димовски. 

Тој посочи дека ако се лоцира и негова лична одговорност за случајот - никаде нема да бега и решен е да се разреши целата ситуација до крај. „Ако се процени дека има пропуст и директна одговорност од моја страна, јас нема да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид да менувам место на живеење. Јас ќе бидам тука“, изјави Димовски. 

Украинскиот државјанин Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на САД, добил македонско државјанство како спортист во коњички скокови на предлог на Коњичката федерација. Одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата, по добиено позитивно мислење од сите надлежни институции.

Димовски побара пред комисијата да се произнесе и околу обвинувањата дека АНБ ги злоупотребува средствата и ресурсите за следење на опозицијата. „Се сакаше да се покаже дека Агенцијата влегла во чевлите на поранешниот субјект УБК и дека го прави истото, кога за жал, прислушуваа во подолг временски период повеќе од 20 илјади граѓани на нашата земја“, изјави Димовски. 

собрание Северна Македонија
Реферирањето за Онишченко денеска доведе до нови пропусти и заплети во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од заплет во заплет 

Реферирањето за Онишченко денеска доведе до нови пропусти и заплети во Собранието. Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз на говорницата во Собранието рече дека од некои новинари добил информација дека тонот од затворената комисиска седница, на која сведочеше Димовски, се слушал во позадина на Јутуб-преносот од пленарната седница на Собранието која што се одржуваше во исто време. Трајанов побара да се испита состојбата и да се утврди дали е тоа точно.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара од претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов да ја прекине комисиската работа „се додека не се истражи што се случувало на седницата на ова собраниско тело“. Тој нагласи дека нема што да крие од пратениците и од службата, посочувајќи дека „сме членки на НАТО, претенденти да бидеме дел од ЕУ и сме цел на кибер напади и не треба да се случи тоа што се случило во соседството“.