ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања и критики пред изборите
6 ноември 2023Владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно се најдоа во клинч околу исходот на изборите идната година, а разменија и обвинувања за „национализам, меѓуетничка омраза и провокации“. Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска (6.11) ја оцени како ризична за државата изјавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека по завршувањето на парламентарните избори и по евентуалната нивна победа, ДУИ ќе оди во опозиција. Спомнувањето на ДУИ, според него, е спомнување на мнозинската волја на Албанците.
Реакцијата следи по изјавата на потпретседателот на најголемата опозициска партија Александар Николовски во интервју за Радио Слободна Европа дека по изборите „влада со ДУИ нема да има“. Денеска и партискиот лидер, Христијан Мицкоски од Радовиш ги повика македонските граѓани да не наседнуваат на „националистичките провокации од лидерот на ДУИ“. Али Ахмети викендов во селото Сопот во Општина Липково отворил Меморијален центар или Музеј на УЧК, во којшто ја има картата на Голема Албанија, негови слики и на команданти во униформа и ознаки на УЧК.
„Во периодот што следи граѓаните треба да бидат внимателни, бидејќи секогаш ДУИ кога се фатени во лоповлук, во кражба, во пљачка, тие веднаш вртат на националните теми, односно на национализам и шовинизам. ДУИ е веќе во кампања, периодов што следи вакви провокации ќе има. Колку се тие провакции националистички поголеми, бидете свесни дека повторно некој тендер се решава во четири очи и повторно се пљачкаат македонските граѓани“, вели Мицкоски.
„На Албанците нема да им фали влакно“
Османи на брифинг во Скопје рече дека не е првпат да се бара ДУИ да оди во опозиција. „Се сеќавам и на изјавите на Зоран Заев на митинзите кога велеше зошто ДУИ да не оди во опозиција и знаме каков беше исходот понатаму. Овој начин на создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи во добивање на политички поени е премногу ризичен за една мултиетничка демократија како што сме ние. На ВМРО можам да им кажам дека додека е ДУИ и додека е Али Ахмети, на Албанците нема да им фали ни влакно од глава. Сите такви закани се безвредни“, рече Османи.
На забелешката на новинарите дека се спомнува ДУИ, а не сите Албанци и зошто вели меѓуетнички тензии, Османи рече дека „токму ДУИ е мнозинската волја на Албанците“.
„Спомнувањето на ДУИ е спомнување на мнозинската волја на Албанците. ДУИ ги претставува Албанците и тие не се паднати од небо. Некој ги избрал да ги претставуваат Албанците. Мнозинската волја на Албанците е кај ДУИ и затоа овој обид за создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи емоцијата кај Македонците мислам дека е далекусежно ризично за државата“, додаде Османи.
Пароли во Чаир
Тензијата дополнително ја кренаа случувањата на фудбалскиот натпревар Шкупи-Вардар во неделата (05.11), каде биле истакнати пароли во кои се вели дека Албанците требало да го исполнат историскиот аманет - „Скопје да биде срцето на Албанија“.
Османи денеска изјави дека не е запознаен што се случувало. „Не сум ги слушнал тие пораки. Секоја изјава која што предизвикува етничка нетолеранција е спротивна на законот“, рече Османи.