ДУИ бара мониториран ветинг, а молчи за црната листа
10 декември 2024Шест месеци ДУИ повикуваше да се спроведе меѓународно мониториран ветинг за секој политичар во последните триесет години, кој ќе биде транспарентен и независен, со вклучување на меѓународен надзор за да се обезбеди правда и доверливост. А првично во партијата завладеа молк, откако институција на САД, кон кои ДУИ секогаш изразувале максимална доверба, назначи функционер на ДУИ на црната листа поради значителна корупција со прифаќање мито за нарушување на судските процеси поврзани со кривичното осудување на- Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК.
Претпладнево стигна кусо соопштение од ДУИ.
„Демократската Унија за Интеграција ја почитува одлуката на Стејт Департментот на САД.
Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“, се вели во соопштението .
Извори запознати со состојбата во партијата, велат дека назначувањето на Груби на црната листа „како да им го одзело тлото под нозете“.
„Атмосферата воопшто не е иста како што беше по наначувањето на Рамиз Мерко на таа листа, бидејќи Груби беше во врвот на партијата, политички експониран, прв вицепремиер, многу близок до Ахмети ...Сега има голема нелагодност, поточно вознемиреност. Не само што ова се доживува како порака до врвот, туку уште повеќе - како сигнал дека се губи поддршката од меѓународниот фактор. Второво ги загрижува најмногу, бидејќи во сите изминати години пред граѓаните градеа перцепција дека тие и меѓународниот фактор се на иста линија буквално за сѐ. И особено ги загрижува тајмингот на ова назначување“, вели нашиот соговорник.
Во првата реакција, Груби кажа дека таа одлука го засега „лично“.
„Како човек кој мојот јавен живот го посветив на одбраната на западните демократски вредности и кој секогаш посветено работев за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главниот столб на секоја моја акција“, порача Груби.
Фактот дека Груби зборува за „лична засегнатост“, за „негова акција“, според нашиот соговорник, има за цел штетата да не ја засегне и партијата. Но, тој се сомнева дека ќе се успее во тоа.
„Има во партијата и функционери кои не се согласуваа ни со Артан, ни со неговото фаворизирање, ни со некои негови ‘идеи’. Ама дури ни тие сега не велат ‘е, се сеќавате ли кога ние кажувавме’, што значи дека надвладува стравот оти доаѓаат тешки денови за сите во партијата, за нејзиниот рејтинг и иднина, ако клопчето почне да се одмотува. А ДУИ не ќе може да спречи или критикува таков процес, бидејќи јавно се залагаше за меѓународно мониториран ветинг и за борба против корупцијата“, вели тој.
„Антиалбанска постапка“?
И покрај таквите вербални заложби, ДУИ и редовно обвинуваше за „антиалбански постапки“, секогаш кога нејзини кадри беа посочувани за коруптивни скандали. На партијата и беше лесно такви етикети да лепи за политички противници или за медиумски наводи, но сега е незамисливо дека ќе доделат етикета за „антиалбанска постапка“ за одлуката на стратешкиот партнер.
Во меѓувреме се множат политички реакции за овој случај.
„Уште ли сметаат од СДС и ДУИ дека напорите на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за борба против корупцијата во судството е притисок врз судството“, прашаа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.
„После Мерко, сега и Груби, ДУИ има двајца актуелни функционери на црна листа на САД. Ќе го постави ли некој прашањето во ДУИ до кога вака? Или уште ќе им биде како до сега“, се вели во партиското соопштение.
СДСМ ја поздрави одлуката на Стејт департментот и ја оцени како исклучително значајна поддршката на САД на Северна Македонија во борбата против корупцијата и криминалот.
„Сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во Северна Македонија. Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани“, порачаа од СДСМ.
Коалицискиот партнер на ДУИ, Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села, исто така ја поздрави одлуката на САД.
„Ги повикуваме апострофираните, да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот, да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани. Индивидуалната одговорност е камен-темелник на една модерна, непристрасна и демократска држава“, порача Села.
Шлаканица и за Судскиот совет
Но, токму терминот „индивидуална одговорност“ го губи значењето како станува збор за одговорност на функционери од т.н. султан -партии каде што последниот збор го има лидерот. Последните две назначувања - на Груби и апелациониот судија Енвер Беџети заради истите причини, се школски пример за поврзаноста на политиката со судството.
Назначувањето на Беџети на црната листа е и шлаканица за Судскиот совет, кој овој апелационен судија го казни само со 20 % намалување на платата во трање од шест месеци. Причина за тоа беше што Беџети девет месеци неоправдано го држел во фиока предметот „Тврдина-Таргет“ во кој беше засегнат Мијалков и не го ставал на одлучување, со цел да помогне во неговото застарување. Дисциплинската постапка против него беше оневозможувана долго време, прво за да не му пречи на кандидатура за судија во Врховниот суд во март 2023 година, но тој не доби доволно гласови. Кога во април 2023 година претседателката на Судскиот совет Весна Дамева се обиде да ја стави иницијатива за одговорност на овој апелационен судија, експресно беше сменета, спротивно на законот. Заради „заштита“ на Беџети практично и почнаа серијата скандали во Судскиот совет. Иако Советот кај Беџети утврди дека нема образложение за причините за изминување на толку долг период (девет месеци) и дека се создадени услови за евентуално застарување на делата што е сериозна повреда на Законот за кривична постапка поради непочитување на роковите за донесување на одлука, наместо да го разреши, Судскиот совет во ноември 2023 година го казни само со 20 отсто намалена плата во рок од 6 месеци.