1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот за коридорите ќе се разгледува зад затворени врати

ДТЗ
2 мај 2023

ВМРО-ДПМНЕ го бара договорот со „Бехтел и Енка“ на увид „во разумен рок од 10 дена“ да биде разгледан и анализиран. Антонијо Милошоски вели дека не сакаат некој министер да им го прераскажува договорот.

https://p.dw.com/p/4QnNJ
Димитар Ковачевски
Договорот за коридорите ќе се разгледува зад затворени вратиФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорите 8 и 10дќе се разгледува на затворена седница, но се уште е неизвесно кога. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по координацијата на пратеничките групи и претставниците на политичките партии предложи договорот ќе се разгледува на затворена седница за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати. Со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и беше порачано да донесе одлука на која комисија и кога ќе биде разгледуван договорот.

Но, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на прес-конференција излезе со неколку барања, кои смета дека се предуслов пред да се одржи затворената седница за договорот за коридорите. 

Увид во договорот, па расправа 

ВМРО-ДПМНЕ го бара договорот со „Бехтел и Енка“ на увид „во разумен рок од 10 дена“да биде разгледан и анализиран. Пратеникот Антонијо Милошоски вели дека не сакаат некој министер да ми го прераскажува договорот, туку сами да го разгледаат. 

„Бараме и имаме право договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за 500 страни договор, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница на која што ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги обзнаниме сите клаузули коишто се штетни по буџетот“, вели Милошоски. Тој смета дека ова барање им следува на пратениците затоа што веќе е направен преседан. Тврди дека договорот веќе имале можност да го видат осум пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ, од кои двајца пратеници наводно немале безбедносен сертификат. 

Талат Џафери
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по координацијата на пратеничките групи, предложи договорот ќе се разгледува на затворена седница на која ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Штом овие двајца пратеници без безбедносен сертификат имале увид во договорот и да прават предлог за законски измени на осум клучни закони, тогаш можат сите пратеници да го добијат договорот“, вели Милошоски.

Тој очекува власта да постапи согласно Законот за класифицирани информации и согласно Деловникот и да им го достави договорот за кој, откако ќе го разгледаат, ќе закажат затворена седница за да се расправа на него. Милошоски спомена пример од порано каде во 2017 година по барање на пратеници во Комисијата за надворешна политика им бил даден на увид Договорот за добрососедство со Република Бугарија. 

Изговори 

На изјавата на Милошоски реагираше пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми кој обвини дека тој „свесно креира лажни вести и ја става во заблуда јавноста“. 

„Ние, група пратеници, поднесовме закони за градбата да трае пократко и поевтино. ВМРО заедно со Левица ги блокира законите и свесно и намерно ги чинат граѓаните над 150 милиони евра и изгубени уште две години од нивните животи. Ако бараат изговори за блокирање на законите нека најдат пологична причина, а не да се служат со лаги“, вели Адеми и додава: 

„Го бараа договорот, ќе го добијат и сами нека одлучат на која комисија сакаат да се одржи и сами да одлучат кога да се одржи. Очигледно сега смислуваат лаги за да продолжат со шпекулациите за најголемиот стратешки проект на државата. Ова е целосна невистина и брутална лага“, додава тој во реакцијата споделена на социјалните мрежи. 

Меѓусебни обвинувања

Препирките околу договорот за коридорите траат веќе подолг период. Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за одолговлекување на постапката - ВМРО -ДПМНЕ смета дека владејачкото мнозинство само бара изговори како пратениците да не го добијат договорот за автопатите, а  СДСМ смета дека одолговлекувањето и одговара на опозицијата „токму поради тоа што им дава време да продолжат да шират лаги, да шират манипулации, но и да нанесат штета и на граѓаните и на државата“.

Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се вразумат и ќе кажат на која собраниска комисија сакаат да се разгледува договорот за овој стратешки национален инфраструктурен проект. 

договор коридори
Иако законските постапки за реализација на овој проект траат веќе две години, по потпишувањето на договорот на 8 март се отворија бројни дилеми во јавноста.Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Според Владата, изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д е стратешки проект од национален интерес. Иако законските постапки за реализација на овој проект траат веќе две години, по потпишувањето на договорот на 8 март се отворија бројни дилеми во јавноста.

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски започнале хајка против стратешкиот проект.

„Со невистини, лаги и извртување на факти ВМРО-ДПМНЕ и Левица водат хајка против изградба на коридорите и против американската компанија Бехтел. Буквално за секоја стратешка одлука важна за земјата ВМРО-ДПМНЕ била и е на погрешната страна. СДСМ нема да и дозволи на оваа режимска партија во која 30 години ништо не е променето  да создаде нов хаос како со автопатот Охрид – Кичево“, порача владејачката партија.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи