1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во кој правец лета државата со партиските вработувања?

ДТЗ
10 ноември 2022

Партиите се како „биро за вработување“ со цел да ги реализираат своите лукративни интереси. Неколку последователни случаи, коишто се поврзуваат со ДУИ, ја прелија чашата и предизвикаа револт и незадоволство во јавноста.

https://p.dw.com/p/4JJjP
администрација
Партиите се како „биро за вработување“, а државата е мајка за партиските и маќеа за ничиите деца Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Партиски вработувања, унапредувања, спорни конкурси зад кои се кријат политички интереси и игри - ова се само дел од „гревовите“ кои што им се ставаат на контото на политичките партии коишто функционираат како  „биро за вработување“ со цел да ги реализираат своите лукративни интереси. Неколку последователни случаи, коишто се поврзуваат со владиниот партнер ДУИ, се чини дека ја прелија чашата и предизвикаа огромен револт и незадоволство во јавноста. 

Изборот на „невидливиот“ шефна Јавното обвинителство за организиран криминал, Ислам Абази, превирањата околу огласот за контролори на летање, внатрешно партиската битка на „огнените“ за што подобри позиции, „несудената конзулка“ Бесмира Ејупи... ја исфрлија на површина најголемата болка со која се соочува земјата - која што се чини дека е „мајка“ за партиските и „маќеа“ за ничиите деца. Во кој правец лета државата со партиските вработувања? 

Заштита на лукративните интереси

Битката за освојување на што позначајни, добро платени и престижни позиции станува толку беспоштедна, што не се бираат средства за да се дојде до целта. „Често оваа битка се води далеку од очи на јавноста, се додека не стане збор за некои угледни и значајни позиции кои 'почнуваат да бодат очи“, вели политичкиот аналитичар Сефер Селими за ДВ.

Сенка на сомнеж во јавноста остави неодамнешниот избор на нов шеф на обвинителството за организиран криминал, каде се коментира дека се „судриле“ неколку струи, а на вагата превагнало влијанието на ДУИ. Иако обвинителот Ислам Абази во своето прво соочување со медиумите како наследник на суспендираната обвинителка Вилма Русковска, тврдеше дека нема релации со ДУИ кои би можеле да му ја избоксуваат победата, медиумите доста интензивно „копаа“ по неговиот професионален историјат, но и пријателските врски со челници на партијата, што внесе голема доза на сомнеж. Министерот за правда Никола Тупанчески, иако „по свадба - тапани“, сепак најави дека се размислува за законски измени со кои ќе се зајакне филтерот низ кој ќе поминат кандидатите за шефови на обвинителства, со што се согласуваат и од Антикорупциската комисија. Неколку дена по изборот, реакциите не стивнуваат - се редат забелешки, но и обвинувања за „партиска опашка“, иако претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера се обиде да ја смири топката и да го релативизира проблемот. 

„Ние сме мала држава. Ако одиме од тоа дали се познаваме или не, ќе биде некоректно да кажеме дека ние не го познаваме човекот којшто ни бил во Вишото обвинителство во Гостивар. Така што, во тој контекст не е спорно ние дали се знаеме или не', рече Џафери, откако претходно новоизбраниот шеф на обвинителството запрашан дали се познава со Али Ахмети, со кој потекнуваат од селото Зајас рече: „Можеби сме се сретнале со господинот Али Ахмети, ама лично контакти немаме. Дружбата со такви личности не е забранета, ама е непристојна. Мене не ми е забрането да се дружам со некој политичар ако тој не е учесник во некаква постапка или ако нема кривично дело против него“. 

гласање обвинител
Сенка на сомнеж во јавноста остави неодамнешниот избор на нов шеф на обвинителството за организиран криминал, каде се коментира дека се „судриле“ неколку струи,Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мала држава - големи проблеми 

Уште не стивнаа реакциите за обвинителот, а веќе јавноста беше заплисната од нова афера - 12 заменици на директорите, началници, инструктори, експерти, раководители на сектори поднеле оставки на своите позиции во М-НАВ незадоволни од одлуките на тројцата директори за одолговлекување на испраќањето на школување во Данска на нови контролори на летање кои веќе ги поминале сите тестирања. Како што објави сдк.мк „од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не биле пријавените деца на функционери од ДУИ“.

„Колку се поплатени и позначајни функциите толку е поголема и внатрешната битка меѓу сопартијците, но и меѓу партиите за да се постават нивни кадри на позиции на коишто ќе можат да ги заштитат своите интереси“, вели Сефер Селими.

Станува збор за стара болка, а коренот на целиот проблем тој го гледа во клиентелистичкиот однос на партиите кон гласачите и обратно. За време на изборите тие им ветуваат на гласачите се и сешто за да ја придобијат нивната поддршка, но потоа стигнуваат сметките за наплата. 

авион
Во кој правец лета државата со партиските вработувања? Фотографија: Hayden Smith/@speedbird5280/REUTERS

„Нема партија која што нема списоци на 'желби“ за вработување во јавната администрација“, вели Селими. Но, тука не завршуваат партиските апетити - тие се почесто посегнуваат по значајни позиции во државата со цел да бидат недопирливи и да ги заштитат своите и бизнис и политички интереси.  Кадрите кои што се поставуваат на тие клучни места имаат една цел - да служат на интересите на партијата. 

„Битката да се влезе во Уставниот суд, обвинителствата, Академијата за јавно обвинители, но и институциите коишто се добро платени во земјата, не е ништо ново, тоа е модел којшто одамна функционира и се повторува во државата“, вели аналитичарот.

Ова е систем којшто, според него, само се надградува изминатите години, со отворање на институции коишто никој не знае за што служат, а вработуваат по десетици лица, кои „клатат врата и зимаат плата“. Колку се привилегиите поголеми - толку и погладијаторска е битката во самите партии, но и меѓу нив, што на крајот е на штета на граѓаните, особено кога станува збор за позиции на кои се поставуваат несоодветни кадри, со што „нашите животи ги ставаме во нивни раце“. 

Излезот од овој магичен круг на партизација, Селими го гледа само доколку постои вистинска политичка волја да се спроведе радикална реформа во јавната администрација, да се заострат критериумите за вработување, но и да се намали бројката на администрација за најмалку 30 проценти.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи